Политичка пресметка по крвавите судири: Наследникот Токајев го урива митот за „недопирливиот“ Назарбаев

Касимжомарт Токајев и Нурсултан Назарбаев/ EPA-EFE/EVGENY BIYATOV/TURAR KAZANGAPOV

Претседателот бара најблиските роднини и сојузници на поранешниот лидер Назарбаев да ги објават своите имотни листови, кои неофицијално тежат стотици милиони долари

Во обид да ја зацврсти власта по минатонеделните масовни и насилни протести, казахстанскиот претседател Касимжомарт Токајев удри врз поранешното раководство и врз најчувствителната точка на долгогодишниот лидер Нурсултан Назарбаев – обвинувањата од истражувачки новинари, досега придушени од филтрите на државните медиуми, дека корумпиран круг роднини и пријатели на поранешниот лидер стекнале огромен имот цицајќи средства од државните фондови.

Минатонеделните протести во Казахстан, поттикнати од драматичниот раст на цените на горивата, прераснаа во најсилен бран насилства во централноазиската земја по раздружувањето од Советскиот Сојуз.

Откако во судирите на толпата со силите за безбедност загинаа 164 луѓе и повеќе од 8.000 беа приведени, битката се пренесе на политичкото бојно поле, со разрешувања што се толкуваат како обид на претседателот Токајев целосно да ја преземе моќта од долгогодишниот лидер Нурсултан Назарбаев, кој во изминатите 30 години на власт градеше култ на личноста и го прошири своето влијание врз сите пори на општеството.

Немири во Казахстан
Немири во Казахстан / Фото: EPA-EFE/STR

Уште додека беснееја судирите низ Казахстан, една од првите мерки на претседателот Токајев беше да го разреши Назарбаев од членството во влијателниот Национален совет за безбедност и да се постави себе си на неговото место, а веднаш потоа беше разрешен и приведен под обвинувања за предавство шефот на разузнавањето Карим Масимов, кој беше близок соработник на поранешниот лидер и премиер во два негови кабинета.

Семејното стебло според „Форбс“

Претседателот во вторникот објави дека Назарбаев и луѓето од најтесниот круг околу него мора да објават списоци со својот имот.

Ако листите се поклопуваат со проценките што ги направи магазинот „Форбс“ за најбогатите луѓе во Казахстан, жителите на земјата во која просечната месечна плата е околу 500 евра би останале во шок.

Динара Кулибајева, втората ќерка на Нурсултан Назарбаев, и нејзиниот сопруг Тимур Кулибајев се мнозински акционери во банката „Халик“, со вредност на акциите од околу 2,8 милијарди долари.

Кајрат Биранбајев, свекор на веќе покојниот внук Аисултан Назарбаев, е вклучен во бизнос со недвижнини, ја поседува франшизата на „Мекдоналдс“ во Казахстан и Белорусија и има акции во многу други сектори.

Поранешниот помошник Булат Утемуратов има бизниси во градежништвото, во банкарскиот сектор, и во телекомуникациите, а има и акции во гигантот за ресурси „Гленкор“ и во британското училиште Хајлибери во Казахстан.

Дарига Назарбаева/ фото: EPA-EFE/EKATERINA SHTUKINA

Тоа се податоците за блиските соработници на Назарбаев објавени во „Форбс“. Лондонскиот весник „Тајмс“ додава дека најстарата ќерка Дарига Назарбаева и нејзиниот син Нурали Алиев имаат имот во Британија со вредност од 140 милиони фунти, вклучувајќи дом на „Бејкер стрит“, прочуена како адреса на фиктивниот јунак Шерлок Холмс. При обидот на британската Национална агенција за криминал во 2020 година да им заплени три имоти со вредност од 80 милиони долари, ќерката и внукот на казахстанскиот лидер докажаа дека богатството го стекнале „како успешни бизнисмени“.

Панамските документи

За најмладата ќерка Алија Назарбаева се тврди дека своевремено од земјата изнела 300 милиони долари и направила „голем шопинг“ во Лондон – купила авион од 25 милиони долари, куќа од 8,75 милиони фунти во Лондон и приватна банка. Во Панамските документи за притаени финансиски трансакции беше објавено дека Алија на двајца финансиски советници им наложила да купат раскошни куќи, банка и луксузен авион, откако ги префрлиле парите во сложена мрежа на оф-шор компании што се протега од Лихтенштајн до Британските Девствени Острови, како и имот во Дубаи во вредност од 14 милиони долари, вклучувајќи и вила на елитниот остров Палм Џумејрах.

За Асел Курманбаева, неофицијалната трета сопруга на Нурсултан Назарбаев, се тврди дека добила 30 милиони долари. Нејзината врска со лидерот на Казахстан не е ниту потврдена ниту демантирана, но таа важи за партнерка на Назарбаев уште од 1999 година, кога победи на националниот избор за убавица. Нејзините два сина на пасошите го имаат презимето Нурсултанули.

Пад од врвот

Нурсултан Назарбаев беше лидер со најдолг стаж во која било од поранешните советски републики. На челото на Казахстан тој беше од 1989 до 2019 година, прво како лидер на Комунистичката партија, а потоа и како претседател. Притиснат од масовните протести, тој реши да се повлече и самиот го предложи Касимжомарт Токајев да го наследи на функцијата, но продолжи да ја контролира власта преку свои луѓе во сите институции.

Како комунистички лидер и претседател Назарбаев одржуваше блиски односи со Русија, а во исто време привлекуваше и западни инвеститори за огромните енергетски богатства на Казахстан – пред сѐ за природен гас и ураниум – како обид со привлечни договори да ги стивне критиките за почитувањето на демократските вредности во земјата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот