Примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог: Меланомот најчесто ги погодува луѓето со светол тен и коса

Примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог

Меланомот е кожен карцином, кој настанува од малигно изменети пигментни клетки – меланоцити. Во 90 отсто случаи се јавува на кожата и на слузници и претставува најагресивен кожен карцином, со висока стапка на смртност. Како болест, се среќава најчесто кај белото население, и тоа главно кај луѓе со светол тен, коса и очи и со пеги по кожата (фототип на кожа I и II). Кај жени, во возрасна група од 25 до 29 години, е најчест по застапеност карцином, а заедно со ракот на белите дробови, меланомот денес има највисока стапка на раст на инциденцата (зачестеноста). Во просек 3-4 отсто од сите кожни карциноми отпаѓаат на меланомот, но затоа на него се должат 70 отсто од смртните случаи од кожен карцином, или пак 1-2 отсто на смртни случаи од малигно заболување.

Инциденца на ракот на кожа

Зачестеноста на меланомот е во пораст во светски рамки. Во Европа, во периодот од 1960 до 1990 година, кај белото население, удвоен е бројот на нови случаи. Најголема е оваа бројка во високоразвиените земји на Северна и Западна Европа, достигнувајќи го својот максимум во скандинавските земји, а најниска е во медитеранските земји. Се претпоставува дека освен светлата кожа со малку пигмент, кај населението на овие земји, за ваквата висока инциденца е виновно и интермитентното интензивно изложување на сонце (инцидентно/со одреден временски интервал, на пример, само за викенд, или само во лето, но не и во текот на годината). Од друга страна пак, иако имаат помала инциденца на заболувањето, земјите од Јужна и Источна Европа имаат повисока стапка на смртност од меланом, што секако најмногу се должи на пониското ниво на здравствена култура и на недоволно развиени и имплементирани мерки за превенција и рана детекција, а сето тоа резултира со откривање на болеста во подоцнежен стадиум, кога шансите за успешно лекување се мошне намалени.

Меланомот, освен на кожата, може да настане и на други органи – епител на разни мукозни мембрани, на пример, во цревото, обвивки на мозокот, внатрешно уво и во некои други ткива. Оттаму, на сите овие локализации може да се појави и да започне како почетен карцином, т.н. примарен меланом. На тие локации се открива исклучително тешко. Во 75 отсто од случаите акутниот меланом се јавува на откриените делови од кожата на телото, односно оние кои се почесто изложени на сонце.

Дијагностика

Независно од анатомската локализација, меланомот секогаш започнува во вид на дамка или рамна промена, со променета боја (најчесто во нијанси на кафеава) и со мали димензии, до 3 мм во најдолгата оска. Во овој стадиум речиси е невозможно да се дијагностицира со клинички преглед, односно само со голо око. Како промената расте, станува повоочлива и прераснува во поголема лезија, а подоцна во јазолче. Во овој стадиум веќе може да биде попрепознатлив клинички. Рамната лезија на меланомот во почетокот не може со сигурност да се разликува од обична бенка (бенигна лезија). Оттука, често е мислењето дека се работи за бенка, која подоцна малигно се променила, додека во суштина, промената уште во почетокот има малигна природа и не станува збор за бенка, иако на изглед со голо око, наликува. Со тек на времето, лезијата се здобива со изглед карактеристичен за карцином, имено станува несиметрична, лошо или остро ограничена од околната здрава кожа, често со неправилни, дури бизарни рабови (назабени, брановидни, итн.) и е пребоена во неколку бои или нијанси од светло кафеава преку темно кафеава, розова, бела до црна боја. Колку поголем број на нијанси се разликуваат во промената, толку е поверојатно дека е малигна.

Освен во хоризонталната рамнина на кожата, промената почнува да се шири и вертикално, надолу, и тогаш се гледа како порасната (задебелена) нерамна, а во еден дел често се појавува јазолче. Кога промената веќе не е рамна, меланомот е со можност да метастазира. Времето потребно за ваква промена на меланомот е индивидуално, а зависи и од типот на меланом. Сепак, иако се смета дека меланомот е еден од карциномите кои се со најбрз раст и потенцијал за метастазирање, постои период некогаш и од повеќе години, во кој промената е во „ин ситу“ фаза, или стадиум на тенка лезија, која се наоѓа сѐ уште сместена во најгорниот дел во кожата. Оперативен третман на меланомот во оваа фаза, може да значи комплетно негово излекување и со тоа и спасување на живот на пациентот.

Како настанува меланомот?

Науката претпоставува дека овој вид карцином настанува по пат на два главни и различни механизми. Првиот се поврзува со одреден вид на „нестабилност“ на меланоцитите и генетски/наследни фактори, додека кај вториот механизам клучна улога игра фотооштетувањето на кожата во текот на животот. Значи, сите меланоми не се последица на изложување на сонце, на пример, меланомот на гениталната слузница, која не е изложена на УВ-зрачење.

Лентигинозно ширечкиот меланом е карактеристичен за фотоекспонирани регии, како лицето, и се поврзува со хронично оштетена од сонце. Тој се појавува кај постари лица (после седмата деценија од животот) и има забавен раст. Површинско ширечкиот меланом пак, почесто се појавува на кожа која е повремено изложена на сонце (како грбот, потколеници кај жени итн.). Претставува најчест вид на меланом (60-70 отсто од сите заболени), има подолга фаза на хоризонтален раст, се појавува кај помлади луѓе (30-60-годишна возраст) и најчесто се поврзува со појава во претходно постоечки невус (бенка). Нодуларниот меланом од почеток има вертикална фаза на раст, со што брзо се спушта подлабоко во кожата и по лимфоген и крвен пат, брзо метастазира. Има лоша прогноза. Почест е кај мажите. Меланомот на крајните делови на телото (дланки, табани и нокти) не е толку чест кај белата популација. Тој се јавува кај темно-пигментираните раси (во 70 отсто од случаите) и е најчест кај луѓето од азиско потекло (45 отсто случаи со овој тип меланом се дијагностицирани кај оваа група население).

Сиптоми

Најчести симптоми кај меланомот се следниве: јадеж, кој е почесто присутен околу промената, одошто во неа самата; промената на обликот, големината, и бојата; крвавење од лезијата (последица на неоваскуларизацијата и формирање на бројни нови и крути крвни садови, кои на механички притисок лесно прскаат); поретко се појавува болка во лезијата; губиток на влакната во промената („ќелава“ лезија), губиток на нормалниот кожен цртеж во промената и др.

Ризични фактори и групи

Познавањето на ризичните фактори, поврзани со појавата на меланомот, е многу важно за правилна превенција на оваа малигна болест. Поголем ризик да се заболи од овој вид на карцином постои, пред сѐ, кај белото население со светол тип кожа (фототип I и II). Тоа се типови кожа кои имаат малку пигмент, тешко потемнуваат, а лесно се здобиваат со изгореници од сонце. Изгорениците во првите години од животот (особено во првите пет години), кожа со бројни пеги, користење солариум, дури и само неколку пати до 16-годишна возраст, но и подоцна во животот, меланом кај член во семејството и имуносупресија од друга причина или имуносупресивна терапија, се ризични фактори кои најчесто се нотираат. Во ризични спаѓаат и луѓе кои имаат голем број на бенки по телото (повеќе од 50 на број), или оние кои имаат таканаречени „атипични бенки“ (поголеми од 6 мм, со варијација во бојата и одредени неправилности на структурите). Меѓутоа, тука мора да се нагласи, дека ризикот за малигна промена на претходно постоечки невус (кој има бенигна природа), според сознанијата од последните децении, не е така голем, како што се мислеше претходно. Тој ризик е сведен веќе на 10-20 отсто, што значи дека веројатноста меланомот да се развие на претходно нормална, непроменета кожа е 80-90 отсто или многу повисок, одошто да се појави во бенка, која претходно постоела. Оттука следи дека превенцијата и заштитата од сонце, мора да опфати мерки кои се насочени кон заштита на целата кожа, а не само на бенките, како што тоа често е случај во праксата.

Рано откривање и лекување

Кога се зборува за меланомот од суштинска важност е да се објаснат и методите што се достапни денес, во модерната медицина, за рана детекција на ова заболување и да се нагласи потребата од правилна превенција.

Како што знаеме, суштинска терапија на меланомот, како и на другите карциноми, е неговото хируршко отстранување во здраво ткиво во што поран стадиум на болеста, пред да има можност да настанат оддалечени метастази. Раната детекција на меланомот до пред некоја деценија не била возможна, но денес веќе во широка употреба е методата наречена дерматоскопија, која претставува ефикасна, неинвазивна интервенција, со која меланомот може успешно рано да се детектираат во „ин ситу“ фаза. Потребно е стручно познавање на проблематиката и одреден степен на обука, за да може методот да се примени ефикасно и да ја постигне својата цел.

Дерматоскопија

Дерматоскопијата може да биде рачна и дигитална. Рачната подразбира дијагноза на поедноставни пигментирани лезии, каде што нема потреба од следење, па може да се употребува и за брз дијагностички скрининг. Рачен дерматоскоп употребуваат, освен посебно едуцирани специјалисти, и лекари од општа пракса, за брза ориентација и дијагноза на баналните пигментни промени. Дигиталната дермоскопија подразбира дијагноза со фотодокументација и со пренос на сликата од промената на компјутер, често дополнително обработена со специјализиран софтвер.
Со примена на дерматоскопијата, во висок процент се намалуваат непотребните хируршки ексцизии на пигментните промени, кои се сомнителни само со преглед на око, и обратно, во висок процент стануваат индицирани за отстранување, промени кои клинички изгледаат сосема бенигно, но дерматоскопски веќе се сомнителни за меланом. Дерматоскопската дијагноза на секоја сомнителна промена, секогаш треба да се докаже со последователна биопсија (ексцизија) и хистопатолошка потврда на дијагнозата.

Мит околу остранувањето на бенките

За дерматологот кој се занимава со дијагностика на овој вид карцином, не мала задача претставува и борбата со предрасудите и суеверието. Сѐ уште премногу често се среќаваме со пациенти, но и со медицински персонал, кој верува дека е „опасно“ да се отстрани „бенка“ со хируршка интервенција (односно дека е тоа ризик за нејзина „малигнизација“). Голем број од нив веруваат во ефикасноста на „народните лекови и масти“ наспроти оперативниот тераписки пристап. Механичка повреда на невус (бенка) не е опасна и не е причина за негова малигна промена. Непроценлива е штетата која се нанесува со ваквите вкоренети ставови и медицинскиот персонал мора да соработува за тие да се искоренат.

Истовремено, неопходно е перманентно да се врши едукација на населението, особено родителите и децата, кои се на возраст кога раната превенција е од исклучителна важност, како соодветно да се заштитуваат од штетното влијание на сонцето и УВ-зрачењето. Порастот на инциденцата на меланомот кај нас зборува дека мора да инсистираме новите и поздрави навики да станат составен дел од животот на нашето население. Пред сѐ, употреба на средства со заштитен УВ-фактор на откриените делови од телото, во сончеви периоди на годината, носење соодветна облека која е непропустлива за УВ-зраците, избегнување на најсилното сонце во текот на денот, избегнување на солариуми, самопреглед на кожата и, конечно, навика за рутински редовни превентивни прегледи кај семеен лекар и дерматолог.

Примариус Сузана Камберова,
специјалист дерматолог

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот