Проширување на ЕУ: Новата методологија помина, на ред се новите формати на Макрон

Францускиот претседател признава дека проширувањето треба да се случи брзо од геополитички причини, но и дека постојниот метод на проширување не функционира. Од друга страна, потенцира дека ЕУ не е создадена за „бескрајно проширување“ и дека проширување без реформи на ЕУ би било „катастрофа“, вели Малинка Ристевска Јорданова за „Слободен печат“

Откако пред четири години го стави на чекање проширувањето на Европската Унија со образложение дека прво треба да има реформа на процесот на преговори, односно нова методологија, па потоа да се дозволи влез на нови членки, францускиот претседател Емануел Макрон, на конференцијата „Глобсек“ во Братислава, повика на проширување на Унијата, но за да се направи тоа, треба да се измислат неколку формати за да се справат со аспирациите за членство на земјите од Источна Европа и Балканот. Новата методологија помина, сега на ред се нови формати, а во меѓувреме на негова иницијатива профункционира Европската политичка заедница, која вчера го одржа вториот самит во Молдавија.

Накусо кажано, сегашното статус-кво не е опција, но не е опција ни брзото проширување со нови членки, а без претходни реформи на институциите на ЕУ.

– Да, ЕУ мора да се прошири. Да, тоа мора да биде одново смислено во смисла на структурата на управување и на целите. Да, мора да бидеме иновативни, да измислиме неколку формати и да ги разјасниме целите на секој од овие формати – изјави Макрон.

Макрон: Да се избегнат грешки што би влијаеле врз безбедноста

Според него, ова е единствениот начин за да се исполнат легитимните очекувања на Западен Балкан, Молдавија и Украина, кои мораат да ѝ се приклучат на Европската Унија и да ја задржиме геополитичката ефективност, но исто така, и климата, владеењето на правото и економската интеграција во ЕУ каква што постои денеска. Сега Макрон предупредува дека Унијата мора да избегне грешки во поглед на проширувањето, кои би влијаеле врз нејзината безбедност.

– Првата грешка би била да остане статус-кво, да му се даде надеж на Западниот Балкан, на пример, на Молдавија и на други, и да се игра на факторот време. Верувам дека тоа би била огромна грешка. Сметам дека тоа би им дало простор на оние што би сакале да ја дестабилизираат Европа. Би се разбудиле едно утро и ситуацијата би била многу подраматична – рече Макрон.

Сепак, како и секогаш има едно „но“, па францускиот претседател вели дека не треба проширување колку само да има проширување, бидејќи тоа би било втора грешка и такво проширување би ја ослабело Унијата, па потсети дека Унијата никогаш не била направена за бесконечно проширување во географски рамки.

– Поради тоа треба да се обрне внимание на спецификите на новите земји членки, кои ќе станат партнери во сите чувствителни области на ЕУ, а Унијата поради тоа ќе им поставува нови и нови услови во различни области. Унијата треба да се прошири, но истовремено ѝ треба реформа на нејзиното менаџирање, различни формати на дебати и да се знае кој за што е точно одговорен, а земјите од Западниот Балкан и Молдавија тоа треба да го знаат – порача Макрон.

Ристевска Јорданова: Потсетува на старите идеи за концентрични кругови

Што велат експертите за новиот став на Макрон? Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ, оценува дека францускиот претседател во нијанси ја менува реториката за проширувањето, ама истовремено остава многу неодговорени прашања, па и контроверзии.

– Тој признава дека проширувањето треба да се случи брзо, од геополитички причини, но и дека постојниот метод на проширување не функционира. Од друга страна, потенцира дека ЕУ не е создадена за „бескрајно проширување“ и дека проширување без реформи на ЕУ би било „катастрофа“ – вели Ристевска Јорданова во изјава за „Слободен печат“.

Според неа, самите реформи во ЕУ неминовно значат одолжување на процесот на проширување поради сложеноста на процесот и диверзитетот на државите членки.

– Покрај тоа, инсистирањето на Макрон на „нови механизми, цели и формати“ во реформирањето на Унијата и „начини на соработка по области“ како начин ЕУ да се справи со кандидатите неминовно потсетува на старите идеи за концентрични кругови и варијабилна геометрија – постари идеи со француска провиниенција, или на поновите предлози и идеи за „фазна интеграција“ – објаснува таа.

За политикологот Иво Ранѓеловиќ, пак, изјавата на Макрон, како и која било во изминатиот период, е контекстуализирана во однос на ситуацијата во Украина, како и во рамки на самата ЕУ.

– Изјавата најавува реформирање на Унијата пред нејзино проширување, што за нас е дополнителен проблем. Брисел мора што поскоро да изнајде формат што ќе го забрза приклучокот на Западен Балкан во ЕУ, во спротивно треба да се коцка со фрустрацијата на општествата во регионов – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Според него, изјавата на Макрон има номинална вредност сѐ додека Унијата не донесе барем формална одлука за проширување.

А патот до формална одлука за проширување е долг. Од Европската комисија остануваат на ставот дека стојат зад проширувањето и поддршката на земјите кандидатки, но потсетуваат дека проширувањето е процес што го менаџираат институциите низ сериозни процедури.

Не помалку важен е и ставот на Унијата дека напредокот на секоја земја ќе зависи од сопствените заслуги во исполнувањето на Копенхашките критериуми, но притоа да се има предвид капацитетот на ЕУ за прием на нови членки. Како значаен импакт, меѓу другото, се споменува влијанието на идните проширувања врз буџетот на ЕУ, односно финансискиот капацитет на Унијата да ги поддржува своите политики. Новите членки, според ЕУ, би станале корисници на европскиот буџет, добивајќи значајни фондови за развој.

И додека се толкува нејасната изјава на Макрон, од македонската влада информираа дека францускиот претседател ја поздравил одлучноста на Владата да работи на реализирање на европската агенда и најавил продолжување на „силната и гласна поддршка на Франција“. Ковачевски и Макрон, исто така, се согласиле дека сега е моментот да се направи јасен исчекор во пристапниот пат, како што се толкуваа уставните измени, и да се овозможи успешно интегрирање на Северна Македонија во ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот