Продолжуваат антивладините протести во Бугарија: Демонстрантите бараат „независност од мафијата“

Софија, Бугарија / 02 септември 2020 / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Околу 10.000 луѓе вчера се собраа во Софија на Денот на независноста барајќи „независност од мафијата” и оставка на Владата која ја обвинуваат за поврзаност со олигарсите.

На антивладини протести во повеќе градови се собраа по неколку илјади луѓе, а во Велико Трново, во центарот на земјата, демонстрантите извикуваа „оставка” за време на говорот на спикерката на Парламентот Цвета Карајанчева по повод националниот празник.

„Оставка” и „мафија” скандираа и демонстрантите во Софија, меѓу кои имаше многу млади луѓе.

Историската зграда на парламентот вчера ја чуваа три полициски кордони врз кои демонстрантите фрлаа петарди и шишиња.

Во Софија во последните два и пол месеци секојдневно се одржуваат протести против корупција и во нив учествуваат луѓе од различни сфери и политички определби, кои бараат „живот според европските стандарди”.

Најсиромашната земја во Европската унија, Бугарија, според индексот на корупција на невладината организација Транспаренси Интернешнл е и нејзина најкорумпирана членка.

На власт речиси една деценија е десноцентристичкиот премиер Бојко Борисов, чиј мандат истекува во март следната година. Тој одби да поднесе оставка со изговор дека е загрижен за стабилноста на земјата во контекст на здравствената криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Тој на својот профил на Фејсбук напиша дека „успехот доаѓа преку дијалог, а не се конфронтација”.

Бугарскиот претседател Румен Радев, близок до опозициските социјалисти, им го честиташе Денот на независноста за „разбудените граѓани кои укажуваат на моралното пропаѓање”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот