По заканите на Фејсбук: Новинарот Героски отиде во СДСМ и кај претседателот Пендаровски
Новинарот Бранко Героски синоќа на својот фејсбук профил објави дека лице кое се претставувало дека работи во обезбедувањето на СДСМ му се заканувало дека претерува со објавите и дека „може да добие бањање во Вардар“. Героски утринава отиде во партиското седиште да побара одговор дали лицето навистина е вработено кај нив, од каде му одговориле дека информацијата не е точна.
Од партијата не го знаат заканувачот, знаат дека не е обезбедување, но не знаат дали е член на партијата.
– Утрово со Героски имавме конструктивен разговор за заканите упатени до него. Како одговорна партија се оградуваме и ја осудуваме заканата. Наша вредност е овозможување на слободен говор и тоа го правиме – изјави партискиот портпарол Костадин Костадинов.
Од седиштето на СДСМ, Геровски замина на средба со претседателот Стево Пендаровски.
Оттаму велат дека ги осудуваат сите закани упатени до медиумите и новинарите треба да ги уживаат сите права и слободи за да можат професионално и без притисоци да работат.
Претседателот истакна дека, како и досега, ќе се залага за заштита на достоинството и интегритетот на новинарската професија и професионалните медиуми секогаш ќе ја имаат неговата поддршка.
Заканите кон Героски ги осудија и ЗНМ и ССНМ и побараа да се казни заканувачот.