ПРОТЕСТИ ВО ЧИЛЕ: Најмалку пет загинати лица откако демонстранти запалија фабрика за облека
Пет луѓе загинаа откако демонстранти запалија фабрика за облека во близина на главниот град на Чиле. Земјата во изминатиот период се соочува со засилен бран на насилни протести, особено активни во Сантијаго, објави Би-Би-Си.
Војската и полицијата мораа да искористат солзавец и водени топови во обид да ги контролираат масите, а беше воведен и полициски час во поголемите градови.
Во Сантијаго веќе е прогласена вонредна состојба, која според пишувањата на медиумите, ќе биде продолжена во градовите на северот и на југот од оваа јужноамериканска држава.
Причината за почетокот на демонстрациите, која беше зголемување на цените за јавен превоз, сега се трансформираше во масовни негодувања на цените за живот и нееднаквоста во Чиле.
Во неколку други градови, вчера демонстрантите запалија автобуси, уништуваа станици за метро и се судираа со полицијата.
Властите кажаа дека речиси 10,500 полицајци и војници се распоредени на улиците, најмалку 1,400 луѓе за приведени ширум земјата, а засега најверојатно има двајца загинати демонстранти.