По реакциите од Софија, Рама повтори: Бугарија ги зеде Северна Македонија и Албанија како заложници

Еди Рама
Еди Рама во Брисел, Белгија / 19 јули 2022 / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Албанскиот премиер Еди Рама одговори на реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи, на неговата изјава на безбедносниот форум во словенечкиот град Блед, велејќи дека го кажал истото и во јуни и оти реакцијата „најсериозно е неприфатлива”.

„Ако Министерството за надворешни работи на Бугарија немаше ништо поважно денес од јавна изјава за нешто што го кажав на панелот на Бледскиот стратешки форум, не можам да го прифатам тоа како голем комплимент за форумот и панелот, вклучително и за мене. Но, сериозно, ова е незаслужено“, напиша Рама на Твитер.

Тој му порачува на бугарското Министерство да си обезбеди беспрекорен превод.

„Можеби некој треба да им помогне на нашите пријатели во бугарското МНР со беспрекорен превод на мојот одговор во Блед за тоа како Бугарија го блокираше отворањето на преговорите за членство за Албанија и Северна Македонија, кога конечно сите останати се согласија, после осум години. Само ги повторив истите работи што ги кажав во јуни“, наведува премиерот Рама.

За потсетување, Рама во Блед изјавил дека Бугарија ги зела како заложници Северна Македонија и Албанија, додека сите други биле подготвени да им кажат „да“ по осум години.

„Бугарија ги зеде како заложници Северна Македонија и Албанија, додека сите други беа подготвени да ни кажат ‘да’ по осум години. Но, да се биде трагично оптимист значи дека е трагично да се чека осум години. Но, добро е да се биде оптимист, бидејќи за Северна Македонија поминаа 17 години, па може да биде и полошо. Затоа подобро насмевнете се и продолжете понатаму. Значи Бугарија го создаде ова, а не Русија. Земја на НАТО која зема заложници уште две земји членки на НАТО додека војната започна“, изјавил Рама, пренесе државната новинска агенција АТА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот