Постењето го регулира крвниот притисок, ги намалува алергиите и ја подмладува кожата

Фото: Profimedia

Постот се смета за ефикасен и евтин метод за чистење на организмот, односно е еден од формите на детоксикација, која лесно можете сами да ја направите. Самиот Хипократ ги советувал болните наместо со медикаменти, своето тело и душа да ги лекуваат со пост, умерена физичка активност и чист воздух

Велигденскиот пост опфаќа седум недели, трае 48 дена, од Прочка до Велигден. Многумина, иако се верници, постот го доживуваат како диета и можност да се ослободат од вишокот килограми. Постот се дефинира како воздржаност од храна, а причините поради кои едно лице пости може да бидат религиозни или здравствени.

Како здраво да постите?

Постот не отсликува само воздржување од намирници од животинско потекло. Важна е умереноста во нивното консумирање, како и начинот на подготвување и одбирање. Внесувајте сурово овошје и зеленчук, производи од цело зрно, како специјалните лебови, тестенини, ориз, потоа јаткасти плодови (бадеми, лешници, ореви) и семки со мали количини на ладно цедено масло и сушено овошје. Никако не треба да грицкате помеѓу оброците, а треба да водите и сметка за тоа дека доколку на пакувањето на производот пишува „посно“, не значи дека истовремно е во согласност во основите на христијанскиот пост, објаснуваат нутриционистите. Според нив, многу е важна и количината на намирниците што се консумираат во текот на постот. Се советува да ја редуцирате вообичаената количина на консумирана храна за 50 отсто, да ги изоставите солените и слатките грицки, засладените и енергетските напивки, алкохолот, големите количини кафе. Треба да го минимализирате користењето на масло и растителни масти, а заборавете на пржењето и печењето во масло или маст барем во текот на траењето на постот. Брза храна никако не консумирајте, а користете ги намирниците што се локално одгледувани. Избегнувајте ги производите што се „ин“, а за чие потекло најчесто ништо не се знае. Бидејќи суровата храна значително го оптоварува системот за варење, ако имате чувствителен желудник избегнувајте свежо овошје и зеленчук во попладневните часови. Во тој период јадете само варен зеленчук или овошје, нагласуваат нутриционистите.

Здравствени факти за постењето

Секако, прва придобивка од постењето има дигестивниот систем, а со тоа и целиот организам. Со апстинирањето од одредени видови храна, го прочистуваме и го регенерираме системот за варење, односно целиот организам, освежувајќи го, обновувајќи го и подмладувајќи го. Со постот сите делови, секоја клетка, секој орган се чисти од штетните материи и не е лажно чувството кога некој што постел ќе рече дека се чувствува – како повторно роден!

Посната храна го регулира крвниот притисок, ја забрзува детоксикацијата на организмот и го намалува нивото на маснотии во крвта. За време на постот срцето и кардиоваскуларниот систем се помалку оптоварени, се поттикнува работата на белите дробови, а со тоа сите делови на телото добиваат подобар проток на кислород. Постот ја подобрува работата на срцето, белите дробови и мозокот бидејќи ги снабдува со повеќе крв. Постењето претставува облик на превенција од кардиоваскуларни заболувања. Тој го доведува хормоналниот систем во рамнотежа, а особено помага кај нарушувањата на работењето на тироидната жлезда.

Во нормални околности, 10 отсто од количината на крвта потребна на срцето, оди во дигестивниот систем. За време на гладувањето, овој процент се намалува бидејќи срцето работи помалку интензивно и троши помалку крв. Така срцето за време на постот заштедува околу 14.000 отчукувања на 24 часа. Помалку храна во цревата значи помал притисок на стомакот врз градите, што го подобрува дишењето, а потоа и сите клетки на организмот побрзо и подобро се снабдуваат со кислород. Во оваа состојба, белите дробови се шират без пречки. Исто така, се намалува притисокот врз срцето затоа што нема потреба да пумпа поголеми количини крв во дигестивниот систем.

Традиционалните посни менија се здрави и затоа што вклучуваат намален внес на заситени масти, кои повторно се поврзани со формирањето на холестерол кој е опасен затоа што предизвикува таложење на sидовите на крвните садови. Токму поради тоа, ваквата исхрана го намалува ризикот од развој на лош холестерол.

Постот е најбрзиот и најефикасниот начин да се справиме со токсичноста во крвта и ткивата и да го ослободиме телото од токсичните вишоци, со што се чисти крвотокот и лимфниот систем од преостанатите вишоци.

За време на постот, телото ги користи веќе постоечките резерви на енергија во организмот, а со самото тоа се ослободува и од токсичните вишоци во виталните органи, како што се црниот дроб, белите дробови и дебелото црево.

Ако со постот сакате да го прочистите телото, можни се нус-појави како што се главоболки, кашлица и болки во грлото. Меѓутоа, лицата што страдаат од мигрени за време на постот се чувствуваат многу подобро, алергиите се намалуваат или се губат, акните се редуцираат… Телото се чисти од наталожените токсини.

Иако во текот на постот се користат постоечките залихи на енергија, ќе се чувствувате како да имате повеќе енергија и елан. Причината е тоа што телото почнува да испушта ендорфини, со цел да ја стимулира активноста и потребата од „лов на храна“.

Постот влијае на подобрувањето на сонот и расположението, особено во текот на подолги периоди. На пример, од вториот до седмиот ден е забележано големо подобрување на расположението кај луѓе со симптоми на депресија и чувство на вознемиреност.
Постот го подобрува имунитетот, односно целосно го регенерира. Се смета дека гладувањето поттикнува во организмот создавање нови бели крвни клетки, кои помагаат во борбата против инфекциите. Со постењето ги чистиме крвта и клетките, ја поттикнуваме младоликоста на надворешните и внатрешните органи, и настапува природниот механизам на лекување.

Правилна исхрана за време на постот

Еве како треба да изгледа правилна и урамнотежена исхрана во деновите на постот:

– Во текот на постот, посебно внимание треба да се обрне на хидратацијата, затоа секој ден консумирајте 2-3 литри вода.

– Денот треба да започне со појадок. Многу е важно да јадете овошје секој ден и да пиете природно исцедени сокови. Задолжително јадете салати од свеж или кисел зеленчук еднаш дневно, како и варен или динстан зеленчук.

– Внесувајте во организмот што повеќе витамини и минерали, особено витамин Ц.

– Секој ден јадете оброк од мешунки (грашок, леќа, грав, леблебија, боранија, печурки), кои имаат низок гликемиски индекс, а обезбедуваат доволно енергија за бројни дневни активности. Од мешунките можете да готвите чорби, да правите салати, пире, пити, варива и мусака.

– Храната долго џвакајте ја.

Постојат неколку состојби во кои здравото гладување е контраиндицирано, а тоа се: децата во раст и развој, трудниците и доилките, пациентите со напреднат карцином, дијабетес, туберкулоза и сериозни кардиоваскуларни болести, лицата со хипогликемични кризи, спортистите и лицата кои извршуваат тешки физички работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот