Психолошката драма „Мими“ е филм за површноста и лажните фасади

Светската премиера на новиот македонски филм „Мими“ во режија на Даријан Пејовски ќе го отвори 21. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Премиерата ќе се одржи на 7 јули, со почеток во 21 часот, на кровот на ГТЦ во Скопје.

Долгометражниот игран филм „Мими“ е психолошка драма за девојка, која потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Се запознава со екстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во опсесија. „Мими“ е филм за површноста и лажните фасади што ги покажуваме пред другите. „Мими“ следува седум години по дебитантски филм на Пејовски „Три дена во септември“.

Улогите во филмот ги толкуваат Наталија Теодосиева (Мими), Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.

На официјалната прес-конференција, што се одржа на 4 јули во МСУ, и на која беше најавено новото издание на „Синедејс“, присуствуваше и дел од актерската и филмската екипа на „Мими“.

Режисерот Даријан Пејовски е и автор на сценариото. Тој објасни дека од идеја до премиера на филмот поминале седум години. Приказната во целост се одвива во Скопје и на некој начин филмот е посвета на Скопје и како Пејовски го гледа и чувствува градот.

Актерката Наталија Теодосиева ја игра Мими, а Тамара Ристоска е Сара, а на прашање од новинарите како ги пронајдоа и изградија ликовите, обете актерки ја потенцираа меѓусебната инспиративна соработка, како и соработката со Пејовски.

– Признавам дека лагодно течеше градењето на ликот на Мими. Кога го запознав Пејовски на кастигнот, видов дека точно знае што сака. Му верував и меѓу нас имаше голема доверба. Мими е девојка која доаѓа од помал град, со надеж дека ќе се оттргне од стегите и притисоците што ги прави околината. Ликот има многу трансформации. А не ми беше тешко да го најдам, оти и самата доаѓам од помал град во Скопје, па можам да направам релација. Тамара Ристоска веќе беше во поделата на улогите, го глуми ликот на Сара и многу ми помогна. Таа отвори нови врати и видици за мене, како да го градам ликот и како заедно ние двете да ги градиме ликовите во филмот – објасни Теодосиева.

Актерката Тамара Ристоска истакна дека првпат соработува со Наталија Теодосиева, а на сите актери им посака да имаат филмски партнер како неа, бидејќи одлично соработувале во снимањето на филмот. На дополнително прашање околу градењето на ликот таа рече дека едно е како ќе те води режисерот, а друго е слободата што ти ја дава. „Многу е важно за еден актер да му се дозволи да експериментира, импровизира со својот лик“, рече Ристоска.

Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска во филмот „Мими“

На конференцијата беше присутен и актерот Сашко Коцев, кој игра мал лик за кого смета дека никому нема да му се допадне, а го изградил читајќи го сценариото и понатаму соработувајќи со режисерот Пејовски.

– Најдобро за еден актер е кога доаѓа на снимање да биде сигурен и стабилен во своите мисли и израз, а тоа може да се случи кога си во сигурни режисерски раце и стоиш на едно цврсто сценарио. Тоа се случуваше на снимањето на овој филм – рече Коцев. Претходно Пејовски и Коцев соработувале во снимање на ТВ серија.

Кинематограферот Дејан Димески има огромно филмско искуство со работа на проекти во Македонија, во регионот и во Русија, а на „Мими“ првпат соработувал со Даријан Пејовски. На подготовките на филмот работеле околу три месеци и сите локации за снимање сами ги направиле. Преку визуелното и ликовното обликување на филмот сакале градот Скопје да го доловат во поинакво светло.

Сценографијата е на Игор Тошевски, кој посочи дека филмот е снимен во специфични околности (во време на ковид-пандемија, н.з.) и неопходен бил целосен ангажман од целата екипа. На одредени места биле неопходни и компромиси, но заедно со целата филмска екипа направиле дело со кое можат да се гордеат.

Монтажерот Владимир Павловски објасни дека за снимањето на филмот коронавирусот им правел проблеми, но во однос на процесот на монтажата дури и добро било што беше ограничено движењето, бидејќи тоа им давало повеќе можност да се концентрираат на работата. Тој објасни дека со Даријан соработувале и на неговиот прв филм „Три дена во септември“ и на ТВ серијата „Фамилија Марковски“, така што веќе знаеле што да очекуваат еден од друг. Тоа што сакале да го постигнат со монтажата е да предизвикаат емотивна реакција на публиката.

Костимограф е Емилија И. Атанасовска, додека Ива Куробаса е одговорна за шминката и фризурата. Автор на оригиналната музика е Александар Пејовски, дизајнот на звукот е на Игор Поповски. Продуцент е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.

Филмот е копродукција на „Скопје филм студио“ со „Максима филм“ од Хрватска и „Giggling goat production“ од Црна Гора. Поддржан е и од Агенцијата за филм на РС Македонија, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот