Повеќе среќа следниот пат

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

И, ете, сепак немам доверба дека кога се’ ова ќе помине, кога целиот свет практично ќе се реактивира „од нула“, ние ќе почнеме да градиме доверба и ќе ги цениме сите фактори што ја создаваат среќата

Нека ви е среќен меѓународниот ден на среќата! Ви го честитам, рака на срце со два дена задоцнување, надевајќи се дека ви останале доволно нерви да не го сфатите како подбивање. Дваесетти март, најоптимистичкиот ден во календарот, кога завршува зимата и почнува пролетта, е прогласен за Меѓународен ден на среќата.

Токму на овој ден не случајно се објавува и Светскиот извештај за среќата, кој ги рангира земјите врз основа на глобални анкети спроведени од агенцијата Галуп и од податоци од Светската банка и разни агенции на Обединетите нации.

Додека животот еве веќе цела година осцилира од депресија до хистерија, светски научници упорно го мерат нивото на среќата. Пандемијата зеде огромен данок, и во животи и во нарушено здравје и во изгубени работни места и примања, но најдолго ќе се чувствуваат последиците од ударот врз сите фактори што, според таму некои нобеловци, се составен дел од среќата.

Табелата како да не се менува веќе неколку години. На врвот е Финска, а по неа се другите скандинавски земји по редослед кој и не е толку битен освен за нивен меѓусебен престиж. На дното, пак, вообичаено се земјите во кои беснеат војни, глад и немаштија – Авганистан, Зимбабве и Руанда, колку за пример.

Ваквата поларизација, на богатите земји со потврдени демократски вредности и силен социјален систем на врвот, и сиромашните, недемократски и неорганизирани земји на дното, е логичен за рангирањето, а диктиран е токму од главните именители во сложената равенка на среќата – бруто-националниот производ по жител, социјалната поддршка, здравиот животен век, слободата на избор, дарежливоста и степенот на корупција.

Инстинктивно се повлекува паралела помеѓу парите и среќата. До пред некоја година се утешувавме со истражување од угледниот универзитет Принстон, кое како оптимално ниво на среќата изразено во пари е некаде околу 75.000 долари годишно, а секој цент повеќе од тоа не го зголемува субјективното чувство на благосостојба. Или по наше „среќата со пари не се купува“. Заклучоците од оваа студија, за наша несреќа, неколку пати се побиени со нови, уште подетални истражувања, кои потврдуваат дека повеќе пари ги прават луѓето посреќни, пред се’ зашто ја прошируваат нивната слобода. Па затоа грдо личи кога една војвотка се жали дека е несреќна во палата од бајките. Веројатно посреќни од неа се чувствуваат питачи во некое далечно село зафрлено во виор на војна. Којзнае. А, ако барем на еден ден си ги сменат местата?

Од рангирањето е изоставен Бутан, единствената земја во светот што не мери бруто-национален производ туку бруто-национална среќа, која го одразува колективниот степен на среќа и благосостојба, и која од 2008 година е вградена во Уставот.

Македонија е на 75 место во споредбената листа на вкупно 95 рангирани земји, а дури на 94 место од вкупно 149 земји рангирани според просекот од 2018 до 2020 година. Табелата не’ рангира како најнесреќната земја и во Европа и во регионот, зад Албанија (63 место), БиХ (57), Бугарија (56),  Црна Гора (54), Грција (51), Србија (41) и Косово (31). Имаме и најголем пад во рангирањето во споредба со извештајот од лани, дури за девет позиции, што говори дека особено тешко не’ погодила пандемијата.

Токму поради неа овој извештај е исклучително важен зашто е ретка прилика да помогне да се разбере ефектот на пандемијата врз субјективната благосостојба, но и обратно, колку здравиот дух и оптимизмот помага да се ограничи ширењето на заразата. Од низата фактори што ги опфаќа равенката на среќата, меѓу најважните се довербата во најблиските, во општеството и во државните органи, како и солидарноста.

Токму во овие фактори ние потфрламе. Немаме доверба ни во власта ни во опозицијата ни во институциите ни во соопштенијата ни во правдата ни во криминалците ни во науката ни во вестите. Немаме доверба ни во вакцините ни во ветувањата дека воопшто ќе ги добиеме. Повеќе немаме доверба, по ѓаволите, ни во самите себе.

„Нашата цел е преку научни истражувања да ги охрабриме владите, институциите и компаниите да се обединат зад итни, навремени и добро осмислени акции што би им ги вратиле чувствата на безбедност и благосостојба на оние на кои им се најпотребни“, велат оние што ја мерат среќата.

Ете, сепак немам доверба дека кога се’ ова ќе помине, кога целиот свет практично ќе се реактивира „од нула“, ние ќе почнеме да градиме доверба и ќе ги цениме сите фактори што ја создаваат среќата.

И затоа никако не смееме да го забораваме овој глобален извештај. Ако не за да извлечеме поуки, тогаш за да ни се најде пред да купиме авионски билет во еден правец. Да избереме каде да си ја бараме среќата, која тука тврдоглаво ја одминуваме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот