Пунктот во Момин Поток отворен 24 часа за бездомниците, но некои избираат и на студот да останат на улица

Фото: Црвен крст на град Скопје

Двапати во неделата, во среда и петок, бездомниците во Пунктот можат да се избањаат, да се потстрижат, да добијат чиста облека, оброк, лекови, да добијат лекарски преглед и слично.

Во овој период, кога ноќните температури паѓаат под нулата, Пунктот за бездомници во Момин Поток на Црвениот крст е отворен 24 часа за дел од граѓаните кои живеат на улица да имаат топол простор каде можат да преноќат, да добијат топол оброк и грижа. За оние пак, кои избираат и во најстудените денови да останат надвор се грижи мобилна екипа која им носи храна, пијалаци, ќебиња, ракавици, а тешко подвижните ги префрла до пунктот.

Располагаме со 16 легла за мажи и 16 за жени, во различни контејнери. Во студените денови речиси сите кревети во машкиот дел се полнат, а жени има помалку, речиси никогаш не се полни женскиот дел. Но и поголемиот број бездомници се мажи, од 170 бездомници кои редовно го посетуваат пунктот во среда и петок, 20-30 се жени – вели координаторката на Пунктот, Драгана Лазаревска.

Фото: Црвен крст на град Скопје

Пунктот е отворен секој работен ден за консултација, додека двапати во неделата, во среда и петок бездомниците таму можат да се избањаат, да се потстрижат, да добијат чиста облека, оброк, лекови, да добијат лекарски преглед и слично. Речиси редовно, услугите во среда ги користат 70 бездомници, а во петок стотина.

На прашањето како стигнуваат бездомниците во Пунктот, кој е лоциран подалеку од централното градско подрачје, Лазаревска објаснува дека оние кои се подвижни доаѓаат со автобус со број 18. Но, за жал, за бездомните лица јавниот превоз не е бесплатен.

За среќа, возачите, зборувам за линија 18, ги препознаваат и ги превезуваат, не им прават проблем. Но, се случувало на некои линии да ги казнат, па сме плаќале и казни – вели Лазаревска.

Освен услугите и грижата кои луѓето без сопствен дом ги добиваат во Пунктот за бездомници, за некои од нив, кои според процената на социјален работник и психологот потенцијално можат да успеат и повторно да се вратат во нормалниот општествен живот и да се извлечат од ситуацијата во која моментално се наоѓаат, Црвениот крст месец, два или три им плаќа кирија додека не го надминат најтешкото.

Ним особено им се посветуваме и се обидуваме да им помогнеме. Има некои бездомници на кои бездомништвото им е начин на живот и ним што им да им понудиш не прифаќаат и не се менуваат. Некои од нив се по 15, 20 години бездомници и не ни сакаат да се променат. Но за оние што сакаат, се трудиме да им помогнеме. Не е тоа само просто плаќање за наем на соба, туку им помагаме и за работа. На сите им правиме комплетна анамнеза на целиот нивен дотогашен живот од сите аспекти, што работеле, каде, зошто останувале без работа и слично. Во зависност од работното искуство и занимањето, се обидуваме да им помогнеме да најдат работа – вели координаторката на Пунктот за бездомници.

Во моментов за петмина бездомници се плаќа кирија од по 4-5 илјади денари месечно. Обично тоа е за скромна соба во Усје, Пинтија, Ќерамидница.

Во текот на 2023 година, како што вели Лазаревска, Црвен крст на Виена, Австрија спровел проект со финансиска поддршка на Пунктот на бездомници. Притоа за десетмина бездомници, во зависност од нивниот афинитет се обезбедени лиценци за работа, при што четворица се обучени за обезбедувачи, четворица возачи со Б и Ц категорија, еден за физиотерапевт, а еден добил лиценца за музичар на гитара.

Пунктот за бездомници е отворен во 2008 година, прифатилиштето две години подоцна, а во 2017 е отворен и женскиот дел. За бездомниците се грижат 10 луѓе, меѓу кои социјален работник, лекар и психолог, две хигиеничарки, двајца возачи и тројца во мобилната екипа, а поддршка имаат и од повеќе општествено одговорни компании.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот