Радев: Бугарија не верува во ветувања, потребни се конкретни решенија и гаранции

Румен Радев Rumen Radev
Румен Радев / Фото: EPA-EFE/KENZO TRIBOUILLARD

Бугарија очекува ефективни дејствија од институциите на Европската Унија за валоризирање на вредностите на демократијата и почитувањето на човековите права во Република Северна Македонија. Ова го изјави претседателот на Бугарија Румен Радев денеска за време на средбата со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, соопшти прес-службата на бугарскиот претседател.

Радев на средбата со Вархеји истакнал дека декларациите и ветувањата во дијалогот со Република Северна Македонија повеќе не функционираат и Бугарија очекува јасни правно обврзувачки одлуки што ќе доведат до одржливи и неповратни резултати, јави дописникот на МИА од Софија.

Според Радев, ова ќе го забрза процесот на европска интеграција за Република Северна Македонија. Бугарскиот претседател го потсетил Вархеји дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Северна Македонија потпишан во 2017 година не се спроведува и Скопје, според Радев, сè уште не го решил проблемот со говорот на омраза и всадување лажна слика за Бугарија во учебници, музеи и споменици, како и во однос на правата на граѓаните кои отворено ја изразуваат својата бугарска самосвест.

Претседателот на Бугарија Радев за време на разговорот со еврокомесарот Вархеји истакнал дека „120.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија се државјани на Европската Унија, и Бугарија се потпира на поддршката на европските институции за ефективно почитување на нивните права”.

Напредокот во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан исто така беше во фокусот на разговорот меѓу Румен Радев и Оливер Вархеји.

– Бугарија е најзаинтересирана да ги види своите соседи во Европската Унија, но за тоа е потребно целосно исполнување на Копенхашките критериуми за членство на Република Северна Македонија, особено почитување на човековите права и принципите на добрососедство, кои се основа на европската соработка, нагласил бугарскиот претседател.

Заедничкиот став беше дека во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан и решавање на спорните прашања, најважен е директниот и отворен дијалог.

По Софија, еврокомесарот Оливер Вархеји ќе ја посети Република Северна Македонија, каде што ќе се сретне со нејзиниот државен врв.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот