Продолжува солидарноста меѓу земјите членки на ЕУ кога се работи за прием на нови членки

Македонија и ЕУ/ Фото: Слободен печат/ Архива

На Самитот во Загреб Македонија не доби датум за отпочнување преговори. Сепак, повеќе пати беше поздравена одлуката за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија, донесена на 26 март годинава како и усвојувањето на новата преговарачка методологија. Новата методологија, потсетија ЕУ челниците, ќе овозможи и забрзување на евроинтегративниот процес за земјите кои имаат политичка волја и капацитет за тоа, преку создавање поефикасен и пополитички процес.

– Демократските стандарди постојат за да овозможат забрзување на процесот, преговорите се трансформативен процес и колку е земјата поангажирана повеќе напредува, како и да е “останување на паркингот“ не е поттик, изјави Андреј Пленковиќ, хрватскиот премиер чија земја претседава со ЕУ до први јули.

Проширувањето на ЕУ на Самитот во Загреб, очекувано, остана во сенка на пандемијата со коронавирусот. Лидерите на земјите членки на Европската Унија, првите луѓе на Европскиот Совет, на Европскиот Парламент и на Европската Комисија, како и шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан во Загреб уште еднаш ја потврдија својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан.

Зошто и понатаму ЕУ зборува само за европската перспектива на Западен Балкан?

Поранешниот дипломат Благој Зашов отворено прашува зошто и понатаму ЕУ зборува само за европската перспектива на Западен Балкан, а не за прием на нови членки. Но, зошто и понатаму се инсистира (дури и конкретно) на добрососедските односи на земјите кандидатки со земјите членки како да добрососедството зависи само од нив, а не и од членките.

„И понатаму продолжува „солидарноста“ меѓу земјите членки кога се работи за прием на нови членки при одлучувањето во процесот на преговорите. Сега уште повеќе. Франција бараше тие, земјите членки, да имаат поголемо влијание во процесот на преговорите. Тоа „заинтересираните земји“, каков што е случајот со Грција и Бугарија во однос на Македонија ќе го користат уште повеќе“, напиша Зашов на својот фејсбук профил.

Според Зашов, загрепскиот он лајн самит покажа и многу други проблеми и меѓу самите земји членки, дека ЕУ ја манифестирала поделбата на Северот и Југот во ЕУ, поделбата на богатите членки од Северот кон посиромашните земји членки од Југот, па дури дека и договорот од Шенген не е така цврст како што се мислеше.

Во својата анализа Зашов вели дека тоа доведува до давање можност на секоја земја членка да се закопа во рововите и да инсистира да се исполни секој услов кој таа „ќе го науми“ во однос на оние кои чекаат пред вратите на ЕУ.

„Оттука перспективата на Западниот Балкан, за која се зборува долго време, и е спомената во почетокот на овој текст, е под знак прашалник. Само мудра политика и барање пријатели на сите страни може да ѝ помогне на Македонија во натамошното приближување кон ЕУ. Само здрав разум и единство внатре во земјата, само давање приоритет на она што народот го очекува, може да не „спаси“ од грамзливоста на одделни земји членки на ЕУ“, пишува поранешниот амбасадор.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот