Разговор со Сеад Хаџиќ – Сецко од бендот „Мугер Фугер“: Верни љубители на органскиот звук

На 11 март во „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија и на 12 март во „Кјуб“ во Куманово, пријателите и љубителите на групата „Мугер Фугер“ можат да присуствуваат на слушачката промоција на нивниот нов албум со наслов „Дом на змии и влекачи“.

Скопската рок-група „Мугер Фугер“ во еден период објавуваше најмалку еден, а понекогаш и два албума годишно. По двегодишна пауза деновиве го промовираат својот 12-ти албум, овој пат со наслов „Дом на змии и влекачи“.

На тематски план групата создава песни во кои отворено ја изразува својата нетрпеливост кон неолибералниот капитализам. На музички план нивно обележје е страста кон аналогниот гитарски звук со психоделична атмосфера. На некои албуми навлегуваат во британскиот „шугејз“ и во американскиот „ноувејв“ стил. Името на бендот доаѓа од аналогните педали за електрична гитара „Мугер Фугер (moogerfooger)“. Заштитен знак на групата е и употребата на стара аналогна опрема.

Бендот функционира од 2004 година, првиот албум со наслов „Мугер Фугер“ го објавуваат во 2005 година, а како членови на бендот биле повеќе музичари од македонската рок-сцена. Во последниве неколку години чест гостин и соработник на бендот е Горан Трајкоски – Готра („Апореа“, „Падот на Византија“, „Мизар“, „Анастасија“), а таков е случајот и со новиот албум.

Сецко со дел од своите гитари што ги користи на концертите на „Мугер Фугер“ / Фотографија: Зденко Петровски

Двигател на идејата за опстојување на „Мугер Фугер“ е гитаристот Сеад Хаџиќ – Сецко, кој веќе има изградено свој и препознатлив гитарски израз. Специфично за неговата работа е што на концертните промоции на албумите, речиси, на секоја песна ја менува гитарата, а со него на сцената често има и по десетина различни гитари. Деталите за новиот албум на „Мугер Фугер“ ги дознаваме во разговор токму со Сеад Хаџиќ – Сецко.

Слушачка промоција на новиот албум „Дом на змии и влекачи“ на „Мугер Фугер“ се случува викендов во Скопје и во Куманово. Во кој формат, како чие издание и со кои членови на бендот е снимен и објавен албумот?

– Албумот е издаден на касета во траење од 90 минути, каде на А-страна се објавени осумте композиции од новиот албум „Дом на змии и влекачи“ со траење од 45 минути, додека на Б-страна од касетата е ставен албумот првенец на „Мугер Фугер“, снимен 2005та година, исто така во траење од 45 минути. Екипата која го свиреше и подготви албумот е во состав Сецко, Огнен, Диме, Готра, Ицко, Сашко К., Идриз, Салпе и Шикси. Издавачи на албумот се „Wire“ од Куманово, кои се едни многу амбициозни момци и музички фанови.

Зошто албумот го издавате на касета? Зарем тоа не е формат што веќе никој не го користи? Која е симболиката на тој потег?

– Како љубители на органскиот звук се одлучивме да снимиме ограничен број примероци од албумот на касета, а исто така албумот ќе има и свое дигитално издание. Ова е симболичен гест да се оддаде почест на изумителот на касетата, Холанѓанецот Лу Отенс, човекот кој засекогаш го смени начинот на слушањето музика и ја направи подостапна.

Албумот е одличен микс од психоделични гитарски звуци, аналогни синтисајзери, ритам машини и „олд скул“ тапани снимени на само два канали

Ковид-пандемијата ја наруши вообичаената перцепција на времето, но околу две години поминаа од претходниот албум на „Мугер Фугер“. Свесно направивте дистанца од „Во ова време“?

– Времето поминато помеѓу двата последни албуми го посветив на моето семејство и на завршувањето постдипломски студии, додека случувањата со пандемијата само не поттикнаа да го кренеме гласот против неолибералниот корпорациски фашизам.

Насловната нумера носи цврст гитарски звук и вокал на Горан Трајкоски. Дали целиот албум е направен во тој правец?

– Албумот е одличен микс од психоделични гитарски звуци, аналогни синтисајзери, ритам машини и „олд скул“ тапани снимени на само два канали. Песните се овој пат подолги од вообичаено и траат по 7 или 8 минути.

Повеќе албуми наназад соработувате со Горан Трајкоски – Готра. Дали и на овој албум тој ги пишува текстовите?

– Готра е продуцент на албумот, текстописец на две песни, свири бас гитара, баритон гитара, гитара, синтисајзер и перкусии на двете песни кои ги отпеа на албумот.

Во последниве неколку години Горан Трајкоски – Готра има свој креативен удел на албумите на „Мугер Фугер“

Каков е тој „дом“ на змии и влекачи, фиктивен или реален? Која е вашата порака што би сакале да се слушне од албумот?

– Најавата дека изгубената реалност ќе ни биде заменета со уште една нова реалност не натера пораката која ја носи албумот „Дом на змии и влекачи“ да биде многу реална.

Постариот брат на „Мугер Фугер“ е бендот „Ласт експедишн“. Дали и со тој состав имате некакви планови годинава?

– Ха, ха! Секогаш имаме некакви планови што можат да се реализираат. Можеби годинава, којзнае.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 120, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13 март 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот