Првиот дел на јубилејното издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“ ќе се одржи во КСП „Центар-Јадро“
Во културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ во Скопје од 11 до 13 јули ќе се одржи првиот дел на книжевниот фестивал „Друга приказна“. Фестивалот годинава одбележува десетгодишнина и првпат ќе се одвива во два дела, во јули и во октомври.
Препорачано
Во јулскиот дел во три дена предвидени се десетина програмски содржини: промоции на неколку нови книги во едицијата „Магма“, три разговори во читачкиот клуб „Одрадек“ (првпат ќе бидат изведувани пред публика), два разговори во новиот разговорен формат „Помеѓу двајца (цел еден свет)“ и промоција на вториот сет „Фамилија“ на психолошката игра со карти „Добро прашање“.
На 11 јули, во 19 часот, ќе се одржи разговор помеѓу Марко Трпески и Филипа Сара Попова во рамки на сегментот „Помеѓу двајца (цел еден свет)“, во 20 часот во читачкиот клуб „Одрадек“ во фокус е творештвото на Лилјана Дирјан, а ќе учествуваат Никола Гелевски, Роберт Алаѓозовски и Елизабета Шелева, додека во 21 часот во промоцијата на сетот „Фамилија“ ќе учествуваат Николина Андова Шопова, Симона Јованоска, Ива Михајловска и Стефан Алијевиќ.
Програмата ќе се одвива секој ден, од петок до недела, од 19 до 22 часот. Ќе учествуваат триесетина луѓе од нашата земја. Преку ден граѓаните по намалени цени ќе можат да купуваат книги од книгоиздателството „Темплум“, кое го организира фестивалот „Друга приказна“.


