Горан Марковски

Помеѓу два земјотреса

Квалитетната градба е нешто кое постојано мора да се има на ум. Нешто што треба континуирано да се практикува помеѓу два земјотреса, а не само тогаш кога некој од нив краткотрајно ќе го поткрене општествениот адреналин на рамниште кое иницира страв од исчезнување.

Стресе! Киносалата започна набрзина да се празни. Пуканките останаа недојадени, кока-колата недопиена. На повеќето посетители веќе не им беше дојдено до уживање во филмската уметност. Ниту ги интересираше кој ќе излезе како победник на крајот. И онака скоро секогаш тоа е „добриот“. Барем е така во филмовите. Едноставно, инстинктот за преживување надвладеа. За волја на вистината и оние похрабрите, кои и покрај сериозното сеизмичко тетеравење на објектот од некоја причина останаа да седат (се разбира повеќето како на трње) до крајот на проекцијата, повеќе гледаа во малите екрани на своите телефони отколку во големото филмско платно. Претпоставувам дел од нив сакаа да одбегнат непријатност од јавно покажување страв, дел останаа поради процена дека бегањето низ долгите коридори на објектот во потрага по непрегледните излези за евакуација и чекањето во редици пред паркоматите ќе ги вовлече во уште поголем ризик, а дел можеби поради верба во македонското градежништво или можеби поради стекната доверба во институциите на системот (мала шега!).

Како и да е, секој потрес предизвикан од поместувањето на тектонските плочи кај сите нас предизвикува одреден немир. Поголем или помал. И не случајно. За човекот тоа е една неприродна, несекојдневна и буквално стресна состојба. Тоа се неколку бескрајно долги секунди исполнети со неизвесност и разни, претежно црни, мисли што со недозволена брзина патуваат низ мозочните вијуги. Мисли за себе, за своите блиски, за можните последици. Ако пак секундите се повеќе на број, мислите имаат време да залутаат дури и во оние ретко посетувани духовни центри сместени во мозочната кора, резервирани за анализа на смислата на нашето постоење и секојдневно однесување. За смислата на сѐ поприсутната бескомпромисна алчност, ненаситна опседнатост со материјалното… Кај градителите, пак, кај оние со одговорност, истовремено се случува молскавично преиспитување на сработеното, мисловно архивско пребарување на можни пропусти во работата, на сторени компромиси, ненамерни превиди… На можен кабает. Кај оние другите, кај оние без одговорност, преиспитување нема. Тие и онака се безгрешни.

За среќа, многу битни прашања поврзани со земјотресите се веќе разрешени. И тоа сосема коректно. Сеизмологијата мошне прецизно дава одговор на прашањето за можните епицентрални локации, меѓу кои солидно место има резервирано и територијата на нашата Македонија. Сосема коректно се проценети и максималните интензитети на очекуваните земјотреси за секоја од нив. Единствено сѐ уште нема одговор на можеби најнебитното прашање (колку и ова наизглед да зазвучи чудно) – времето на нивното случување. Но затоа, пак, градежното конструкторство, преку континуираниот развој на научната мисла, односно на знаењето во областа на градење објекти отпорни на земјотрес, ја нуди единствената можност за спас од овие природни хазарди – квалитетната градба. Градба што во себе вклучува почитување современи стандарди, детални претходни истраги и подлоги, квалитетно проектирање, стручна ревизија, одговорен надзор, квалификуван изведувач, квалитетни материјали, многу знаење и сериозност, а истовремено исклучува импровизации, јавашлуци, незнаење, мито, корупција, инженерска проституција… Тоа е единствениот и уште еднаш, но сега погласно – ЕДИНСТВЕНИОТ одбранбен механизам од земјотресното разорно дејство. Токму затоа квалитетната градба е нешто што постојано мора да се има на ум. Нешто што треба континуирано да се практикува помеѓу два земјотреси, а не само тогаш кога некој од нив краткотрајно ќе го поткрене општествениот адреналин на рамниште кое иницира страв од исчезнување.

За проектирање згради отпорни на земјотрес, македонските градежни конструктори продолжуваат да ги користат прописите донесени во далечната 1981 година. И покрај тоа што, почнувајќи од септември 2020 година, од паралелна важност се и многу посовремените и далеку поквалитетни европски стандарди, наречени Еврокодови, кои во земјите членки на Европската Унија се во задолжителна употреба од 2010 година (во Словенија на пример, земја со која често милуваме да се споредуваме, се употребуваат од 2008 година). Почетно доделените три години наменети за постапна стручна подготовка и меко приспособување на новото, после што требаше да згасне употребата на веќе бајатите прописи со изминат научен и стручен рок, во неколку наврати се пролонгирани за дури четири дополнителни. Со тенденција трендот да продолжи во недоглед.

За жал и на големо разочарување, лобирањето за ова контрапродуктивно, самодеструктивно и спротивно на јавниот интерес одложување на новиот почеток што треба да доведе до изградба на поквалитетни и поотпорни на земјотрес објекти, до поголема конкурентност на нашите проектанти на домашниот и на пребирливиот европски пазар, до можност за реално (а не административно) зголемување на цената на нивниот труд и ред други поволности, доаѓа од страна на одредени декадентни инженерски кругови, групи и поединци. И покрај цикличните, претежно августовски (Правилникот за проектирање е донесен и се менува во септември) неодржливи и апсурдни изговори, сакале ние да признаеме или не, во основа на овој инженерски лет во место е стравот од учење. Недоверба во себе и во своите капацитети. Отпор кон напредок, немир од излез од комфорната зона. Колку и да е таа клаустрофобична. Сосема несвојствено за инженерскиот ум. За умот што низ цивилизацијата водел кон прогрес, технолошки револуции, поместување на границите на можното, епохални откритија, менување на светот.

Зошто македонското градежно конструкторство и градежништвото во целина, некогашниот неприкосновен гигант на нашето стопанство, струка длабоко втисната во нашиот генетски код, не многу одамна една од водечките во светот во областа на земјотресното инженерство и инженерската сеизмологија, респектабилен партнер при проектирање и одржување дури и на атомските централи во регионот и пошироко, спадна на дереџе предавања за конструкции отпорни на земјотрес да слуша дури и од оние што немале привилегија да почувствуваат потрес под сопствените нозе?

Прашањето е едно, но ни малку лесно. За прецизен одговор потребни се поголем број експерти и тоа од различни области. Но најлошо од сѐ е безотпорното препуштање на самоуништувачките инерцијални текови. Впрочем, ако нема прашања, ќе нема ни одговори.

П.С. Како повод за авторскиот текст е искористен земјотресот од 10.2.2026 година.
За помалку упатените мало потсетување дека ваквите, не многу далечни, земјотреси знаат за одредени згради некогаш да бидат понезгодни од оние чиј епицентар се наоѓа на помала географска оддалеченост.

(Авторот е професор на Градежниот факултет при УКИМ)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот