Пливање во празно

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Вчера во студиото на „Утрински брифинг“ гостин беше македонската пливачка легенда, маратонецот Томи Стефановски. За оние што не знаат, ќе ви кажам дека тој е единствениот спортист од Македонија кој е влезен во „Куќата на славните“. Во политичкото сивило, си реков, убаво е да слушнеш гостин кој ќе зборува на некоја друга тема, како спортот и пливањето, но жално е што и тоа не поминува без проблеми наметнати од политички интереси.

Пливањето како спорт во Македонија е доста популарен, сè повеќе деца доаѓаат на базените за да спортуваат и тоа е глетка што ве радува. Но, што е со оние деца кои сакаат пливањето да им биде професија во животот, кои сакаат да се искачат високо на пливачката мапа?

Она што особено е загрижувачко, како што посочи Стефановски, е што Македонија има традиционален маратон, Охридскиот, кој е еден од четирите такви во светот, но за жал нема пливачи кои во иднина достојно ќе нè претставуваат на оваа светска манифестација. Во машка категорија во моментов ги имаме брилијантните маратонски пливачи Евгениј Поп-Ацев и Александар Илиевски, а во женска категорија такви пливачи немаме. Последна жена која се тркала во маратонско пливање е познатата Теодора Раптис во 2005 година. И овие податоци се поразителни за нас како држава. Свежа крв нема.

Зошто е тоа така и зошто спортот во Македонија, особено оние дисциплини кои не се толку популарни како фудбалот и ракометот, тапка во место? Каде греши државата? Во немањето стратегија или во немањето интерес? Потребно е да се создаваат нови и млади кадри, но како?

Државата нема стратегија за маратонско пливање, како што посочи Стефановски, но ете, тој со сето свое искуство и знаење успеал да склопи една и да ја достави до Агенцијата за млади и спорт како најнадлежна институција, иако фидбек оттаму нема. Поддршка нема ниту од Пливачката федерација, која со години се соочува со милион проблеми и поделби на „наши и ваши“. Очигледно е дека државата се оглушува пред предизвиците. Зошто никој не седнал да разгледа што им нуди Стефановски, зошто никој не го повикал на разговор, да видат дали тоа што тој го смислил и понудил може да се реализира?

Убаво е кога на отворањето на Охридскиот маратон ќе ги видите премиерот и претседателот на државата, директорот на Агенцијата за млади и спорт, па дури и министерот за здравство, но дали тие барем еднаш се запрашале – зошто со години наназад Македонија не вади нови маратонски пливачи?

Потребно е државата конечно да си го стави прстот на глава, да ги засука ракавите и сериозно да почне да вложува во спортот. Да седне на маса со професионалци, бидејќи такви има, и да изгради стратегија која нема да се води од политика и профит, туку од спортски интерес. Да не се доведуваме во ситуација наши одлични пливачи да одат на Олимписки игри и да завршуваат меѓу последните или да имаме теквондисти кои ќе се враќаат со сребрени медали, а за нив првпат сме слушнале.

Спортистите не треба да бидат оставени сами на себе во градењето на својата кариера, бидејќи, на крајот на краиштата, на спортските манифестации каде што нè претставуваат, не го мавтаат семејното знаме, туку државното, и не пливаат под име на клуб или на родители, туку под името на државата. Убаво им е на политичарите кога се сликаат и да се фалат со успесите на спортистите, но во тие успеси треба да вложат пари, а не само блицови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот