Протестираа жителите на Автокоманда, се појави и градоначалникот Стефковски

„Барањата на граѓаните на Автокоманда се и мои барања“, рече вечерва градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски, кој на повик на граѓаните се приклучи на протестот на жителите на Автокоманда, кои бараат да се вратат на старото греење, откако без да бидат прашани беа приклучени на друга опција.
Граѓаните се незадоволни поради тоа што досегашното „железарско“ парно, со кое имаа греење 24 часа, е префрлено на „ЕСМ снабдување“.
Од „ЕСМ“ потврдија дека од денеска жителите на Автокоманда се потрошувачи на „ЕСМ снабдување“, исто како и со останатите топлани, и овие потрошувачи ќе бидат преземени од „ЕСМ енергетика“. Тие понатаму ќе добиваат фактури од „ЕСМ снабдување“, за што ќе треба да склучат договор со новиот снабдувач.
„Не може Владата и АД Енергетика да го променат снабдувачот со топлинска енергија во Автокоманда без да ги прашаат корисниците. Очекувам да се прифатат барањата на граѓаните и АД Енергетика повторно да биде снабдувач за домаќинствата во Автокоманда“, рече Стефковски на протестот.