Поради несоодветни казни за корупција, Словачка може да остане без пристап до ЕУ фондовите

Словачка/ Фото EPA-EFE/LUCA ZENNARO

Јавното обвинителство на ЕУ оцени дека со најавените измени на Кривичниот законик, Словачка би можела да се соочи со недостиг на ефикасни и соодветни санкции за прекршоци поврзани со злоупотреби на средства од европскиот буџет, што евентуално би резултирало со ограничување на пристапот на земјата од фондовите на Унијата.

– Според нашата прелиминарна анализа, загрижени сме дека некои од предложените амандмани на словачкиот Кривичен законик повеќе нема да гарантираат дека прекршоците поврзани со буџетот на ЕУ во Словачка ќе се казнуваат со ефективни, соодветни и превентивни кривични санкции, изјави портпаролката на Канцеларијата на Јавното обвинителство на ЕУ (ЕППО), Тине Холевут.

Според неа, како што јави дописникот на МИА од Брисел, Обвинителството „мошне внимателно“ ќе ги анализира предложените законски измени и нивното потенцијално влијание врз неговата работа.

– Должност на ЕППО е да ги информира релевантните институции за секоја практика или законска промена што негативно влијае врз неговата способност да ги штити финансиските интереси на ЕУ или врз неговата независност, истакна Холевут.

Со измените на словачкиот Кривичен законик се предвидува намалување на казните за дела поврзани со измами со средства од фондовите на ЕУ, како и ограничување на надлежностите на правосудните институции задолжени за т.н. случаи на корупција од висок профил. Доколку ваквите промени бидат усвоени, европските институции би можеле да покренат постапка против Словачка или дури да и оневозможат користење средства од европските фондови, мерка каква што веќе и е изречена на Унгарија.

На најавените измени веќе реагира деветмина словачки европратеници, кои испратија писмо до Европската комисија оценувајќи ги предлогот како „напад без преседан врз владеењето на правото во Словачка“.

Еден од иницијаторите на писмото, европратеникот Мартин Хојсик од опозициската партија Прогресивна Словачка (ПС) изјави дека предлогот воопшто не претставува реформа на кривичната постапка, како што се обидува да прикаже словачкиот премиер Роберт Фицо.

– Тој има за цел да ги ослаби и де факто да ги укине Специјалното обвинителство и Специјализираниот кривичен суд, додаде Хојсик.

На предложените измени реагираше и словачката претседателка Зузана Чапутова, која оцени дека тие претставуваат „многу несреќно, па дури и опасно мешање во работата на Обвинителството“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот