Политико: АфД тивко се дистанцира од Трамп пред изборите во Германија
Лидерите на германската крајно десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) се обидуваат дискретно да се дистанцираат од американскиот претседател Доналд Трамп пред важните државни избори, додека во Германија расте незадоволството поради војната со Иран и сè понегативниот став кон САД.
Препорачано
Како што пишува „Политико“, иако некои членови на АфД сè уште одржуваат контакти со луѓе од администрацијата на Трамп и круговите на МАГА, раководството на партијата сега бара таквите врски да бидат помалку јавно експонирани.
Според „Политико“, лидерката на АфД, Алис Вајдел, им порачала на членовите во највисоките кругови на партијата да го намалат бројот на јавни патувања во САД со цел да ги зајакнат врските со американската десница. Причината е што сè поотвореното зближување со администрацијата на Трамп станува политички товар за АфД.
„Фактот што имавме толку многу патувања во САД за краток временски период создава перцепција дека сме премногу приврзани кон едната страна“, изјави за „Политико“ членот на АфД, Торбен Брага, додавајќи дека партијата сака да ги одржи односите со сите важни меѓународни играчи, вклучувајќи ги Русија, Кина и Индија.
Промената на тонот доаѓа во време кога анкетите покажуваат дека мнозинството Германци се противат на американските напади врз Иран, додека довербата во САД е на многу ниско ниво. Во неодамнешна анкета, само 15 проценти од испитаниците рекле дека ги сметаат САД за сигурен партнер.
AФД минатиот месец ја осуди војната со Иран, предупредувајќи дека понатамошната дестабилизација на Блискиот Исток „не е во интерес на Германија“.
Бриселскиот портал објавува дека дополнителна причина за претпазливост лежи во претстојните избори во источна Германија во септември, каде што Афд има силна поддршка и води на анкетите. Во тие делови од земјата, скептицизмот во врска со воената интервенција на САД е традиционално посилен, како и симпатиите кон Русија.


