Проф. Ѓуровска: Доминира профитниот егоизам кај работодавачите

-Прашањата што сега се поставуваат за тоа како ќе реагира пазарот на труд во Македонија и Европа во овие вонредни околности во овој момент не можат со сигурност да бидат одговорени. Ние пред неполни два месеци на ниво на експерти имавме анализа и дискусија за прашањата поврзани со состојбата на пазарот на труд кај нас, со тенденција да се направи дистинкиција што е она кај нас и кави се стандардите во поглед на овие прашања во Европската Унија. Се разбира тогаш ја немавме ситуацијата со КОВИД-19 и не замислувавме дека ќе дојде до нешто слично за толку кус временски период, изјави за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, универзитетската професорка Милева Ѓуровска од Европското движење во Република Северна Македонија.

Како резултат на стопирања на економијата, стапката на отпуштања ќе расте.

-Едно е сигурно – после вакви големи кризи, состојбата во општествата драстично ќе се менуваат. Секако дека застојот во економијата, односно оваа голема точка која ќе трае подолго време ќе ги создаде условите познати како кризни услови. А после кризите состојбите ќе се менуваат. Водејќи се од анализите на другите кризи , најголемиот дел од популацијата, кои ќе се најдат во незавидна положба е населението кое што работи за плата. Значи отпуштања ќе има. Кај нас, но и во Европа долго време се зборува за јакнење на перформансите, инклузија на младите, но после кризава оваа стапка на отпуштања значително ќе биде зголемена, бидејќи економијата стои., вели Ѓуровска и додава дека и онака состојбата не беше сјајна.

На удар се малите и средни претпријатија.

-Мерките на Владата одат во насока на она што ние на сесиите го разговараме, а тоа е оној највиталниот сектор во економијата – малите и средни претприја. Треба да се истакне податокот дека 77% од вработените се наоѓаат во овој приватен сектор. Останатите се во јавниот сектор. Во современи услови малите и средни претпријатија мора да бидат одржани за да можат многу брзо да се ревитализираат, бидејќи тие се оној најфлексибилен дел од економијата. Сметам дека мерките што се преземаат од Владата ќе донесат резултати во пост-кризниот период, вели универзитетскиот професор Милева Ѓуровска.

Целиот товар за подобрување на условите на пазарот на трудот паѓа на грбот на државата, додека пак од друга страна. работодавачите се однесуваат комотно.

-Од социолошка гледна точка, нештата во сферата на трудот ќе мора да се променат. Ние во овие први години од 21 век доживеавме една огромна диференцијација на населението, односно огромни социјални разлики меѓу луѓето кои одат во една скала која не била во ниту една криза. Сметам дека централниот елемент на кој што ќе се прекршува кризата, последиците од неа и реорганизацијата на општеството ќе бидат насочени на овој план. Ние на тоа укажувавме. Неопходно е на овој план да се делува со различни мерки, но тоа не е така едноставно. Односите помеѓу работодавачите и работниците не се менуваат така едноставно, тоа се односи кои произлегуваат од економските состојби, пазарот на трудот, понудата на работната сила итн..

Целиот товар на подобрување на условите на пазарот на трудот некако паѓа врз државата. Работодавачите се однесуваат доста комотно. Од друга страна незначително е нивното учество во менувањето на нештата во овој план. Јас реков дека малите и средни претпријатија можат многу брзо да реагираат. Имаме една инертна економска сфера која реагира единствено на економнски стимуланси. Ако го нема тој мотив тие не се ангажираат. Се грижат само за нивните профити. Не сакаат да си го нарушат својот комодитет и зона на конфор, вели Ѓуровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот