Расказите на Ленче Милошевска носат внатрешна потреба за слобода и спокој

Книгата „Недопрени бисери“ од Ленче Милошевска на 14 март беше промовирана во спомен-собата „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје. За делото говореше писателката Марина Мијаковска, а фрагменти од книгата читаше Винсент Вилчник, македонистка од Словенија.
„Недопрени бисери“ е книга со раскази и кратки приказни. Во нив се опишани секојдневни реални ситуации, семејни релации, душевниот (не)мир, посветеност и свртеност кон природата и животните, контексти диктирани од пандемиската реалност, како и многу приказни поврзани со родниот град на авторката – Скопје.
– Собраните раскази се пишувани во подолг и различен временски интервал и се израз на внатрешната потреба на Милошеска за слобода и спокој. Расказите се нешто меѓу куси постмодернистички раскази и дневник. Со оваа книга Милошевска се потврдува како успешна прозна авторка што преку разголувањето на нејзината интима во јас монолошка форма успева успешно да создаде грст кратки раскази и блиц приказни кои не го оставаат рамнодушен читателот – посочи промоторката Мијаковска.
Ленче Милошевска е поет, романсиер и преведувач. Работела како уреник во издавачките куќи „Култура“ и „Македонска книга“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1999 година.
Авторка е на четири романи, пет стихозбирки и дваесетина преводи од англиски, српски и хрватски на македонски јазик. „Недопрени бисери“, издание на „Арс Ламина“, е нејзина втора книга раскази.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 171, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.3.2023)