РАЗГОВОР со психолог Игор Угриновски: Децата со аутизам најдобро учат низ игра

„Малите научници“, како што ги нарекуваат децата со Аспергеров синдром, одново го разбудија интересот на многумина да научат повеќе за оваа состојба откако светот ја запозна Швеѓанката Грета Тунберг, младата активистка за борба против климатските промени, кај која овој синдром го откриле во подоцнежна возраст, на десетина години.

Психологот Игор Угриновски од едукативниот центар за деца со посебни потреби „Работилница“ во Козле, објаснува дека Аспергеровиот синдром најчесто се дефинира како високофункционален аутизам со сочуван говор и интелигенција.

– Вообичаено оваа дијагноза се дава кога имаме слика на високофункционален аутизам, при што говорот и општата интелигенција се нормално развиени за возраста, а тешкотиите се врзани со тесните интереси на детето, социјалното „неснаоѓање“, недостаток на разбирање за невербалната комуникација и недостаток на нејзината соодветна употреба (несоодветен тон при зборувањето, „роботски“ глас, несоодветно акцентирање или интонирање итн.). Често во пакет оди и физичка трапавост и несмасност. Многумина можат да се сетат на некое другарче од детството кое било премногу повлечено, кое зборувало „чудно“ иако разбирливо, кое пребуквално ги сфаќало работите, не ги разбирало најдобро шегите, ама било тата-мата за математика или историја или цртање, дури и толку многу окупирано со одредена тема што само за тоа сакало да зборува и тоа како експерт на темата. Мал Тесла! Всушност, за некои познати научници од минатото денес се смета дека имале некоја форма на аутизам, најчесто токму Аспергеров синдром, па често се нарекува „синдром на малиот научник“.

Иако, како и аутизмот, почесто се јавува кај момчињата отколку кај девојчињата, денес се повеќе возрасни жени пријавуваат дека ги имаат карактеристичните проблеми и дека ги имале уште од деца, па сфаќањето дека аутизмот повеќе ги погодува момчињата полека се врти кон сфаќањето дека всушност девојчињата успеваат подобро да „компензираат“ за своите недостатоци, повеќе се заинтересирани да „научат“ од околината како да се однесуваат соодветно и така всушност поминуваат „под радарот“. Често девојчињата со Аспергер едноставно не делуваат „доволно“ нетипични за да добијат дијагноза, иако ги имаат истите проблеми што ги има нивното машко другарче со Аспергер – објаснува нашиот соговорник.

Кажете ни, како родителите да препознаат дали нивното дете има аутизам? Која е најраната возраст на која може да се забележи дека детето има аутизам, но и што е најважно да се направи во прв момент?

– Некои знаци што упатуваат на можноста за аутизам и слични состојби, можат да се забележат многу рано, уште во првите месеци од животот, па дури и во првите недели. Она што родителите или другите блиски можат да го забележат рано е карактеристичниот слаб контакт со очите и незаинтересираноста за луѓето, ни за најблиските. Ако бебето не покажува интерес за мајката (таткото, бабата…), не се смешка кога ќе му влезат во видното поле, не ги забележува, не се обидува да воспоставува контакт со нив, да им гуга, да бара внимание, туку повеќе е окупирано со себеси или со некој предмет, тоа е најсериозниот аларм да се обрне внимание на можноста дека детето има потреба од помош. Најважно е соодветната поддршка да почне на што е можно порана возраст, па на овој многу важен знак треба да му се обрне особено внимание.

Честите неутешни плачења на бебето, кои некогаш дури и се зголемуваат кога родителот ќе го земе в раце, преосетливоста на гласни звуци и бучава, преосетливоста на светлина или на движења, допири, миризби и сл., се други значајни рани знаци што би требало да го покренат алармот на родителите да истражат повеќе дали и со какви проблеми се соочува нивното дете. Стручните лица, некои педијатри или дефектолози што имаат соодветна обука, би можеле многу рано да забележат неинтегрираност на одредени рефлекси кај бебето, наречени „примитивни рефлекси“, зашто се дел од биолошката програма за развој на мозокот. Тоа од една страна веднаш би укажало на некаков развоен проблем, а од друга страна со соодветни вежби може да се влијае врз интеграцијата на тие рефлекси, што вообичаено дава многу позитивни и темелни резултати.

 

Како родителите треба да пристапат кон новонастанатата ситуација, како полесно да ги преминат препреките што им стојат на патот, поставени од сопствената психичка состојба, потребите на детето и суровоста на околината?

– По лошите вести (дека детето веројатно има аутизам или друго первазивно нарушување), вообичаено на родителите им треба време да се соземат од шокот. Не е лесно да дознаеш дека сè она што си го замислувал и планирал за својот и за семејниот живот, сега треба да го замениш со нови, нималку весели планови за испитувања или терапии. Но, потребите на детето не чекаат, па најчесто тоа е и пресудниот импулс за повеќето родители да „излезат“ од шокот и да се зафатат со работа. Од искуство, најмногу помага поддршката од сличните паталци. Фејсбук-групите и дружењето со други родители значително го олеснуваат прифаќањето. Кога човек гледа дека не е сам во своите маки, кога гледа модели од други родители како се справуваат со тешкотиите, некои од нив со многу поголеми проблеми, добива пореална перспектива за новата животна ситуација и неговата лична улога во неа. На оние родители на кои им е потешко да најдат сили да се „исправат“ по падот, професионална помош би им била добредојдена. Некаква искуствено-тераписка група сочинета од родители под водство на професионалец, можеби би била идеално решение.

Дали Македонците се хуман народ и имаат емпатија кон децата кои во одредена мера се посебни и имаат потреба од дополнителна љубов, грижа и внимание?

– Дека Македонецот е хуман нема дилема, а не заостануваат ниту другите балкански народи. Толку луѓе се лекуваат со донации од хуманите сограѓани и толку акции се поттикнати од чиста љубов кон човекот и природата што човек стекнува впечаток дека подобро сме организирани вон системот, отколку во него. Најчесто проблеми со другите луѓе има кога не ја препознаваат состојбата кај детето или кога сметаат дека тоа е разгалено и се што е потребно е „цврста рака“. Родителите сме сведоци дека сме го пробале и тоа и дека најчесто сме увиделе дека тоа е како да го караш детето со стомачен вирус и температура што повратило на тепихот. Детето не павта со рацете за нас да нè нервира, туку затоа што тоа му помага да се растовари од некоја напнатост. Тоа не пружа отпор при влегување во трговски центар од инает, туку затоа што бучавата, миризбите или трепкавите светла го доведуваат преку работ на она што може да го издржи. Детето не игнорира затоа што ги мрази родителите, туку оти е преплавено од комплексноста на човековата појава и однесување. Па така, наместо „цврста рака“ што се стреми да го промени однесувањето на детето, повеќе одговара „мека рака“ која се стреми да го прилагоди своето однесување кон природата и потребите на детето за да може да остварува контакт со него, па постепено да го вовлекува во нашиот свет.

Кажете ни нешто повеќе за вашиот дневен центар. Како им поминува времето на дечињата што го посетуваат? Дали повеќе ставате акцент на нивна едукација или, пак, им оставате поголем простор за игра и дружење?

– Според мене, играта и едукацијата на едно дете се иста работа. Дали кога ќе речеме дека некој родител многу „работи“ со своето дете, мислиме на тоа дека редовно седнува да му помогне со домашната по математика или трпеливо му објаснува како да си ги врзе врвките? Или, пак, сметаме дека и носењето дете „на ушка“, играњето криенка и брканица или едноставно гушкање со детето, се исто така „работа“? Дали сметаме дека градењето топол однос со детето, мотивирањето да донесува одлуки и да ги почувствува последиците, како и давањето слобода да се движи и експериментира со телото, придонесува повеќе за неговиот емотивен, интелектуален, социјален или физички развој, од вежбањето математика или терањето да каже „благодарам“?

Детето, пред да појде на училиште, ги научува сите основни вештини и тоа исклучиво низ игра. Не учело од книги мајчин јазик или социјални вештини, ниту некој му дал упатства како да трча и да набљудува инсекти, па сепак го научило сето тоа, најмногу со истражување (обиди и грешки), набљудување и имитирање на другите и со логичко расудување. Предуслов за истражување е чувството на доверба и сигурност, предуслов за имитација е постоење интерес за луѓето, а предуслов за логичкото расудување е емотивната „логика“. Кога кај децата со нетипичен развој е намалено чувството на сигурност, а емоциите преплавуваат (како кај аутизмот, на пример), тогаш и тие помалку можат да се вклучат во светот и да учат за него, па логично е дека надминувањето на овие пречки е клучно за развојот.

Какви услуги им нудите вие на децата, но и на родителите во вашиот центар, која е вашата крајна, заедничка цел?

– Во „Работилница“ најмногу од сè се нуди игра со детето. Колку и тоа некому да делува како нешто споредно во однос на „сериозна работа“, сепак е најсериозно на свет и поважно од вежбањето вештини како споредување големини, препознавање бои или изговарање одредени зборови. Може да ја наречеме „тераписка игра“ за да звучи посериозно, но сепак тоа е „најобилна“ игра и тоа онаква каква што сака детето. Градењето атмосфера каде што детето ќе се чувствува прифатено со сите негови особености е единствениот начин да се отвори кон светот. Тоа нема да се почувствува прифатено ако ние цело време се трудиме да го модификуваме неговото однесување, без да ја земаме предвид неговата функција.

Во мојата работа, мене ми е најважно да воспоставам контакт, а тој контакт да го надоградувам и да ја проширувам меѓусебната комуникација, била таа вербална или, како што е најчесто, невербална. Кога вие се трудите да го разберете детето што сака, наместо да го терате тоа да разбере што сакате вие, тоа повеќе ќе се труди да комуницира, за да добива она што го сака. Воедно се грижам да се создаде весела и опуштена (што значи: сигурна) атмосфера каде што детето се чувствува прифатено, почитувано и сакано, за да се осети доволно моќно да го истражува светот и врските меѓу појавите, односите со луѓето и сопствените емоции. Ваквиот пристап, кој е најблизок до методите како Флортајм (Floortime) и Сон-рајз (Son-rise) е побавен на почеток, но дава најтемелни резултати. Одлично е кога и родителите имаат сличен пристап, па затоа „Работилница“ нуди и еден вид индивидуална практична обука за заинтересираните родители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот