Разговор со шпанската писателка Ирене Сола: Сакам да ја разнишам идејата дека луѓето се центарот на светот

Издавачкиот центар „Три“ на 26 март, со почеток во 19 часот, во МКЦ организира средба со две големи имиња на европската литература, шпанската писателка Ирене Сола и германскиот писател Матијас Наврат.

Двајца добитници на Европската награда за литература за 2020 година ќе бидат претставени на настанот „Уметноста на пишувањето: споделуваме приказни со европските писатели“. Станува збор за шпанската писателка Ирене Сола и германскиот писател Матијас Наврат.

На настанот ќе бидат промовирани нивните книги „Пеам јас и планината танцува“ и „Тажниот гостин“, објавени од издавачот „Три“, а промотор ќе биде Владимир Јанковски. Проектот е поддржан од „Креативна Европа“ и се реализира под слоганот „Читањето нè сплотува“.

Шпанската писателка Ирене Сола (1990) никогаш не била во Скопје и со големо љубопитство ја очекува средбата со читателите тука. Дипломирала ликовни уметности на Универзитетот во Барселона и магистрирала литература, филм и визуелна култура на Универзитетот во Сасекс.

Има многу поетика во Вашата проза и многу легенди во Вашите приказни. Како се раѓа желбата да се напише песна, расказ, роман?

– Пишувањето, како и секој креативен проект, е поврзано со игривоста, љубопитството, учењето, поставувањето прашања, со истражувањето, така што би рекла дека сите мои проекти се раѓаат од желбата да дознаам повеќе работи, да размислувам подлабоко и критички за најразлични идеи. Би рекла дека тоа е почетокот на секој проект.

Во приказните од „Пеам јас и планината танцува“ е опишана исконски чиста природа. Дали тоа е Вашиот начин на борба за зачувување на природната околина?

– Една од работите што се обидувам да ги постигнам во „Пеам јас и планината танцува“ е да ја надминам човечката гледна точка, да ја разнишам идејата што ние луѓето често ја имаме дека сме или веруваме дека сме центарот, причината и значењето на сѐ што нѐ опкружува. Во овој роман ми беше важно да си поиграм со тоа и да се обидам да раскажам приказна од гледна точка на сите живи суштества кои живеат на Пиринеите или кои минуваат низ планините – од луѓето кои живеат таму, од луѓето кои можеби починале таму, до животните, печурките, бурата која наближува, до митолошките суштества кои можеби живеат таму, па дури и самата планина.

Што значи за Вас кога Вашите книги ќе добијат превод на друг јазик?

– Тоа е мошне возбудливо и прекрасно. Имам чувство дека на тој начин на мојата книга ѝ пораснале нозе, можеби дури и опашка, и сега патува низ светот, па преку неа и јас ги посетувам домовите на луѓето во кои инаку не би можела да отидам. Сметам дека тоа е исклучително и многу сум им благодарна на сите издавачи и преведувачи што го овозможуваат тоа.

Што очекувате од гостувањето во Скопје?

– Мошне сум љубопитна. Никогаш не сум била во Скопје, во Македонија, затоа одвај чекам да ве посетам, да се запознаам со издавачот, да се сретнам со некои мои македонски читатели. Многу сум возбудена што набрзо ќе ве посетам. Многу ви благодарам и се гледаме наскоро.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 122, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 март 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот