ПИСМО ОД ЧИТАТЕЛ: Автопатите како промашена инвестиција: Добивме скапа играчка за која немавме некоја посебна потреба

Во минатиот социјалистички систем постоеше еден израз – промашена инвестиција. Тој израз –промашена инвестиција се однесуваше на проекти во стопанството кои поради погрешни проценки при одлучувањето, не ги постигнале очекуваните резултати. Таква, по ова, општо позната инвестиција во бившата држава беше железарата во Никшиќ во Црна Гора. Тогаш стопанстовто го водеше државата па така и инвеститор беше таа.

И во приватниот сектор, кој стана доминантен сопственик на стопанството по промената на системот во 90-тите години, има промашени инвестиции. Производни погони, продавници, угостителски објекти кои честопати не успеваат да застанат на своите нозе по нивното установување поради погрешни проценки при нивното планирање. Но, тука одговорноста за грешката паѓа на самите сопственици на средствата вложени во истите.

Постои еден сектор во стопанството во кој инвестициите ги прави државата, односно владата. Тоа е секторот на инфраструкурата. Еден дел од годишниот буџет на државата е наменет за инвестирање во инфраструктурни проекти. Па така со овие средства се градат патишта, железнички пруги, енергетски објекти, болници, школи, водоводи, канализации и се она што е потребно во државата. И тука, ако непромислено се вложат средствата, може да има промашени инвестиции. Една таква голема, на сите нам веке позната инвестиција е секако „Скопје 2014“ во која се вложени големи пари за нешто за што немало некаква голема потреба. А добивме уништен централно-градски простор со грозни објекти изградени со сомнителен квалитет и со уште посомнителни естетски вредности.

Но, овде ќе разгледаме нешто друго. Претходната влада, притисната од јавната критика дека не вложува доволно во патната инфрастурктура, поточно во автопатишта, набрзина се впушти во изградба на два автопати: Штип- Миладиновци и Охрид-Кичево. Во јавноста имаше многу критики за многу аспекти на овие две инвестиции, како начинот на инвестирањето, цената, коруптивните дејанија, некои проектни решенија итн.

Но, во сите анализи и дискусии водени околу овие два проекта ретко кога, а можеби и воопшто, не е спомнато, дали ни беа потребни тие два автопати. За да се одлучите да изградите автопат од точка А до точка Б треба да ги разгледате сите критериуми за таква одлука. Најважниот критериум е колкав е сообраќајот на тој правец, односно колку возила дневно поминуваат по тој правец, потоа проценките за очекуваниот раст на сообраќајот на истиот правец во наредните години. Втор критериум, не помалку важен, е дали овој правец лежи на некој стратешки правец важен за поширокиот регион па и континент.

На овие два спомнати правци во моментов нема повеќе од  3.000 дo 4.000 возила дневно. А и  во догледно време следните 10-20 години не можете да очекувате некој поголем раст, бидејки тие региони се слабо населени. Првиот критериум за автопат е да имате минимум  12.000 возила дневно. Значи овој критериум кај овие два автопати ни оддалеку не е исполнет. Некој ќе каже па добро, ќе имаме автопат, не е зијан, а еден ден ќе има и поголем сообраќај на него. Но, тоа не е така.

Автопатот од денот на пуштање во експлоатација почнува да се амортизира, независно дали имате многу, малку или воопшто возила на него. Временските влијанија како сонцето, дождовите, снегот, мразот, флората, си го прават своето. Има едно правило, а тоа е дека треба да вложувате по едно евро на секој квадратен метар од изградениот атопат на годишно ниво за негово одржување: чистење од одрони, наноси, снег, растенија, фарбање на хоризонталната сигнализација, одржувањето на пропратните објекти како мостови, тунели и тн. Згора на тоа, треба да одвоите уште по едно евро на метар квадратен, во фонд за амортизација со цел, после одреден број на години на експлоатација, да извршите обновување на истиот. Тоа значи дека за овие два автопати треба да се одвојува околу 4.400.000 евра на годишно ниво за нивно одржување. Со други зборови, добивме скапа играчка за која немавме некоја посебна потреба. Сега, да ги собереме средствата што се потрошени за гореспомнатите инвестиции и да беа тие вложени во работи што навистина биле потребни за ова општество, каде би ни бил крајот?

Стопанствениците секогаш ја притискаат владата што повеќе вложува во инфраструктурата затоа што тоа е добар замаец на стопанството. И тоа е во ред. Меѓутоа владата никогаш не треба дa ја изгуби од вид примарната причина зошто вложува во инфраструктурата. А тоа е да се задоволат потребите на опшеството, односно државата. Ако тој критериум не го задоволите, односно средствата не ги вложувате во проекти што задоволуваат вистински потреби, тогаш имате промашени инвестиции.

Овие денови две соседни држави дојдоа до нашите граници со два модерни автопати. Белград-Табановце и Приштина- Блаце. Едниот е дел од коридорот Е10 кој не води во Европа, а другиот е пат за Јадранското и Јонското крајбрежие, Албанија, Црна Гора, Хрватска. Каде сме ние во сето ова? Што треба да направиме за квалититно да се поврземе со овие два автопати?

Овде една топла препорака на сегашната влада, да направи сериозна анализа и да донесе најсоодветни решенија во инвестицијските проекти како би ја избегнала грешката да направи промашена инвестиција и бадијала да потроши народни пари.

 

Иван Манговски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот