Политиката и културата, сезона на парење

данило коцевски

Со секои нови избори, како што ќе бидат овие наредниве на 12 април 2020 година, доаѓа до додворување и флертување меѓу политиката и културата. Тоа стана како нормален ритуал. Не дај Боже флертувањето да прерасне во сериозна врска. Во принцип, политиката и културата не се мирисаат многу, но секои избори се еден вид сезона на парење.

И овој пат пред изборите сакаме да се навратиме кон овој феномен. Културата и моќта секогаш зборувале со два различни јазика, освен во исклучителни ситуации кога се додворуваат една на друга. Колку тие ситуации на додворување се почести, толку нивните меѓусебни односи се посомнителни. Ако во потесна смисла моќта ја сфатиме како политика, а културата како уметност, тогаш многу полесно ќе го препознаеме нивниот начин на говор.

Додворувањето на политиката во одредени мигови се состои во користењето на јазикот на уметноста, а културата голем дел од својот капацитет го става во служба на политиката. Политиката станува умилна, го менува својот говор, исчезнува препотентноста и ароганцијата, започнува да го користи јазикот на обичниот човек, како наоколу да тече само мед и млеко. Политичарите започнуваат да наликуваат на поети, толку се лирични, и мудри, како Сократ и Платон. A сето тоа може да стане опасно, бидејќи тешко е да се заклучи каде започнува и завршува лицемерноста.

Од друга страна, културата (уметниците и интелектуалците во поширока смисла), ги вадат на виделина своите аргументи за освојување на моќни позиции во политиката при распределбата на колачот на власта. Тие сметаат дека се помудри и поучени од политичарите (ах, кога само би биле на власт), и тврдат дека културата, уметноста и интелигенцијата играле незаменлива улога во историјата. Затоа широкоградо (тајно или јавно) ги нудат своите услуги во сезоната на парење. Иако, рака на срце, тие секогаш губат и го јадат подебелиот крај од страна на политичарите, дури и кога уметниците и интелектуалците се на моќни позиции.

Постои специфична „сезона на парење“ и меѓу јазиците на политиката и на културата и уметноста. Многу едноставно, затоа што „сезоната на парење“, рековме, се случува за време на изборите. Како што луцидно забележува еден теоретичар на културата, политиката и моќта не можат во едно општество да преживеат со гола присила. Особено за време на изборите, нив не можат да ги спасат само „статистичките табели“, бројки и математички калкулации. Не. Потребен им е човекот, живиот човек, со својата интима, со својот приватен живот, семејството. Затоа политиката во тие мигови пука директно во срцето. Започнува да ја користи сета вештина и мимикрија што може да ѝ ја понуди уметничкиот јазик. Сега кај нас, пред изборите, во општествениот и политичкиот живот, ни претстои една нова „сезона на парење“ на јазиците. Токму затоа, темата за која пишуваме е посебно актуелна. А како во нашата практика изгледа сезоната и додворувањето за кое зборуваме?

Наеднаш заживува индустријата на печатење – плакати, билборди, флаери, најразлични слогани кои треба да ви го „разгалат срцето“. А од нив, понекогаш, ви се крева косата на главата. Милозвучните гласови на кандидатите присутни се на сите медиуми, спотови, говори, ветувања. На некои од плакатите или билбордите – гледате слики преземени директно од рајот. Кандидатот е во некоја идилична природа, сам или со семејството, занесно загледан во далечините. Свртен кон иднината и благосостојбата, кои се тука, на дофат од раката. Утопијата штотуку не започнала, потребен е само мал чекор до неа. А тие зборуваат, опиени од сопствениот говор и сопствените визии.

Кандидатите (или партиските елити) шетаат по парковите и кејовите, изговарајќи притоа реченици кои никогаш во животот не би им паднале на ум да ги изговорат, а најчесто, нивната смисла и не им значи многу. Но нема друг начин да се оствари успехот, да се реализира политичкиот сон. Експертите велат, реализирањето на политичкиот сон преку уметноста е опасна работа. Затоа се поставува прашањето: дали „уметничките дела, коишто, кога станува збор за моќта, изгледаат сосема неизвалкани, со своето доследно следење на движењето на срцето, токму затоа можат да се стават во служба на моќта?“ Се разбира, можат да се стават во служба на моќта, но притоа (а теоријата и историјата на уметноста тоа го докажале), можат да си го загубат – идентитетот и автентичноста.

Јазикот упатен до избирачот мора да биде директен, срцепарателен, да погодува во суштината на секојдневието што го живее обичниот човек. Во таа смисла се и убедувањата дека „Барем еден член од семејството…“, „Никој не смее да ви го загрозува слободите и интимата…“, „Судбината е во вашите раце…“. Обратно, оние од културата кои влегуваат во политиката, можеби мака мачат со политичката терминологија, но нивната вештина, сепак, е во владеењето на сите можни јазици и наративи. Флертот помеѓу политиката (политичарите) и културата честопати завршува со сериозна врска. Политичарот и наметнува на културата да ги извршува и неговите (валкани) работи и се затскрива зад неа. На тоа сме сведоци последниве десетина, па и повеќе години. Хрватскиот писател Звонимир Мајдак, своевремено го напиша бестселерот „Внимавај така, да останам невина“. Пред налетот на политиката, културата не може да остане невина, колку таа и да сака да нè убедува во својата невиност. Внимавајте, се наоѓаме на прагот на една нова сезона. Затоа, без навивање и без прејудицирање, за самите да не бидеме обвинети дека учествуваме во сезоната на парење меѓу политиката и културата. И не само на нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот