Проект „КреАрт 2020“: Заедничка изложба на Ана Ивановска и Ирене Тамањоне

Учеснички на уметничката резиденција „КреАрт 2020“, која се реализира во организација на Град Скопје, се ликовните уметнички Ана Ивановска (Скопје) и Ирене Тамањоне (Џенова). Резултатите од нивната работа се претставени на заедничка изложба, која со кураторство на Кирил Пенушлиски од 12 до 18 ноември е поставена во Културно Информативен Центар – КИЦ во Скопје.

Делата од новиот циклус на Ана Ивановска ги истражуваат внатрешните трансформации. Станува збор за дигитално обработени фотографии од нејзиното лице и нејзините раце, но и од лузните на телото. Со подлабока анализа на делата станува јасно дека Ивановска го става фокусот на своите чувства и емоции. А воедно и на мислите што се директно предизвикани од пандемијата на ковид-19 и од карантинот во четирите ѕида, кои, како огледала, сега го рефлектираат погледот на уметникот (а симболично, можеби и на гледачот) кон самиот себе.

Дело од Ана Ивановска

Ана Ивановска (Скопје, 1982) дипломските и постдипломските студии ги завршила на ФЛУ во Скопје, во класата на Благоја Маневски. Првата самостојна изложба ја имала во 2007 година. Добитник е на наградата „Денес“ (2008), наградата за вајарство на ДЛУМ (2017), наградата за нови медиуми на ДЛУМ (2020) и беше претставник на Македонија на интернационалниот натпревар на 7-те Франкофонски игри во Ница, Франција (2013).

Погледот е тоа што најмногу ја интересира Ирене Тамањоне. Очите се прозорецот кон душата, но, експресивните можности на погледот како да се зголемени, или само повеќе ги забележуваме поради сеприсутните маски што ги покриваат лицата на луѓето. Тамањоне се претставува со серија на портрети. Тоа се очи и погледи на жени кои се жртви на насилство. Станува збор за жени што се затворени во своите домови заедно со агресорот. Тие, задржувајќи го здивот и болката во себе, се „дават“ во мака, а оттаму акварел техниката одговара на темата што Тамањоне ја обработува.

Дело од Ирене Тамањоне

Ирене Тамањоне (Џенова, 1986) по одбраната на докторатот од областа на биоинженерството во 2015 година се вратила кон својата прва љубов – уметноста, посетувајќи ја уметничката школа „Артинкампо“ во Џенова, Италија. Својата прва самостојна изложба ја имала во 2019 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 56, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот