Психолог Елеонора Панчевска: Пандемијата си го направи своето – несигурните деца станаа уште понесигурни, грижливите уште погрижливи

Фото: Приватна архива

Забрана за контакти, физичко растојание, хигиенски мерки, карантин, затворени училишта и градинки, работа со скратено работно време… За повеќето луѓе, животот драстично се промени од март 2020 година. Тоа остава последици, меѓу другото, и на менталното здравје.

Психолозите и психијатрите предупредуваат на последиците од изолацијата и од затворените училишта врз менталното здравје на децата и младите луѓе, особено поради чувството на изолираност и одвоеност од врсниците.

Кризите се дел од животот, но минатата година се соочивме со мошне поинаква од сите што ги знаеме, криза предизвикана од пандемија – корона-криза. Дали и децата ја покажаа својата ранлива, но од друга страна и еластична страна, дали се приспособија на неа и што покажува Вашето искуство, како и дали се на добар пат да се вратат кон нормалното функционирање?

– Кризите се дел од животот и на нив можеме да гледаме како на закана и шанса. Закана дека нешто ќе се промени, нема да биде како порано, дека нешто многу значајно ќе изгубиме. Шанса да погледнеме на сопствениот живот од друга перспектива. Без кризи не би имало ниту психички напредок кај личноста, таа ни помага да се надминеме себеси, да се зајакнеме со механизми и однесувања со кои успеваме да ги решаваме проблемите.

Психичките кризи најчесто ги делиме на две основни групи: оние поврзани со растењето и промената на различни животни фази (развојни кризи) и оние поврзани со негативни надворешни случувања, какви што се болест, загуба, повреда, закана по здравје (ситуациони кризи).

Во март и април минатата година, кога се случуваа првите полициски часови, луѓето знаеја срамежливо и со доза на вина да изјават дека кризата некако „добро им дошла“, дека застанале, направиле пауза, се свртеле кон себе и семејството и сериозно ги преиспитале своите навики, темпо на живот и своите вредности и приоритети во животот, сметајќи дека опасноста кратко ќе трае и дека брзо ќе се вратиме на стариот начин на живот, одморени и ресетирани. Семејствата поминуваа повеќе време заедно, им се посветија на децата и правеа повеќе заеднички активности. За жал, кризата прерасна во пандемија со долго траење и ги предизвика сите последици карактеристични за состојба на продолжена криза, какви што се страв, анксиозност, неизвесност, беспомошност и губење на чувството дека имаме контрола врз сопствениот живот. Последиците се видливи како на индивидуално така и на колективно ниво. Се одрази на губење или несигурност за работните места, на појава на економска, здравствена, образовна, па и морална криза. Колку возрасните успеваа да одржат некаква ментална рамнотежа, да се приспособат на новонастанатата ситуација во голема мера се одрази на приспособувањето на децата на ситуацијата. Децата беа неми сведоци на загриженоста и на мерките за претпазливост на родителите. Секако, децата имаат своја автономија и сопствена психичка отпорност, и во согласност со степенот на когнитивен развој донесуваат свои заклучоци и се приспособуваат на новонастанатата ситуација. Односот на возрасните, родителите и наставниците, е исклучително важен за секое дете да го добие својот простор да ја изрази сопствената ранливост и да пронаоѓа конструктивни начини за справување со неизвесноста.

Поимот деца е мошне широк, оттука, се увиде ли разлика во справувањето со таканаречената нова нормалност на децата од предучилишна возраст и на децата што посетуваат училиште?

– Децата од предучилишна возраст и децата што посетуваат училиште се наоѓаат во две различни развојни фази со свои карактеристични потреби и развојни задачи. Заеднички им се потребата за сигурност, за дразба и стимулација и потребата за структура и осмислено, структурирано време. Сигурноста е компромитирана веќе подолго време кај сите, и тоа особено негативно влијае врз децата.

Децата што одат на училиште имаат потреба од стимулација и дразба од повеќе извори, не се доволни само родителите. Тие имаат потреба од средби и комуникација со врсниците, потреба да бидат прифатени, да создаваат блиски релации и на тој начин да бидат признаени. Исто така, многу е важна за нив осмислена јасна структура на време што го нуди училиштето и семејството во нормални услови. Избалансиран ден поминат во училиште, со распоред на часови, домашно учење, посетување курсеви од една страна, и доволно слободно време од друга страна, е мошне значајно за нивниот правилен когнитивен и емоционален развој. Доживуваат дека животот им е организиран и осмислен и дека сето тоа е целисходно.

Тинејџерите се сепак во специфична возраст на која како најмалку да им беше грижа за опасноста од зараза, затоа што бунтовноста беше насочена кон стегите што им ги наметнуваа протоколите и редукциите на сите нивоа. Кризата не заврши, кој сметате дека е најдобар приод за нив, и од страна на родителите, но и од авторитетите надвор од нивниот дом?

– Тинејџерите ги прогласивме за главни преносители на зараза и ги изолиравме и ги затворивме. Некои деца реагираа со бунт и отворено ја изразуваа лутината кон мерките, недоследноста и неодлучноста на возрасните, а особено на занемарувањето на нивните потреби. Оние што беа помалку послушни или бунтовни, ги осудувавме и ги нарекувавме разгалени, невоспитани или бесчувствителни. Вистината е дека секое дете е посебно, но заедничко за сите во оваа долга криза е чувството на страв, а најмногу страв од загуба на најблиските. Секојдневно беа изложени на билансот за заразени и починати и секое дете познава некој, подалечен или близок, кој го загубил животот како последица на ковид. На различен начин децата се справуваа и сѐ уште се справуваат со стравот, дел од нив го прикриваат или го негираат, дел од нив реагираат со бунт и непослушност, дел со зголемена анксиозност, неизвесност и беспомошност, но поголемиот дел од нив се затворија, се пасивизираа, избегнуваа социјални контакти и се дружеа со екраните. Кај некои деца пандемијата ги засили симптомите или личните посебности што ги имале од порано. Сензитивните станаа уште посензитивни, несигурните понесигурни, грижливите уште погрижливи. За жал, некои развија и посериозни нарушувања на целосно затворање дома, постојан страв од зараза и потреба за прекумерно чистење.

Важно е децата и младите да ги прашаме и да ги слушнеме како го доживеале изминатиот период и што сега им треба. Што им претставувало најголема тешкотија и како се справиле со неа? На што ги научила кризата? Од што сега се плашат? Да разговараме со нив без да ги осудуваме, советуваме и кажуваме какви тие треба да бидат и да се однесуваат, едноставно да слушаме. И да овозможиме безбедна средина за нивно што поактивно вклучување во разни активности и во донесувањето мали и големи одлуки за својот живот.

Периодот е стресен, тежок, напати и трауматичен и за родителите, кои минатата учебна година се наоѓаа во парадоксална ситуација – од една страна, беа под голем притисок да одржат релаксирана работна атмосфера во домашната средина, а дома, пак, ги внесуваа негативните емоции, вознемиреноста и стравот за сопственото и за здравјето на своите блиски. Практично, не се имаше увид што се случуваше дома зад затворени врати во текот на наставата од далечина!

– Во семејствата со деца на училишна возраст домот се претвори истовремено во менза, спална, канцеларија и училница. Помеѓу овие простори и улоги постепено се губеше природната физичка и ментална граница, што резултира со послаба фокусираност, концентрација, организираност и ефикасност на сите овие полиња. И тоа така траеше повеќе од година и половина.

Сликата не беше едноставна и тука. Во некои семејства и двата родитела работеа од дома и се грижеа и учеа со едно, две или повеќе деца. Некаде товарот за одржување на целокупната рамнотежа беше само на еден родител. Некои семејства се грижат и за дете со посебни потреби. Карактеристично за сите е што беа потпрени на сопствените ресурси без дополнителна поддршка од баба или дедо (изолирани и од нив поради стравот да не им го пренесат вирусот) и без поддршка од надворешни лица или ангажирани помагатели. Буквално оставени сами на себе, се справуваа со преплавеноста со ресурси и способности, кои во кризни состојби стануваат ограничени бидејќи вообичаените начини на решавање проблеми не функционираат, а психолошките механизми на одбрана се ослабени.

Во дадениот период, појавата на пандемијата сигурно не се случи како единствен проблем за справување. Таа влезе и во хармоничните и дисхармоничните семејства и се надоврза на некој веќе постоен предизвик, со кој се соочувало семејството и пред пандемијата како што се предизвиците на работното место на родителите, кризите во бракот, природните развојни кризи кај децата, болест или загуба во семејството, насилство, зависности и други ризици во семејството.

Родителите на школски деца што побараа помош и раскажаа што се случувало зад затворени врати, сведочеа за случки за кои никогаш не претпоставиле дека ќе им се случат и дека ќе имаат сила да ги надминат. Се жалеа на постојан замор, исцрпеност, страв и загриженост, несоници и притисок дека нема да успеат да стигнат со сите обврски во зададените рокови. Изразуваат особена загриженост за тоа како целокупната ситуација долгорочно ќе се одрази врз децата.

Отворањето на училиштата и спроведувањето непречена квалитетна настава, позитивно ќе се одрази и на родителите, на нивното враќање на работните места и поквалитетно посветување на работните задачи.

Од професионален аспект, остави ли трага врз децата онлајн учењето?

Онлајн учењето е еден начин на стекнување знаење, кој во себе содржи одредени методи и техники на учење. Но, учењето на далечина е слаба, нерамноправна и делумна компензација на учењето во живо.

Нерамноправна е бидејќи онлајн учењето зависеше од домашните услови на детето, од тоа дали дома има уред, добар или ограничен интернет, издвоен простор, родители што можат да помогнат, поттикнат и стимулираат. Децата од семејства со понизок социо-економски статус, кои во помала мера ги имаа овие можности, пропуштија и заостануваат повеќе во стекнатото знаење и процесот на учење.

Онлајн учењето остава трага кога е единствена можност за учење, кога се исклучени другите опции и ресурси и кога не се применуваат различни методи и техники на учење. Тука, пред сѐ, мислам на интерактивното учење, работа во групи, работилници, водење дијалог, презентации, прашања и одговори, дебати, ораторство, разни видови пракса и практична работа. Остава трага кога е ограничен просторот, кога не се користат мали и големи училници, сали за вежбање, лаборатории, игралишта и паркови. Во овие простори или методи на учење учениците се активни, комуницираат помеѓу себе, се мешаат во различни тимови, се поврзуваат, си помагаат, го следат вербалниот и невербалниот говор, се задеваат и се смеат. Се дружат и прераскажуваат што им се случило дента. За овие искуства и доживувања, учениците беа сериозно ускратени. Албумот на вакви спомени е посиромашен, првачињата и средношколците од прва година немаат спомени од првиот училиштен ден, односно една цела година, не ја прославија полуматурата и матурата, изостанаа екскурзиите. За овој период од животот ова се многу важни настани за повеќето деца и млади.

Онлајн наставата заврши, навистина ли учениците со нетрпение дочекаа да се вратат на училиште или пижама-учењето им беше своевидна релаксација? Во тој контекст, нѐ интересира Вашето мислење и за тоа, дали сметате дека и наставниците се среќни што лаптопот го заменија со училниците и детскиот џагор во нив?

– Образовниот процес е ревоспоставен и целокупната училишна заедница се враќа на физичка настава, во услови на пандемија. Онлајн наставата е редуцирана, но сѐ уште присутна за оние ученици што наставата ја следат од дома. Тоа значи дека истовремено се одвива настава со физичко присуство со приспособување и почитување нови мерки и протоколи, кои во зависност од здравствената состојба во училиштето и во земјата може повторно да се заострат и училиштата целосно или делумно да се затворат. Исклучително е важно што се отворија училиштата, но за сите останува предизвикот да се справуваат со стравовите и неизвесноста од здравствената криза. Веќе сме сведоци на реакции од искуствата од првите училишни денови, кои се однесуваат на тоа дека на учениците им е тешко да се придржуваат до протоколите, а на наставниците им претставува тешкотија спроведувањето на протоколите.

Со почитувањето на протоколите, истовремено исто толку е важно да се прават одлучни акции, корективни дополнителни мерки и да се развиваат стратегии и програми за надоместување на пропуштеното или изгубеното во учењето. И тие треба да се однесуваат како на учењето така и на психосоцијалната поддршка.

Ова бара голема посветеност, осетливост и флексибилност за препознавање и одговарање на индивидуалните образовни и психосоцијални потреби на децата. За да се постигне ова, многу ни се важни наставниците, нивниот став и спремност цврсто да се држат до протоколите за безбедност и до спроведување на официјалната програма од една страна, а од друга страна да ги приспособат своите активности на индивидуалните пропуштени образовни празнини и емоционалните потреби на ученикот.

Работата на наставниот кадар беше и сѐ уште е под голем притисок и често изложен на критика. Но, тие се исклучително важни, заедно со родителите и мерките од државата, да овозможат здраво и стимулирачко опкружување во кое секој ученик ќе се чувствува безбедно, ќе си го најде своето место и ќе може активно да се вклучи.

Имате ли информации како оди адаптацијата на учениците со физичко враќање во училиштата, сепак, тоа е природната средина за нив? Од што најмногу стравуваат децата, а и родителите?

– Децата нескриено го изразуваат задоволството што се отворија училиштата и што можат да бидат со врсниците во својата најприродна средина. Останува најдоминантно чувството на страв и неизвесност. Страв да не се заразат и поради тоа да не одат на училиште, страв да не се заразат и пренесат на другите деца и на родителите и најблиските, страв од посочување и осуда доколку се случи тоа, страв и неизвесност како ќе се одвива учебната година и дали можеби повторно ќе се заострат мерките и затворат училиштата. Некои деца изјавуваат дека чувствуваат дека заостанале во образованието, дека можеби пропуштиле некои клучни концепти, знаења и вештини потребни во понатамошното образование и живот и чувствуваат притисок брзо да го надоместат заостанатото. Имаат несигурност дали ќе успеат во тоа, дали ќе успеат да ги вратат или изградат работните навики да го постигнат тоа. Што ако не успеат и разочараат? И секако децата ги имаат стравовите, неизвесноста и желбата типични за развојната фаза во којашто се наоѓаат, а тоа е да се дружат, да се поврзат и вклопат, да припаѓаат на одредена група, да бидат прифатени од врсниците и да бидат разбрани од наставниците.

Кај одреден мал број ученици, по долгата изолација, враќањето на физичката настава претставува посериозен проблем, имаат отпор и одбиваат да излезат од дома и инсистираат на онлајн настава. На овие ученици потребно е да им се посвети посебно внимание, да се обезбеди соработка и поддршка од родителите и наставниците, а доколку е потребно, и професионална психолошка поддршка.

Деновиве сѐ погласни се и Народниот правобранител, а и здруженијата за заштита на детските права, дека има пропусти во протоколите во училиштата што го загрозуваат здравјето на децата. Министерката за образование изјави дека училиштата се должни да спроведат онлајн настава за оние деца што се во изолација. Онлајн учење, по враќање во училишни клупи, за некои деца евентуална изолација повторно, како тоа ќе се одрази на психолошки план врз младите личности?

– Добросостојбата на децата треба да биде најважен приоритет. За сите мерки што се предлагаат и сите критики на мерките, важно е искрено да се прашаме дали им се во интерес на децата, дали се конструктивни и придонесуваат за поголема нивна безбедност. Учениците треба да бидат во училиштата, во својата природна средина што треба да обезбеди јасна структура и чувство на сигурност и безбедност. Секое училиште треба да има протоколи за безбедност и осмислени кризни интервенции за разни ситуации, со цел заштита на здравјето и безбедноста на целокупната училишна заедница.

Во сегашната здравствена криза протоколите треба да се однесуваат на обезбедување здрава физичка средина и намалување на опасноста од зараза со цел одржување квалитетна физичка настава.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот