Премиерот го изеде за сите пари за „Соравија“ на Ахмети и за корупцијата на Мерко

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски го нарече премиерот циркузант, бидејќи немал храброст да побара оставка од Мерко и зашто се плашел да им каже и добар ден на, како што рече, криминалците од ДУИ, по што зовре атмосферата во пленарната сала.

Купувањето на деловниот центар „Соравија“ од Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, и ставањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа на САД беа во фокусот на собраниската седница за пратенички прашања.

Главната „расправа“ се водеше помеѓу пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки и премиерот Димитар Ковачевски. Пратеникот праша како е можно Дрин Ахмети на 24 години да се стекне со сопственост од 39 отсто во „Соравија“ во центарот на Скопје со вложени 0 денари, дали ќе побара оставка од лидерот на ДУИ, бидејќи станува збор за перење пари и дали од обвинителот за организиран криминал Ислам Абази, близок на семејството Ахмети, може да се очекува дека ќе спроведе непристрасна истрага.

Премиерот одговори дека тоа што некој се стекнал со сопственост е нешто што не е поврзано со годините, но начинот на кој се стекнал секако дека ќе го проверуваат Управата за финансиско разузнување, УЈП и Централниот регистар.

„Ако има сомнеж за потеклото на парите и ако се докаже тоа, тогаш и финансиската полиција треба да провери за текот на парите. Да, институциите треба да постапат според надлежностите“, рече Ковачевски.

Пратеникот Ковачки рече дека не е задоволен од одговорот на премиерот бидејќи тој зборува за институции кои ги контролира власта и дека не може да им се верува на институциите кои меѓу себе си ја префрлаат одговорноста. Ковачи забележа дека поради скандалите и аферите во ДУИ на седницата за пратенички прашања не е присутен ниту еден министер, ни пратеник од ДУИ.

Ковачевски одговори дека за институциите кои ќе го истажуваат потеклото на парите за зделката со „Соравија“ досега не се слушнал ниту еден негативен коментар од странски претставници и повтори дека, како премиер, нема намера да биде ниту обвинител, ниту судија.

„Не ми одговоривте дали ќе побарате оставка од Ахмети и дали ДУИ преку таа зделка ќе пере пари. Не смеете да писнете пред Ахмети“, рече Ковачки.

Ковачевски одговори дека обвинители се избираат на конкурс, а за тоа дали обвинителите работат според закон задолжен е Советот на јавни обвинители.

„Дали некој со некого е пријател може да се коментира, но тогаш да се коментираат и пратеници чии блиски роднини се судии и обвинители и дали тоа е услов како и дали ќе работат законски. Дали ќе побарам оставка од Ахмети? Тој е претседател на партија, избран на конгрес и тоа е прашање за тие што го избрале. Ако е пратеник треба да ги прашате граѓаните кои го избрале. Јас ќе ве прашам дали вие како пратеник ќе побарате оствака од вашиот претседател оти утрово се уапсени ваши поранешни сопартијци“, рече Ковачевски.

Пратеникот го обвини дека се обидува да дефокусира со настани од пред 10 години. Тој покажа фотографија на која е обвинителот Абази и братот на Ахмети.

„Сега обвинителот Абази треба да му спроведе истрага на тој што му седи на глава, односно таткото на Дрин, кој е брат на Али Ахмети. Ковачевски да го повика јавниот обвинител Љубомир Јовески да ја врши истрагата, бидејќи е човек на власта“, рече Ковачки.

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ побара од премиерот да побара оставка и од струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

Премиерот повтори дека ги повикал надлежните институции да ги истражат наводите за Мерко и додаде дека не само градоначалникот, туку оставка треба да поднесат и сите советници кои соработувале со него.

Стојановски го нарече премиерот циркузант, бидејќи нема храброст да побара оставка од Мерко и, како што кажа, се плаши да им каже и добар ден на криминалците од ДУИ, по што зовре атмосферата во пленарната сала. Ковачевски довикуваше дека тој се обидува да го задржи нивото за разлика од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а потпретседателот на Собранието Горан Мисовски рече дека секој пратеник кога ќе излезе на говорница за искажаниот збор е заштитен според Уставот, но и дека секој пратеник треба да се воздржи од лични и од тенденциозни навреди, а таа од Стојановски кон премиерот била тенденциозна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот