Пировата победа на Али Ахмети

За човек што успешно балансираше и со десната и со левата политичка опција кај македонските партии и беше во коалициски влади со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ повеќе од 20 години, речиси е несфатливо да ги урива мостовите на комуникација и можностите за прагматична постизборна коалиција. Причината е веројатно очај и паника. Нема друго рационално објаснување.

Али Ахмети беше неприкосновен лидер на македонските Албанци во изминатите повеќе од 20 години. Ретко говореше во јавноста, а уште поретко даваше погрешни изјави. Оттука, навистина беше шокантно кога на последниот митинг на скопскиот плоштад пред гласањето во првиот круг од изборите, понесен од атмосферата, почна да извикува УЧК, УЧК! Тоа не го правеше никогаш, зошто да ја враќа ситуацијата на нешто од пред 23 години? Кому му помогна со таквите извици? И уште повеќе, тргна во лични дисквалификации и навреди против лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
За човек што успешно балансираше и со десната и со левата политичка опција кај македонските партии и беше во коалициски влади со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ повеќе од 20 години, речиси е несфатливо да ги урива мостовите на комуникација и можностите за прагматична постизборна коалиција. Причината е веројатно очај и паника. Нема друго рационално објаснување.
Веројатно Али Ахмети со сигурност знае дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе коалицираат со албанската опозиција и дека тој оди во опозиција. Можеби тоа ќе значи и крај на неговата политичка кариера, тие одлуки ќе зависат од многу фактори, а свои „кариерни аргументи“ може да дадат и странските сојузници.
ВМРО-ДПМНЕ едноставно е во ситуација кога не може да коалицира со ДУИ. Прво: затоа што со години зборува дека оваа власт која е симбол на корупцијата треба да замине во опозиција, а корупцијата во перцепцијата на граѓаните главно се врзува со ДУИ. Второ, самиот тој багаж на корупција го прави ДУИ политички „парија“. Едноставно, секоја македонска партија која коалицира со ДУИ е губитник. Една од причините за епскиот пад на власта на СДСМ која заминува од власта со историски најслаб резултат под 200.000 гласови е ДУИ. Во ВМРО-ДПМНЕ веројатно се свесни дека доколку коалицираат со ДУИ на наредните избори нив ги чекаат такви историски најниски бројки. Трето, политичката борба и реторика на која сме навикнати и која пред избори е прифатлива, ескалираше на лично ниво, со навреди, дисквалификации и „кекси“.
Прикаските дека „странскиот фактор и Калето“ ќе извршат постизборен притисок за ДУИ да мора да биде дел од власта се муабети на луѓе што не разбираат политика. Американската надворешна политика има една единствена константа, а тоа е прагматичност во спроведување на нивните политички концепти и геостратегиски цели. Оттука, тие ќе прифатат парламентарно мнозинство кое може да оди и до 70 пратеници, без да се плеткаат околу тоа дали ВМРО-ДПМНЕ прави влада со ДУИ или со ЗНАМ. Нив единствено ги интересира владата да им го испорачува она што е нивен геополитички интерес. Кој ќе биде во таа влада, за нив секако е речиси сеедно. Се разбира, во новата влада не може да има место за една анти-НАТО партија како што е Левица, на каква било коалиција со Апасиев никој не смее ниту да помисли.
Што се однесува до сеењето страв за дестабилизација доколку не биде ДУИ во владата, моите извори велат дека во ДУИ веќе биле предупредени од стратегиските партнери да не помислуваат на такви ескалации. Дестабилизации на цели региони не се случуваат за заштита на кариерите на поединци.
Е тука доаѓаме до прашањето дали Али Ахмети ќе се повлече од лидерското место на ДУИ по заминувањето во опозиција со „крената глава“ како победник и во пресметката меѓу претседателските кандидати и на парламентарните избори.
Доколку новата влада не го испорачува она што е интерес на НАТО-сојузниците, тогаш Али Ахмети и ДУИ ќе им требаат за да се врши дополнителен притисок врз новата влада.

Тогаш можеби странскиот фактор ќе почне да се вклучува во внатрешните политички процеси. Но, само во ситуација ако се загрозени нивните витални интереси. Доколку новата влада испорача и доколку имаат сенс за геополитика, тогаш идниот премиер ќе има одврзани раце да соработува и да коалицира со кого сака, да гони криминал и корупција, да ја спроведува целосно неговата политичка агенда.
Ако не се испорача, тогаш идниот премиер, независно од тоа колку убедлив триумф ќе има и какво комотно мнозинство ќе има во парламентот, ќе има сериозен проблем. Ќе мора да балансира со разни концесии со албанскиот политички партнер и тоа од старт ќе му донесе разочарување кај оние што гласаа за опозицијата, ќе ја алиенира меѓународната заедница и ќе го загрози владеењето.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот