Пробајте ги здравите кифлички на Стефанија Несторовска

Фото: Приватна архива

Не постои човек што не сака кифлички, а речиси насекаде можете да најдете рецепт за кифлички од бело брашно. Меѓутоа, многу луѓе сакаат да водат здрав живот и се трудат да се хранат што е можно поздраво, но тој треба да биде и еднакво вкусен.

Благодарение на вештите раце и инвентивноста на Стефанија Несторовска што стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, секогаш имаме можност да пробаме нешто интересно и несекојдневно. Стефанија овој пат ни приготви здрави кифлички.

Направете кифлички со брашно од спелта и нема ни да ја забележите разликата бидејќи се еднакво вкусни како оние со бело брашно, а остануваат свежи и наредните денови. Можете да ги послужите и за појадок и за вечера.

Спелта (Triticum spelta) е вид житарка што е блиска роднина со пченицата. Нивото на глутен во спелтата е многу ниско, а оваа житарка е стара уште од античките времиња и добро позната по своите нутритивни својства. Една од најинтегралните и најздрави подвидови пченица што изобилува со хранителни состојки.

 

Состојки:

– 1 филџан спелтино брашно
– 2 лажички прашок за печиво
– 150 грама (1 канче) грчки јогурт
– полнење (фил) по желба – маслинки, спанаќ, фета, кашкавал и слично…

Подготовка:

Се загрева рерната на 220 степени и се подготвува тава за печење. Тавата или премачкајте ја убаво со масло или поставете хартија за печење, инаку кифличките ќе се залепат.
Во длабок сад се додаваат сите состојки освен намирниците за полнењето на кифличките. Замесете додека не се добие тесто. Оставете настрана.
Подгответе ги филовите (полнењето) што ќе ги користите, јас исечкав маслинки и спанаќ.
Додајте малку брашно на работната површина и развлечете го тестото во круг со помош на сукало. Исто како што би направиле со обично тесто.
Поделете го тестото на 8 триаголници, додајте ги преливите и формирајте кифлички.
За премачкување јас користев едно матено јајце, па проросив со сусам – ова е сосема опционално.
Кифличките печете ги 20 минути.
Кифличките може да ги чувате до 5 дена на собна температура.
Совет: удвојте ја дозата за поголема количина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот