Проектот „Домашна работа“ на Кристина Божурска ќе биде презентиран во рамките на „Артс хаб“

Изложба на дела од проектот „Домашна работа“ / Фотографија: КСП „Центар-Јадро“

Во рамките на новиот проект „Артс хаб“ (Arts Hub), кој ќе се реализира во КСП „Центар- Јадро“ во периодот 2023/24 година, серијата презентации и разговори со уметници од локалната уметничка сцена продолжува со проектот „Домашна работа“ на Кристина Божурска, што ќе се одржи на 9 февруари (четврток), во 20 часот.

– Преку проектот „Домашна работа“ наша цел беше да развиеме експериментални и колаборативни форми на уметничка пракса, каде што фокусот беше насочен кон процесот и можностите што произлегуваат од тој процес. Нашата почетна точка на онлајн работилниците беше разгледувањето на дела од автори чиј главен фокус е социјалниот ангажман. Потоа го користевме ова искуство како средство за отворање на дискусија, правење паралели со личните животи, мобилизирање на идеи и иницирање акција – објаснува Кристина Божурска.

Младите учесници биле охрабрени да го препознаат потенцијалот што уметноста може да го има во обликувањето на социјалната реалност. Тие биле охрабрени да создадат и свои уметнички дела со различни достапни материјали со цел да посочат на социјалните теми и проблеми од нивната локална заедница, притоа носејќи ја уметноста на неочекувани јавни простори.

– Создавањето на пињати пред КСП „Центар-Јадро“ нѐ однесе во друга форма на учеството на публиката. Креиравме настани за дружење со соседите и случајните минувачи и заеднички изработувавме предмети потребни за изложбата. Пињатите се направени од донирани, непотребни хартии од домашни задачи, кои потоа беа персонализирани со текстови, напишани и собрани од младите учесници на онлајн работилниците. Кршењето на пињатите на отворањето на изложбата беше метафоричка „катарза“, симбол на личното и колективно дејствување на разбивање на несаканата реалност и „пишување“ и замислување на нова иднина со поголема емпатија, сочувство и разбирање – истакнува Божурска во својот текст за целите и фазите на проектот.

Божурска го развиваше својот проект во периодот март-јули 2021 година во кој свое активно учество земаа Јана Иванова, Јована Лалчевска, Грегор Пешевски, Благица Стојанова, Ивона Здравева, Денис Денчиќ, Софија Краљевска, Исидора Божиновска и Лукас Картер.

Кристина Божурска дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, a во 2017 магистрира на Институтот за културолошки студии, Скопје, фокусирајќи се во своето истражување на социјалните практики во уметноста. Во своите дела користи мноштво техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртеж, текст и видео.

Суштина на нејзината практика е социо-политичкиот контекст, каде преку изборот на материјали и визуелни референци директно ги коментира актуелните проблеми. Честопати тргнува од отфрленото, непотребното, заборавеното, во обид да го помести фокусот на опсервација и да го преиспита доминантниот консензус. Имала самостојни изложби во галерија „Уна“ во Бјаред, Шведска; „Мала Станица“, МКЦ и „СИА Галерија“, Скопје, „Прима галерија“ Берлин и во Куманово, а учествувала и на многубројни групни изложби и видео-фестивали во земјата и надвор. Предава ликовна уметност во интернационалното училиште QSI, Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот