Ракот на дебелото црево ќе се открива рано со скрининг, прва целна група се 50-годишните од Скопје

Гастро/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Сите скопјани кои оваа година ќе наполнат 50 години а немаат дијагноза или не се прегледале во приватна ординација, ќе добијат покана од матичните лекари да дојдат во нивните ординации од каде ќе бидат упатени на бесплатна колоноскопија со цел рано откривање на рак на дебелото црево. Тим од лекари на Клиниката за гастроентерохепатологија предводени од професорите Калина Гривчева Старделова и Ѓорги Дерибан, веќе се подготвени со нов кабинет, каде ќе се одвиваат овие прегледи за рана детекција и скрининг на малигни заболувања на дебелото црево.

„Слободен печат“ го посети кабинетот кој се наоѓа на Клиниката за гастроентерохепатологија. Новиот софистициран апарат за гастроскопија со колоноскопија е опремен со вештачка интелигенција која ќе им помага на лекарите уште подобро да дијагностицираат. Ако се појават сите повикани и планирани пациенти, ќе се прават по 20 колоноскопии дневно во текот на 250 работни дена, во кабинетот на клиниката што ќе работи во две смени.

Проф. д-р Калина Гривчева Старделова, директорка на Клиниката за гастроентерохепатологија /фото „Слободен Печат“/Слободан Ѓуриќ

-Апаратот е врв во квалитет и технолозија, а користи и вештачка интелигенција која му помага на докторот во поставување на дијагнозата. На половина од екранот го гледаме наодот, а на другата половина исцртува каде вештачката интелигенција смета дека треба да се фокусираме а долу апаратот испишува за која дијагноза смета дека станува збор. Ако е неоплазма, тогаш тоа го пишува. Почнуваме со пилот програма за скрининг. Во Скопје ќе се вклучи и ГОБ „8 Септември“. Чекаат да добијат ваков ист апарат. За програмата за ран скрининг се угледавме на Словенија каде имаат врвна програма. Таа програма чинеше многу пари, но во првите десет години ги врати парите, затоа што се работи за пациенти кои имале полипи, но поради раното детектирање се извадиле полипите и не добиле карцином. Колку порано се открие карциномот на дебелото црево, толку е поголема шансата да нема метастази и да нема потреба од хемотерапија. Идејата е да ги мотивираме луѓето да дојдат на преглед, вели за „Слободен печат“ директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, професор доктор Калина Гривчева Старделова.

Таа комуницира со колегите од Словенија и тамошните искуства се дека доколку половината од повиканите пациенти се појават на прегледот, успехот е постигнат. Првата средба на професорката Старделова со пациент со карцином на дебелото црево во нејзината 34-годишна кариера била со 18-годишно момче.

-Овој случај покажува дека никој не е поштеден од опасните болести, на 18 години не се помислува на карцином, што покажува дека симтомите никогаш не треба да се игнорираат туку треба сериозно да се сфатат. Но она што го правиме со скринигот е да се прегледаат луѓето кои поради возраста имаат најголем ризик да добијат рак на дебело црево. Важно ни е луѓето на 50 години да се мотивираат да дојдат на преглед и да се види дали се здрави или можеби имаат полип или ран карцином за да може да се лекува. Колку побрзо се дијагностицира толку поголеми се шансите да дојде до излекување, додава таа.

Проф. Д-р Ѓорги Дерибан, Клиника за гастроентерохепатологија /фото „Слободен Печат“ /Слободан Ѓуриќ

Март се одбележува како месец на карциномот на дебелото црево. Целта со скрининг програмата, како што објаснуваат докторите е „Мој Термин“ да селектира пациенти кои немаат карцином, улцерозен колит, кронова болест или полип, а се на 50-годишна возраст.

-Она што матичниот лекар го прави е да провери дали овие лица направиле преглед во приватните здравствени установи. Доколку не направиле во приватна установа, тогаш тој доаѓа кај нас на преглед. Овде нудиме преглед со биопсија. Ќе им овозможиме прегледот да биде што помалку непријатен за нив. Се надевам дека ќе се почне на крајот од месецов со скринингот, додава доктор Старделова.

Овој скрининг на карцином на дебелото црево ќе се прави согласно стандардите и ЕУ-директивите. Кабинетот е опремен и со дополнителна медицинска и немедицинска опрема и е комплетно издвоен од амбулантите кои на клиниката се користат за дијагностички пациенти, односно за пациенти кои поради болест се закажани во националниот систем „Мој Термин“ со упат од специјалист. Очекувањата се дека граѓаните кои наполниле 50 години ќе ја искористат можноста за бесплатен преглед, меѓу другото и поради тоа што процедурата во приватното здравство е скапа и чини стотици евра.

-Со цел континуирана имплементација на скринингот, матичните лекари ќе ги информираат своите пациенти за можноста за скрининг колоноскопија и ќе ги советуваат да ја направат, врз основа на листата на пациенти, креирана преку системот за електронска евиденција и врз основа на прашалникот за одредување на нивото на ризик за колоректален карцином, велат за „Слободен печат“ од Министерството за здравство.

Така, матичниот доктор ќе има опција да закаже термин во амбулантата на Клиниката за гастроентерохепатологија за скрининг колоноскопија.

Клиника за гастроентерохепатологија /фото „Слободен Печат“/Слободан Ѓуриќ

Професор доктор Ѓорги Дерибан од Клиниката за гастроентерохепатологија вели дека и досега ако некој пациент побарал превентивен преглед поради семејна историја на оваа болест или поради возраста, тој не бил враќан, туку бил прифаќан.

-Разликата е што луѓето кои не се јавиле по основ на возраст или семејна историја, сега ќе добијат покана на 50 години за да се вклучат во скринингот, вели доктор Дерибан.

Во третата фаза од скринингот се планира да се вклучат и други градови во кои ќе се вршат вакви превентивни прегледи, во Охрид и во Битола.

Според Институтот за јавно здравје ракот на дебелото црево е четвртиот најчест тип на рак во САД и во светот.

Со над сто илјади нови случаи секоја година и над еден милион вкупни случаи, ракот на дебелото црево е огромен проблем. Но, со рано откривање на оваа болест се проценува дека повеќе од половина од смртните случаи на годишно ниво можат да се спречат, велат од ИЈЗ.

Многу луѓе со рак на дебелото црево немаат никакви симптоми во раните фази на болеста. Сепак, некои симптоми вклучуваат дијареа, запек или крв во столицата, грчеви, гасови или болки, чувство дека цревата не се празнат целосно, слабост, замор и необјаснето губење на тежината.

Според ИЈЗ, ракот на дебелото црево е смртоносен, но е еден од најлесните за откривање и во најраните фази е еден од најизлечливите видови на рак. Луѓето со родител, брат, сестра или дете заболени од рак на дебелото црево имаат два или трипати поголем ризик да развијат рак на дебелото црево споредено со оние кои немаат семејна историја на болеста. За лекување на рак на дебелото црево, хирургијата е примарната форма на третман и дава добри резултати во приближно 50 проценти од случаите.

Канцерогениот полип може да потрае 10 до 15 години пред да се развие во рак. Со редовен скрининг, лекарите можат да ги отстранат полипите пред тие да прераснат во рак, додаваат од ИЈЗ.

За да прегледот биде успешен и добро изведен, пациентот мора да биде добро прочистен и затоа од Клиниката за гастроентерохепатологија се изработени упатства за тоа како да се подготви пациентот пред да дојде на Клиниката, вклучително и ако има висок крвен притисок. На крајот од спроведувањето на скрининг програмата ќе се презентираат и бројки за дијагностицираните состојби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот