Разговор со Бранислав Николов, Пијан Славеј од групата „Фолтин“: Зависник сум од ритамот, мелодијата и од формата во поезијата

Вокалистот на групата „Фолтин“, Бранислав Николов, под уметничкиот псевдоним Пијан Славеј на книжевниот фестивал „Проза Балкан“ ја промовираше новата стихозбирка „Срчки“, а издавач на книгата е „Прозарт медиа“.

Концертите на групата „Фолтин“ често ги опишуваме како надреално музичко-лирско кабаре што поттикнува жешка танцувачка атмосфера. Страсниот и жив пристап кон музицирањето, го оформија карактерот на битолската група, која повеќе од 22 години има уникатно место на македонската музичка сцена. Исклучително значаен сегмент во музиката на групата се лиричноста на стиховите и сценскиот настап на вокалниот солист Бранислав Николов.

Музичкиот јазик на „Фолтин“ понекогаш е „имагинарна смеса или фонетска имитација на неколку странски јазици“, а слушателот вибрациите ги прима со срцето. За да нема недоразбирање, Бранислав Николов под псевдонимот Пијан Славеј почна да ги објавува своите стихови, дел од нив употребени за песните на групата, а дел од сопственото поетско творештво. Пред две години беше објавена стихозбирката „Креветизам и хоризонтала“, а деновиве беше промовирана книгата „Срчки“.

Пред околу две години разговаравме за „Креветизам и хоризонтала“. Овие денови повторно имаме поетски мотив, а тоа е објавата на твојата втора стихозбирка „Срчки“. Што е срчка?

– Значењето на зборот „срчка“ за мене, барем според звуковната асоцијативна вредност, е нешто најблиску до срцев удар, или ете, попоетски, нешто што тешко ми паѓа на срце, некакво силно доживување. Зборот фреквентно се појавува и во стиховите на објавените песни.

Кога беше објавена твојата прва стихозбирка „Креветизам и хоризонтала“, можеби, малку бев изненаден, но појавата на втората книга некако ја очекував. Има ли разлика во создавањето на овие две книги?

– Има разлика. „Срчки“ е повеќе поетска книга. Повеќепати сум кажал дека, во суштина, јас сум сонграјтер (пишува песни за музичка изведба, н.з.), и не сум, и не се чувствувам како поет. Во времето на излегување на мојата прва стихозбирка, „Креветизам и хоризонтала“, повеќето од половината од песните објавени таму веќе беа на албумите на „Фолтин“. Сега е поинаку. Сега, повеќето песни се само на хартија.

Промоцијата на новата книга „Срчки“ од Пијан Славеј се одржа со музичко-поетски перформанс (Фотографија: Александар Атанасоски)

Во групата „Фолтин“ се потпишуваш како Бранислав Николов, кај поезијата како Пијан Славеј. Има ли паралелни дискурси?

– Псевдонимот Пијан Славеј не го користам ексклузивно за поезијата. Практично, мојата индивидуалност во уметничкиот свет е содржана во Пијан Славеј. Можам да бидам Пијан Славеј и во „Фолтин“, но и во секој друг вид уметничко изразување.

Стихозбирката „Срчки“ има фантастичен дизајн на корицата со илустрација од графичкиот дизајнер Зоран Кардула. На претходната книга соработуваше со сликарот Мирослав Масин. Како беше донесена одлуката за дизајнот на книгите?

– Многу се занимавав со дизајнот на корицата на првата книга, а овој пат решив да не се мешам, со намера да оставам да ме изненади нечие друго толкување, размислување или, ако сакате, видување на мојата поезија. Многу сум задоволен од финалното решение. Изборот на илустрацијата и дизајнот ги направи отец Методиј Златанов.

Дизајнот на корицата на книгата „Срчки“ го направи отец Методиј Златанов

Со групата „Фолтин“ во последниве две-три недели имавте неколку настапи. Книгата „Срчки“ беше промовирана на книжевниот фестивал „Проза Балкан“ во Скопје на 14 септември. Покрај ситуацијата во која сите живееме последниве месеци со пандемијата на коронавирусот, планирани се други промоции на книгата?

– Пандемијата нѐ држи сите збунети. Кога станува збор за нашата професија, ние зависиме од масовното присуство на публика, од гужвите. Би оставил да видиме како ќе се развива ситуацијата, а потоа би планирал други промоции. Веќе имаме покани како промо-дуо, заедно со басистот Гоце Јованоски, со кого имавме перформанс на „Проза Балкан“, да настапиме и во други градови. Секако, би сакале да се случат, но ќе видиме како ќе се одвива ситуацијата.

Што се однесува до концертната активност на „Фолтин“, не е страшно да се каже дека во периодот на короната имавме само два онлајн мини-концерти и три фестивалски офлајн настапи. Значи, до денес, за толкав временски период, на прсти може да се избројат нашите лајф ангажмани. Невообичаено. Па, сепак, тоа значи дека мораме да бидеме само трпеливи и да работиме на нас самите.

Како за музичари од ваш калибар, научени на постојано настапување и турнеи, делува долготрајната пауза во концертните настапи?

– На почетокот беше депресивно и панично, а еве сега, сите полека се навикнуваме на ситуацијата. Добро е да се врати животот. Тука мислам на враќањето на надежта на лицата кај луѓето. Се надевам дека ситуацијата нема да се влошува и дека ќе продолжиме, со шанса повеќе за културата и за нас, културните работници.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 49, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот