Празник на музиката: „Скопско лето“ со одложен, но не откажан, термин

Традиционално, веќе 40 години, на 21 јуни, односно првиот ден на летото – долгоденица, почнува „Скопско лето“, но годинава поради ситуацијата со коронавирусот почетокот на фестивалот е одложен за крајот на месецот, а денот, сепак, ќе биде одбележан со „Празник на музиката“, онлајн настан на Францускиот институт.

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и оваа година, под покровителство на Град Скопје и со поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија, работи на организација на најновото, четириесет и прво издание на омилениот летен скопски фестивал. Уметниците и авторите веќе ги подготвуваат своите проекти и програми, со цел да бидат дел од културното живеење на главниот град на државата и да бидат со својата верна и благородна публика.

– Во очекување на официјалните протоколи и препораки на здравствените и на државните органи за организација на културните настани оваа година, за жал „Скопско лето“ ќе почне нешто подоцна, кон крајот на јуни, односно почетокот на јули. Како и да е, пред нас повторно ќе бидат вечери исполнети со музика, театар, филм, изложби. За конечниот изглед на овогодишната програма наскоро ќе информираме – велат од Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Покрај вонредната ситуација, „Скопско лето“, сепак, ќе го задржи својот основен белег, одбележувањето на првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката, односно Празникот на музиката, благодарејќи на Францускиот институт во Скопје. Програмата подготвена за Празникот на музиката ќе се одржи онлајн на 21 јуни, а ќе биде пренесувана преку фејсбук-профилите на „Скопско лето“ и на Француски институт. Програмата се реализира во соработка и со поддршка од Францускиот институт во Скопје и со Француските алијанси во Тетово и во Битола.

Во рамките на програмата на настанот Празник на музиката се предвидени франкофонски песни во изведба на групата „Фолтин“, настап на Тома Дитрон и неговата најнова музичка нумера „C’est si bon“, што ја изведува со Дијана Крал и Иги Поп, како и изведба на композицијата „Кога го бркаме волкот“ на младиот композитор Ерван Шандон, во изведба на музичкиот оркестар „Фаме’с“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 36, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот