Разговор со сликарката Јана Јакимовска: Едно исто небо за сите нас

По претставувањето во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје, изложбата „Небо“ на сликарката Јана Јакимовска е поставена во галеријата на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово, каде што може да се посети до 1 февруари.

Изложбата со наслов „Небо“ на сликарката и вонреден професор на Ликовната академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Јана Јакимовска, поттикна многу позитивни реакции во јавноста. Иако е позната по својот општествено-ангажиран пристап во создавањето на уметничките дела, за Јакимовска работата на небесните пејзажи делувала како релаксирање и ја ставила во медитативна состојба. Досега таа имала 18 самостојни и над 80 групни изложби, а „Небо“, по скопската, може да ја види и кумановската уметничка јавност.

Што за авторот значи можноста неговите дела да бидат видени во друг амбиент и од различна публика?

– Секогаш е убаво кога има интерес една изложба да биде поставена во друг простор – ми се чини дека нема поубав комплимент за авторот од тоа. Новиот амбиент значи нов предизвик пред нова публика и во нов контекст. Колку што сакам да изложувам во мојот роден град и пред „мојата“ публика, еднакво сакам моите дела да прошетаат и да бидат видени онаму каде шансите за пристрасно набљудување се помали. Другите градови и другите држави се своевиден тест за тоа што сме направиле – публиката што не ја познаваме нема зошто да се снебива доколку нешто не ѝ се допаѓа, исто како што нема задна намера кога ни дава комплименти. Сум го искусила и едното и другото, и можам да кажам дека обете – и позитивниот и негативниот суд од публиката – се многу важни за тоа како растеме професионално. Во тој контекст, би сакала да изразам огромна благодарност на НУЦК „Трајко Прокопиев“ за покажаниот интерес да бидат привремени домаќини на овие неба.

Има ли понатамошни планови за оваа изложба?

– Со оглед на тоа дека дел од сликите наменски ги позајмив од нивни сопственици – институции и приватни лица, а останатите експресно си најдоа домови и вдомувачи, планот е после оваа екскурзија секоја слика да се „прибере“ во својот дом. Убаво е кога делата ќе пропатуваат повеќе градови и ќе бидат видени од многу очи, но не е убаво кога во меѓувреме „дремат“ по ќошиња, а кај нас сликарите од изложба до изложба тоа обично е така. Затоа, за овие дела шетачкиот дел од приказната завршува тука – барем за сега.

Небото може да биде асоцијација на слобода, безграничност, лет… со која намера ги направивте Вашите 20-ина слики на темата „Небо“?

– Кога го почнав овој циклус дела уште во 2018 година, не бев ни свесна дека почнувам циклус. Првите слики со доминантно небо ги изработив на ликовната колонија „Скопје 2018“, сосема спонтано и неплански – можеби несвесно инспирирана од висината на која се наоѓаше нашето ателје во хотелот „Арка“. Потоа, нешто „кликна“ во мене, сфатив дека работењето на небесни пејзажи ме релаксира и ме става во медитативна состојба. Природно, почнав да размислувам и за симболичкиот аспект на темата – тоа едно исто небо, кое никогаш не изгледа исто, сите го чувствуваме како свое: го доживуваме како парче синило над нашата глава и нашиот град, а забораваме дека сите кон него го креваме погледот – не се тоа различни неба, тоа е едно исто небо за сите нас на планетава. Како што навлегов во работење на дела од овој циклус, така со смеење сфатив дека циклусот сум го започнала и пред да го започнам: низ телефоните и фотоапаратите кои сум ги користела низ годините најдов десетици, да не речам стотици неба што сум ги фотографирала без некоја посебна намера, и многу од нив претставуваа подлошки за дел од платната.

Работењето на изложбата „Небо“ за време на изолацијата ми помогна многу – не можев физички да избегам од четирите ѕида, но ја имав можноста тоа да го направам преку платната / Фотографија: Драгица Николовска

Она што никако не беше планирано кога ги започнав делата и кога аплицирав со изложбата во МКЦ, беше пандемијата од ковид-19. Но морам да споменам дека токму работењето на изложбата „Небо“ за време на изолацијата ми помогна многу – не можев физички да избегам од четирите ѕида, но ја имав можноста тоа да го направам преку платната. Ми се чини дека токму тој момент и публиката инхерентно го почувствува – оттаму и позитивните реакции за овие дела.

Минатата година имавте повеќе ангажмани во однос на муралното сликарство. Каква е разликата помеѓу сликањето на штафелај во ателје и сликањето на скеле?

– Можеби ќе звучам збунувачки, но: колку што има сличности меѓу нив, толку има и разлики. И штафелајното и муралното сликарство суштински, но и формално се занимаваат со иста проблематика – имате одреден формат кој морате да го решите композициски, да го урамнотежите по повеќе параметри, да имате идеја за колоритот што го користите итн. Исто така, и на платно и на ѕид треба нешто да „кажете“. Она што е различно, пак, е кому и како му се обраќате: муралот носи друг тип одговорност, бидејќи се обраќа на јавноста на специфичен начин; постои во јавен простор, секое око го гледа, доколку не ви е пријатен за гледање потешко е да се отстрани отколку една слика на платно од ѕидот. Затоа, барем јас, кога планирам мурал, многу повеќе време посветувам на скицата, која се трудам да биде дефинитивна пред да ја пренесам на ѕидот, за да немам никакви импровизации кои би можеле (негативно) да ме изненадат во работата. Ова е важно и заради експедитивноста која е битна кога се работат големи ѕидни површини. Кога работам платна, одговорноста од тој аспект е многу помала – дали некоја слика е „убава“ или не, не е толку важно – публиката не е приморана да ја набљудува секојдневно, не ѝ е наметната во јавниот простор. Исто така, на платното си оставам простор за експерименти и импровизации – многу е полесно да пресликате или фрлите едно платно отколку еден ѕид, хахаха. Понатаму, постојат разлики и во занаетскиот третман: муралот најчесто бара погруб третман, а фактички почисти површини – деталите се перципираат од поголеми далечини, додека платното трпи и поинаков пристап – минуциозни детали во одредени сегменти, фактурни потези итн. Ух, има уште многу што би можела да кажам на темава, ама ќе снема место на страницава, хахах.

Некогаш ни е потребна и релаксација, разонода, ескапизам, а токму таков ескапизам ми беа овие небесни пејзажи

Претходно создававте уметнички дела во кои доминантна тема беше самоанализата и авторефлексијата. Планирате ли да се вратите на таквиот ангажиран уметнички подвиг?

– Во догледно време, планирам да не планирам, хахах. Ми се чини дека, кога станува збор за творештво, убаво е да си дозволиме периоди на стихија. Автопортретот ме прогонува како тема долго време, низ него најчесто „протнувам“ други прашања кои потешко се голтаат – доживување на самите себе како субјект, објект, сексуал(изира)но битие, потоа доживувањето на нас од страна на другите по сите овие прашања, но и некои други, како прашања на позицијата на жената во општеството кое често не е наклонето кон неа, насилството врз жените, силните табуа врзани за телесноста итн. Тој тип активистичко, т.е. ангажирано творештво често го чувствувам како примарен, поради неговата општествена важност. Но, никој од нас не е цело време „на работа“, некогаш ни е потребна и релаксација, разонода, ескапизам, а токму таков ескапизам ми беа овие небесни пејзажи. Утре, можеби, ќе се дестилираат други важни општествени теми на кои ќе сметам дека треба да се осврнам, а кој ли знае што ќе ми биде бегство од тоа!?

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 66, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот