Разговор со Ели Танасковска: Сè уште срцето ми трепери кога влегувам во студио

Најважните лекции за професионалноста ги добила од три жени, од режисерката на детската радио драма Славица Тодорова, по неа – од Софија Гогова-Врчаковска, а од неодамна, од Нела Гудељ, жената која ги поставува постулатите на ХРТ.

Освен љубовта кон професијата, што треба да се поседува за толку долго да се остане успешен на телевизискиот екран? Тоа беше првото што ја прашав Ели Танасковска, уредничка и водителка во МТВ. Секогаш кога ќе ја видам Ели, секогаш на ум ми доаѓа истото прашање и уште дузина потпрашања од типот, „толку години, три децении…, од каде истата страст, истата енергија, зарем секогаш си расположена? Никогаш не ти се смачи?“. Но, таа целиот нејзин живот се подготвувала за оваа професија, а веројатно не ни знаела. Кога била дете, кога се запишала во радио-детската драма. Растела со најдобрите актери, режисери. Оделе на фестивали. Го освојувале етерот со највисоки признанија. Била студент кога заминала во културната редакција на Македонското радио. И оттука во ТВ. Почнала со прилози. Го забележале нејзиниот талент за пишување, за лесна комуникација и влегла во студио.

Кога еднаш ќе го почувствувате мирисот на филтрите на рефлектори, полното студио, живата емисија, освоени сте до крајот на животот, ми одговара Ели и додава, новинарот е новинар 24 часа. Тука е твојот карактер, твоите способности, дисциплина, почитување на соговорникот, подготовка за секоја тема, односот со колегите. Тоа е жив организам, во кој секоја клетка треба да е жива, да функционира. И по три децении, мене срцето ми трепери кога влегувам во студио. Влегуваш во домовите на гледачите, ги доживуваш како најблиска фамилија.

Од кои жени ги доби најважните лекции за професионалноста и кој совет ти е најдраг и најкорисен?

– Режисерката на детската радио драма – Славица Тодорова! Авторитет, влегуваше и нè учеше на дисциплина. Понекогаш и сурова во вајањето на нашите карактери, денес крајно благодарна зашто од неа научив сè. Научив што е интерпретација, акцентирање, однос кон микрофон. Научив на 9 години како се користи прибор во ресторан, како се седи исправено, како се држи чаша со вино правилно. Научив кој прв влегува во лифт, кој во ресторан. Научив да слушам, да создавам. Сега сум многу благодарна иако како дете чувствував мачнина во стомакот кога одев на проба. Дали ќе ја одиграм добро улогата, дали ќе одговорам правилно на поставени прашања од енциклопедија?! Потоа дојде Софија Гогова Врчаковска. Од неа учев за уметноста, за културата, за музиката. Пред неколку години ја запознав Нела Гудељ, жената која ги поставува постулатите на ХРТ. Со неа станав сродна душа. Таа знае сè за медиумите. Поминавме заедно многу панели, средби, состаноци. Таа е учебник за медиумите и консументите. Веројатно по тоа богато искуство добивме признание за ТВ-мостот со Азербејџан. Нивната екипа – 30 вработени. Ние 5. И бевме точни во секунда. Во нашето студио продефилираа дваесетина еминентни гости, тоа беше прекрасен проект! Тоа беше време исполнето со најдобри кадри од телевизиите на ЈИЕ. Експерт до експерт!

Младите кадри мора да ги поминат сите филтри, а не веднаш да се втурнат да пливаат во океан.

Што би им препорачала на младите кои штотуку запловуваат во оваа професија?

– Телевизијата има голема моќ! Треба да сме свесни за секој изговорен збор. Тој не поднесува разорна енергија, дефект. Младите кадри мора да ги поминат сите филтри, а не веднаш да се втурнат да пливаат во океан. Да учат, да се надградуваат, да вложуваат во себе, да ја сакаат оваа привилегија! Привилегија е да имате можност да бидете во близина со славни и важни луѓе, оттука и од светот. Да не копираат никого. Само оригиналот е – оригинал! Да ги искористат сите свои таленти, да не се срамат. И да знаат дека умереноста е добра мерка.

Ако не можам да ги сменам приликите, системот, луѓето околу себе, си правам промени на себе.

Кои ти се приоритетите и предвизиците во животот сега, на 50+?

– Секогаш и засекогаш, семејството! Уживам додека им подготвувам храна, додека патуваме. Не велам „спијам“ кога Изабела ќе ме побара во четири наутро, напротив, скокам од спалната соба и почнуваме разговори. Имаме една тајна. Волшебно ќебе под кое се покриваме и божем сме заедно во тајно место. И така покриени под него, се смееме, раскажуваме… Сè до моментот кога сите го чекаме, сите да сме заедно. Во Канада или овде.

Често го менуваш имиџот, а го задржуваш стилот. Што за тебе значат овие свежи промени, а што значи да се има стил?

– Во принцип, јас сум личност која се врзува за луѓе, предмети, места, изглед. Но, дојде период кога една мачна моја состојба ја прекинав со едноставно одење на фризер. Од коса скоро до половината, реков „крати, сè скрати!“

Така можеби го скратив тој период. И сега уживам во сите мои трансформации. Мали, чести промени на фризура, облекување. Веројатно сфатив дека сето тоа е карактеристика на менталната состојба, карактерот, емоциите. Ако не можам да ги сменам приликите, системот, луѓето околу себе… јас си правам промени на себе. И среќна сум кога и другите ја забележуваат оваа промена на подобро. Во оваа доба од животот, задоволно погледнувам назад… Среќна што работам професија која премногу ја сакам, семејство кое ги споделува сите свои емоции, голем број пријатели насекаде низ светот. Ми фалат прегратки, ми фалат насмеани лица без маски, ми фали да ја почувствувам искрената среќа и љубов, кај сите. Зашто на крајот од сè, само таа, љубовта е најголемиот архитект на сите наши воздишки и гласни насмевки.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот