Разговор со Маркета Фантова, уметничка директорка на Прашкото квадриенале: Своите идеи сценографите ги пренесуваат преку цртеж

Маркета Фантова, уметничка директорка на Прашкото квадриенале

Сценографката и уметничка директорка на Прашкото квадриенале Маркета Фантова, за време на фестивалот Млад отворен театар три дена престојуваше во Скопје испитувајќи ги можностите за понатамошна соработка со македонски уметници.

Во киното во Железничката зграда (ул. Борка Талевски 26) во Скопје за време на фестивалот Млад отворен театар три вечери се изведуваше програмата насловена „Градот како сцена – приказна за шетачката“. Меѓу посетителите што љубопитно го следеа перформансот беше и Маркета Фантова, уметничка директорка на Прашкото квадриенале на изданијата што се одржаа во 2019 и 2023 година.

Изданието пред четири години е особено важно за македонската јавност, бидејќи тогаш македонскиот павилјон ја доби престижната награда „Златна трига“ за најдобар проект на Прашкото квадриенале. Присуството на Фантова во Скопје го искористивме за разговор во кој ни ги пренесе своите искуства од нејзината работа на квадриеналето во Прага.

Со каква цел дојдовте во Скопје за време на фестивалот Млад отворен театар?

– Дојдов за да ги проследам перформансите на организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФРУ)“, но исто така, долго време се познаваме и со Филип Јовановски. Го следев нивниот проект со „Поштата“, а сега го видов и перформансот што го изведоа во киното на Железничката зграда во Скопје.

Таа идеја, таа енергија и работата на „Факултет за работи што не се учат“ беа пресудни да ја освојат првата награда на Прашкото квадриенале во 2019 година. Тука сум да видам со каков влог се случуваат таквите перформанси, имајќи предвид дека станува збор за сосема друг амбиент од тој на квадриеналето во Прага, но и комплетно различен од тој во Берлин или во Украина, различен дури и од моите искуства од Соединетите Американски Држави.

При изведувањето на перформансот на секоја локација треба да се справите со различни учесници во проектот и со различна логистичка поддршка, но Филип успеа да оствари соработка со Архитектонскиот факултет и на тој начин го најде методот како да функционира во различни простори и амбиенти. Тој успеа да го привлече интересот на студентите и на публиката. Тоа ме заинтересира и се обидувам да откријам кои идеи функционираат.

Така што, дојдов тука за да се обидам да им помогнам во одржувањето на проектите и можната поддршка што би ја добиле од другите партнери во проектите. На некој начин станува збор за размена на знаење и искуство кои планираме да ги запишеме и публикуваме како нови методологии и алатки за работа.

Меѓу посетителите што љубопитно го следеа перформансот во Железничката зграда беше и Маркета Фантова

Какво е значењето на Првата награда за проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ од 2019 година и колку таа е една од причините за Вашето присуство тука?

– Наградата „Златна трига“ секако дека има значење. Прашкото квадриенале е посветено на сценографијата, која во последно време не се користи само во театар, туку се употребува на многу различни места. Во однос на проектот од 2019 година мислам дека павилјонот на Северна Македонија раскажа интересна приказна, но уште поважно беше што со проектот се планираше обнова на запуштената просторија на киното во Железничката зграда, со намера да се врати на заедницата. Тоа за нас беше многу уникатно.

На изложбата на Прашкото квадриенале учествуваат стотина држави, независно дали со студентски или професионални проекти, но конкуренцијата е огромна и има многу различни идеи. Затоа освојувањето на „Златната трига“ е многу важно. Жирито одлучи да ја додели наградата на македонскиот проект, бидејќи стануваше збор за простор во градот што се распаѓа, а со културолошки и сценографски проект се планираше истиот да се обнови и да се врати назад на заедницата. Мислам дека тоа е многу важна порака што ја праќаше проектот.

Всушност, какво е значењето на Прашкото квадриенале во светски рамки?

– Прашкото квадриенале е основано во 1967 година, значи една година пред руската инвазија на Прага. Но корените на идејата за квадриеналето одат подалеку, во Бразил, до уметничкото биенале во Сао Паоло, каде што одлучиле да востановат секција за сценографија. Бидејќи со текот на годините чешките сценографи постојано ги освојувале првите места им се чинело дека нешто интересно се случува со чешката сценографија. Се појавила и идеја дека би било добро некои од проектите на биеналето во Бразил да бидат претставени во Европа.

Иако во тоа време Чехословачка била зад „железната завеса“, сепак, било востановено квадриеналето во Прага. Бидејќи било интернационално, веднаш станало мост на размена помеѓу тогашните Источен и Западен блок. Сценографијата е една од областите во театарот за која не е потребно познавање на јазикот, бидејќи сценографите креираат околина во која се изведуваат театарските претстави. Сценографите цртаат и не е неопходно да зборуваат, а своите идеи ги пренесуваат преку цртеж. Така почнала да се одвива комуникација без да има потреба да се познава јазикот.

Бидејќи се одржува на секоја четврта година, Прашкото квадриенале стана еден вид сценографска олимпијада со учество на земји од целиот свет. Порано тоа најчесто биле изложби, но во последно време се изведуваат и перформанси. На почетокот имало по 30-ина учесници, но сега бројките се над сто проекти или држави. Посетеноста на квадриеналето се движи од 20 до 70 илјади посетители. Тоа е навистина голем настан за луѓето од областа на театарот, архитектурата, за професионалци, но и за студенти.

Како Вие станавте дел од Прашкото квадриенале?

– Мојата поврзаност се појави на интересен начин. Мојот дедо беше сценограф и е првиот што ја добил првата награда на биеналето во Сао Паоло. Мојот татко во еден период беше архитект на Прашкото квадриенале и тогаш со него шетав низ просторите во кои се одржуваше квадриеналето. Така што уште во моето детство знаев за постоењето на Прашкото квадриенале.

Потоа заминав во Соединетите Американски Држави и на некој начин ја прекинав врската со Чешката Република, бидејќи од другата страна на океанот бев на сосема други универзитети, но продолжив да работам како сценограф. На тој начин станав член на „Ју-ес-ај-ти-ти“ (USITT), кои го организираа американското учество на квадриеналето во Прага.

Следен чекор беше да аплицирам за учество на квадриеналето со мој проект и тоа се случи во 2015 година. Така се зближив со раководството на квадриеналето. Во меѓувреме со мојот сопруг планиравме да се вратиме во Чешка. Ми требаше работа и се пријавив на конкурсот на квадриеналето и бев избрана да бидам уметнички директор на изданијата во 2019 и 2023 година. Бидејќи правилникот на квадриеналето дозволува само две изданија на кои може да се биде уметнички директор, овие денови завршува мојата работа со Прашкото квадриенале.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 206, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот