Почина скопскиот урбан лик Сашо Пижевски – Пиже

Сашо Пижевски - Пиже
Сашо Пижевски - Пиже / Фото: Принтскрин/Фејсбук

Во Скопје вчера 17 мај на 57-годишна возраст почина Сашо Пижевски – Пиже, скопски урбан лик, сопственик на порталот „Кај мајка ти и татко ти“ и поранешен член на „Хавана бенд“.

Детството го поминал во скопско Дебар маало и до последен ден остана верен на својот сакан град. Пиже несомнено беше еден од двигателите на ноќниот и забавен живот во Скопје од крајот на 80-тите години.

Со Игор Џамбазов и Горан Атанасов – Зеко беше основач и член на култната група „Хавана бенд“ која несомнено беше голема атракција на македонската естрада во раните 90-ти години. Јавноста вечно ќе ги памти и потпевнува хитовите „Шток ми бејби“, „Дај ми, жити се“, „Нема спас“…

По распаѓањето на групата, се посветил на угостителството, работел како менаџер, директор, ко-сопственик и сопственик на кафулиња, ресторани и ноќни клубови како „Хавана клуб“, „Парк“ и други.

„Почивајте во мир… Зеко и Пиже… Скопје долго ќе Ве памти! #ВашаХавана“, се огласија од „Хавана клуб“.

Неговите бројни пријатели се збогуваат на социјалните мрежи, а меѓу првите се огласи Игор Џамбазов.

„Каде бе Пиже? Каде бе брате? Само пред пет дена пиевме кафе кај мене у маало. Ми збореше за Скјатос, а во очите ти светкаа тинејџерски искри на радост. Имаше повеќе живот во тебе од сите гости во бавчата. Ми рече: „Џамбаз, уште не и ме се дааме на копиљациве, така? Па шо бе, боље изглеаме од нив Довидување, другар мој. И сликни едно селфи од горе. Ја ќе го објавам, ти шерни го. Тага. Збогум брате…“, напиша Џамбазов во описот на фотографијата што ја сподели.

Под неговата објава се нижеа коментари од бројни јавни личности. Илина Арсова остави коментар „Патувај Пиже“, „Збогум Пиже“, напиша Тамара Тодевска. „Неверојатно! Светол пат Пиже“, коментираше Каролина Гочева. „Ма зошто бреееее“, напиша Тијана Дапчевиќ…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот