Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат Армија на Северна Македонија, ама сакаат плати од Собрание на Северна Македонија

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Законот за одбрана денеска ќе се најде пред пратениците. Од владејачката партија ја повикаа опозицијата да го поддржи вовој закон, со цел, како што истакнаа, да се заокружи целосно процесот за влез на земјава во НАТО.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски за „Слободен печат“, вели дека иако немаат забелешки на текстот за Законот за одбрана, нема да гласаат, затоа што во него пишувало Армија на Република Северна Македонија.

– Ние баравме во ова законско решение да не биде променето името на АРМ во Армија на РСМ. Следејќи го континуитетот за она што го зборувавме за уставните измени, слушајќи го гласот на народот од референдумот и на припадниците на АРМ, ова политичко решение на СДСМ е неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ – вели Мицевски.

Од друга страна, собраниски извори за „Слободен печат“ велат дека ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на предвремените парламентарни избори продолжува да манифестира двојни аршини. Додаваат дека опозицијата ја користи секоја ситуација за да ќари некој глас повеќе, па дури и за НАТО иднината. Прашуваат, зошто на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, не им пречи да земаат плата од Собрание на Република Северна Македонија, а им пречат измените во Законот за одбрана кои се однесуваат на усогласување со  НАТО стандардите каде пишува Армија на Република Северна Македонија.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, за „Слободен печат“ вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема ниту морално, ниту етичко право да дава било какви предлози во врска со НАТО. Тој посочува дека ќе се гласа за Законот за одбрана кога власта ќе обезбеди двотретинско мнозинство.

– Од една страна велат дека се за НАТО, а за главниот, Законот за одбрана со кој се регулира односот со НАТО, (дека нападот врз една една членка е напад врз НАТО), нема да гласаат. Јас лично мислам  дека ниту  Христијан Мицкоски ниту  ВМРО-ДПМНЕ немаат право да поставуваат услови поврзани со НАТО. Кога се носеа најтешките одлуки, уставните измени за името, се обидоа да си играат со квази патриотизам и популизам – вели Мисовски.

Мисовски ја повика опозицијата да се одважи и да гласа за Законот за одбрана.

Неодамна министерката за одбрана Радмила Шеќеринска рече дека ќе биде неодговорно да зборуваме за ратификација, а да не си ја завршиме домашната задача. Ова особено се однесува на ВМРО-ДПМНЕ, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

– Ако зборуваме, ако се залагаме за членство во НАТО, ако се радуваме за тоа дека најпосле државава го реализираше својот тридецениски сон, ги повикувам да направат барем едно нешто за нашето НАТО членството, а тоа е да го поддржат законот за одбрана, кој ќе ни даде шанса ако не дај Боже ни треба, да можеме да се потпреме на НАТО, и кој ги вградува принципите на колективна безбедност во нашиот закон – рече Шеќеринска.

Владата е уверена дека ратификацијата на НАТО протоколот ќе ја заврши навреме, пред распуштањето на Собранието најавено за 11 февруари.  Неодамна премиерот Зоран Заев рече дека добил уверување од шпанскиот колега Педро Санчез дека ратификцијата од страна на Мадрид ќе се случи многу брзо по формирање на шпанската Влада, и оти процесот во шпанското Собрание ќе финишира на почетокот од 2020 година.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот