Предновогодишен базар: Рециклирај, не фрлај и донирај!

Tимот на ветеринарната амбуланта ВЕТ СВЕТ годинава поттикнати од идејата за намалување на консуматорството во нашето општество, за рециклирањето и донирањето решија да направат предновогодишен базар за помош на бездомните животни.

На 14 и 15 декември во амбулантата на „Вет свет“, покрај другите активности предвидени за тој викенд ќе се случува и базар.

-Дотогаш, примаме донации на книги, предмети и облека. Сите работи што ќе ги донирате треба да се во добра состојба, да може да се продадат за симболична цена и да бидат совршен подарок за некого. Сите донирани производи ќе имаат цена предложена од вас. Сите средства од продажбата ќе бидат наменети за стерилизација на бездомни женски мачиња и кучиња – ни рекоа од „Вет свет“.

Зошто за стерилизација на бездомни животни?
– Затоа што освен проблемите со загадувањето, голем проблем во нашиот град е и огромната популација на бездомни кучиња и мачки. За нив никој не се грижи, односно, се грижат само активисти и здруженија кои, сепак, не се семоќни. Градот веќе подолг период е без програма и активност во тој поглед.

Секојдневно, дел од работниот ден ни поминува во спасување на бездомно животно, трчање на терен, лечење и борба за нечиј напуштен живот.
– Така се роди и идејата за „Рециклирај, не фрлај и донирај“. Трошиме многу средства на материјалното, трупаме предмети во домот наместо да си имаме убави спомени и пријателства. Кога на тоа ќе се додаде и бројот на животни по улиците, кој постојано расте заради непосакуван роденденски или новогодишен подарок, целосната слика станува уште пострашна. Предновогодишно сите правиме еден вид „рамносметка“ за годината што изминува, тогаш, некако, сите стануваме поподготвени да помогнеме и да споделиме – потенцираат од „Вет свет“.

Донираните предмети кои ќе останат непродадени по завршување на базараот, ќе се донираат на активисти и здруженија што се грижат за најранливите категории на сограѓани. Затоа што секој живот е важен!

Па, луѓе, ајде да донираме!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот