Разговор со Елена Тодоровска, портретист: Секој портрет е приказна сама за себе  

Изработката на портрет е бесценета работа. Парите се само награда за вложениот труд и посветеното време. Секој портрет е уникатен и има свои карактеристики, приказна сама за себе. 

Дипломираната економистка Елена Тодоровска, денес е позната портрет-мајсторка. Во уметноста се пронаша себеси уште од најмала возраст. Искуството и сè она што го научила во животот ѝ помогнале да сфати дека токму уметноста е една од оние работи кои безусловно ги сака, ја исполнува и ја прави среќна. Вели дека има огромна поддршка од семејството што за неа е најважно за успешно балансирање помеѓу обврските и себереализацијата.

Што е најважно при изработка на еден портрет за да биде реалистичен?

– Од клиентите убава фотографија со висока резолуција од која без да правам импровизации ќе го доловам секој детаљ и ќе го пренесам на хартија. Од моја страна, најважно е сè она што го гледам на таа фотографија убаво да го изанализирам, и да посветам доволно внимание, труд и време за да го претставам на хартија на најдобар можен начин, обрнувајќи внимание на секој детаљ. Сите портрети ги работам со многу љубов, така што целата постапка за мене е една нова авантура и ми причинува задоволство кога знам дека работам на уметничко дело кое ќе остави белег и ќе живее вечно.

Кои портрети ти се најголем предизвик за изработка?

– Секој портрет за мене е предизвик. Предизвик да ја доловам совршеноста и уникатноста на ликот што го цртам, да успеам да го доловам секој детаљ и секоја карактерна црта што го прави единствен и да му дадам душа.

Ако треба да изработиш портрет на тема македонска жена, како би ја претставила?

– Во досегашните портрети имав привилегија да нацртам многу женски ликови преку кои би можела да го доловам портретот на тема македонска жена…Дефинитивно тоа е прекрасна жена за која не постојат зборови да се опише колку е таа во хармонија со природата, зрачи со убавина, има насмевка која плени и сјај во очите кои кога ќе ги погледнете ќе ве асоцираат на нежност, топлина и заштита, а истовремено и на храброст, сила и поддршка. Спој на вековна традиција, мајка и жена-борец…, сè тоа како дел од  еден поглед, една слика која никого не би оставила рамнодушен.

Колку чини една портретна слика?  

– Изработката на портрет е бесценета  работа. Парите се само награда за вложениот труд и посветеното време. Секој портрет е уникатен и има свои карактеристики, затоа е индивидуално, приказна сама за себе. Станува зббор за различни димензии, различен број ликови, дополнителни детали, изработки со молив или молив во боја…сè тоа детално го договарам  допишувајќи се со сите што се заинтересирани на мојата Фејсбук страница: Elena Todorovska Art, каде можат да се видат примери од веќе изработени портрети и начинот на изработка на истите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот