Путин повторно зборува за преговори, Медведев за нуклеарни бомби

Патриотски билборди во Санкт Петербург - Фотографија ЕПА, Анатолиј Малцев

Рускиот претседател не отфрла мировни преговори врз основа на иницијативите од Африка и од Кина, а Медведев повторно се закани со нуклеарниот арсенал

Актуелниот и поранешниот претседател на Русија речиси во исто време повторно ги отворија двете радикални идеи за крај на војната во Украина – Владимир Путин спомна мировни преговори, но според диктат од Кремљ, а Дмитриј Медведев потсети на нуклеарниот арсенал на Москва.

По самитот со лидери на африкански земји во Санкт Петербург, Путин изјави дека „африканската и кинеската иницијатива може да бидат основа за мир во Украина“, но додаде дека „не е можно да се договори ни прекин на огнот бидејќи украинските сили се во офанзива“.

Неговиот украински колега Володимир Зеленски зборуваше за мировни преговори до лани, сѐ додека украинските сили не тргнаа во септемвриската офанзива, во која целосно го ослободија регионот околу Харков, се вратија во Херсон и ги потиснаа руските окупациски сили во Донбас. Уште пред да почне актуелната офанзива, Зеленски неколкупати категорично изјави дека Киев нема да прифати преговори сѐ додека руските сили не се повлечат од окупираните територии, вклучувајќи го и полуостровот Крим и не соработуваат со меѓународните истраги за воени злосторства. Таквите услови се апсолутно неприфатливи за Москва.

Украинската офанзива ги промени позициите на Москва и Киев – Фотографија ЕПА

Но, и ситуацијата на фронтот е значително променета во изминатите две години. Русија сѐ уште ги контролира Доњецк и Луханск, како и Крим и крајбрежниот појас северно од полуостровот, но украинските копнени сили внимателно се пробиваат преку минските полиња и фортификациските објекти, кои многу скоро ќе бидат премостени или заобиколени. Згора на тоа, украинската долгострелна артилерија и дроновите сега лесно бијат воени цели, магацини за муниција и оружје на Крим, како и мостот што го поврзува полуостровот со Русија. Министерството за одбрана на Русија завчера објави дека бил пресретнат напад со 25 дрона врз Крим, а уште девет биле соборени во Црно Море.

Војната стаса до Москва

Зачестија и нападите со дронови врз Москва. Во неделата два дрона погодија канцеларии во модерната кула „Ај-кју“ во бизнис-центарот оддалечен 5,5 километри од Кремљ. Киев порано не ги коментираше ваквите напади, но сега отворено ја презема одговорноста и се заканува.

– Украина е сѐ посилна и војната постепено се враќа на територијата на Русија, до нејзините симболични центри и до воените бази. Тоа е неизбежен, природен и апсолутно фер процес – изјави Зеленски.

Претставник на украинското Воено воздухопловство изјави дека целта на нападите со дронови врз Москва е да се испрати порака до Русите дека „војната воопшто не е некаде далеку“.

– Сега војната ги погодува и оние што не беа загрижени. Без оглед на тоа што руските власти ќе настојуваат да прикажат дека пресретнале сѐ, нешто ќе погоди – изјави претставникот Јуриј Ихнат.

Нуклеарните закани на Медведев

Реагирајќи на новиот напад врз Москва, Дмитриј Медведев изјави дека „Русија би морала да посегне по својот нуклеарен арсенал ако украинската контраофанзива се покаже успешна“.

– Замислете си офанзивата, која е поддржана од НАТО, да е успешна и тие да откорнат парче од нашата земја, тогаш ние би биле принудени да употребиме нуклеарно оружје, според правилата од декретот на претседателот на Русија. Едноставно не би имале друга опција. Затоа нашите непријатели треба да се молат за успех на нашите борци. Тие се обидуваат да спречат да не се запали нуклеарниот оган – порача на Телеграм Медведев, кој сега е претседавач на националниот Совет за безбедност.

Медведев притоа само потсети на доктрината на Русија, која дозволува употреба на нуклеарно оружје кога Русија е жртва на агресија и кога е загрозен нејзиниот опстанок.

Медведев повеќе пати се заканува со нуклеарниот арсенал – Фотографија ЕПА, Екатерина Штукина

Медведев говореше за правото на Москва да употреби нуклеарно оружје и лани во април, предупредувајќи го НАТО да не ги прими во членство Финска и Шведска, приближувајќи се уште повеќе до границите со Русија. Финска веќе е членка на НАТО, а наскоро ќе стане и Шведска. Медведев го спомна нуклеарниот арсенал и во септември „за да ги одбрани анектираните украински територии“ и во јануари, кога членките на НАТО расправаа за доставување оружје на Украина.

– Губењето на нуклеарната моќ во конвенционална војна може да поттикне нуклеарна војна. Нуклеарните сили не губат големи конфликти, од кои зависи нивната судбина – предупреди Медведев во јануари.

Лукашенко нема „црвено копче“

Русија објави дека префрлила во соседна и сојузничка Белорусија дел од своето нуклеарно оружје заради „одвраќање“. Путин на минатонеделниот Меѓународен економски форум во Санкт Петербург најави дека преостанатото тактичко нуклеарно оружје наменето за базата во Белорусија ќе биде префрлено „до крајот на летото или до крајот на годината“.
Американската Одбранбена разузнавачка агенција (ДИА) оцени дека „нема причини да се оспори тврдењето на Путин дека руско нуклеарно оружје веќе е распоредено во Белорусија“, но Стејт департментот забележа дека „САД не гледаат никаква индикација дека Русија планира да употреби нуклеарно оружје“.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко во јуни изјави дека „соочен со агресија нема да се колеба да го употреби“ руското тактичко нуклеарно оружје стационирано на територијата на неговата земја. Офицери од ДИА, пак, забележуваат дека Лукашенко веројатно нема да има никаква контрола врз нуклеарниот арсенал во Белорусија.

Саудијците организираат самит за предлозите на Зеленски

Саудиска Арабија до крајот на неделава ќе биде домаќин на самит на кој ќе се дискутира за мировниот план предложен од претседателот Володимир Зеленски, најави шефот на украинскиот воен штаб Андриј Јермак.

Извори на весникот „Волстрит џрнал“ тврдат дека претставници на триесетина западни земји ќе пристигнат на 5 и 6 август во Џеда и дека самитот ќе кулминира со заедничко дефинирање на принципите за крај на војната. Како земји што ќе учествуваат, спомнати се Чиле, Египет, Европската Унија, Индонезија, Обединетото Кралство, САД и Замбија. На подготвителен состанок во Копенхаген при крајот на јуни учествувале и Бразил, Индија, Турција и Јужна Африка.

Јермак тврди дека основа на дискусиите ќе биде планот на Зеленски со 10 основни точки, кои опфаќаат и крај на воените дејства во Украина и создавање механизми за спречување идни конфликти. Планот што го спомна Зеленски предвидува обнова на територијалниот интегритет на Украина, целосно повлекување на руските трупи, ослободување на воените заробеници, формирање трибунал за одговорните за агресијата, како и безбедносни гаранции за Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот