Почина Кирил Дојчиновски, една од најголемите легенди на македонскиот фудбал

Фудбалска Македонија тагува, денеска остана без една од најголемите легенди, Кирил Дојчиновски кој почина на 78-годишна возраст.

Кирил Дојчиновски се смета за едно од најголемите имиња во македонскиот фудбал, а остави голема трага во југословенскиот фудбал и во Средна Америка, а исто така е првиот Македонец што настапи на Светско првенство во 1974 година.

Дојчиновски е роден на 17 октомври 1943 година, а првите фудбалски чекори ги направи во Вардар за кого играше пет години, од 1962 до 1967 година и притоа настапи на 218 натпревари.

По Вардар, Дојчиновски се сели во Црвена звезда чиј дрес го носеше седум сезони, од 1967 до 1974 година и ги помина најдобрите моменти во кариерата. Со „црвено-белите“ освои четири титули во силната југословенска лига, го освои и Митропа купот, играше во полуфиналето на тогашниот Куп на европски шампиони во сезоната 1970/71 како и во четвртфиналето три години подоцна.

Во периодот од 1970 до 1974 година беше стандарден член на репрезентацијата на поранешна СФРЈ предводена од селекторот Миљан Миљаниќ.

Од Црвена звезда се сели во Франција играјќи за екипите на Троа и Париз.

По завршувањето на играчката кариера стартува со тренерска кариера. Како тренер освои две титули во првенството на Ел Салвадор со Луис Фирпо, потоа беше и селектор на оваа земја. Потоа седнува на клупата на Вардар, а беше тренер и на Пелистер, Македонија ЃП, Брегалница Делчево и Брегалница Штип како и на грчки Ираклис.

Кариерата ја заврши таму од каде што го почна својот фудбалски пат, во ФК Вардар, во сезоната 2007/08.

Кирил Дојчиновски, поради огромните заслуги за македонскиот фудбал, е добитник на бројни признанија меѓу кои и Наградата за животно дело од Македонскиот олимписки комитет, како и признанието од белградска Црвена Звезда, за една од најголемите легенди во историјата на клубот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот