Скапано пени

жанета скерлев
фото: Архива/ Жанета Скерлев

Англичаните имаат една интересна фраза, идиом за опишување на некој или нешто што се појавува одново и пак, посебно кога не е добредојдено. Некој што се појавува неочекувано, како бакарно пени кое се појавува и појавува и покрај тоа што било фрлено повеќе пати и никој не се наведнал да го земе, зашто никому не му требало.

Секој се смее на различни работи. Зависи од смислата за хумор. Мене, на пример, ме доведуваат до смеење со солзи некои серии и филмови и вицеви од кои, на други устата не им мрднува и не преоѓа во насмевка, а за смеење до стомакозаболување и да не зборуваме. Така, на пример, уште ме смее средношколскиот виц на еден јоспипброзовец кој беше… сега ќе мора да опишам со зборови, а шегата е визуелна … значи оди некако вака. Вицокажувачот прашува – дали знаеш што е ова, и со прстите од едната рака прави гестови како да оди некој. Не знам, вели вицореципиентот, то ест јас, и прашува – што е? Не знам, вели вицокажувачот и го прави пак истиот потег со прстите на едната рака, како да оди некој, не знам што е – ама еве го пак! Кога го кажувам ова, а го кажувам од време на време, главната публика која се смее се главно децата, што покажува две работи – дека јас имам чудна смисла за хумор и дека на времето сме имале многу детинести средношколски денови…
Англичаните имаат една интересна фраза, идиом за опишување на некој или нешто што се појавува одново и пак, посебно кога не е добредојдено. Некој што се појавува неочекувано, како бакарно пени што се појавува и појавува и покрај тоа што било фрлено повеќепати и никој не се наведнал да го земе, зашто никому не му требало. Исто така, се употребува за да се опише некој што се враќа и покрај тоа што бил одбиен или отпуштен повеќепати. Идиомот се употребува и за да опише проблем што постојано се враќа и никако да со замине засекогаш. „Се појавува како лошо/скапано пени“ е буквалниот превод. Или како во вицот не знам што е, ама еве го пак.
И така, откако виде дека неговиот новосоздаден другар има нешто проблеми со правдата и судовите во Соединетите Држави, „нашиот“ Најџел Фараж реши да крене раце од правењето советничка кариера на Доналд Трамп, и се припојави тука. Пак. А тукушто помисливме дека сме се откачиле од него, дека нè заборавил откако ја одработи кампањата за брегзит, полна со лажни вести и извртени бројки. Рече дека нема намера да ѝ се врати на политиката и дека нема да се кандидира за пратеник во парламентот на претстојните избори. И како уште еден доказ дека зборот не му вреди ни пет пари, пред десетина дена кажа дека сака да биде претседател на партијата „Реформ“ и дека ќе се кандидира за парламентарец. И веднаш почна со партиско-политичка програма и со појавување на дебати и коментирање на буквално сè и сешто. Најџел Фараж има една интересна навика да дава изјави на работ на коректноста и пристојноста… и потоа да ги искористи реакциите за постигнување, според него, политички поени. Кои, за жал, ќе допрат и ќе им се допаднат на некои тука (а богами и пошироко), зашто тие се од репертоарот на десничарската и ултрадесничарската групација со мотото Британија на Британците, ама оние што ним им се симпатични. Така, на пример, за премиерот Риши Сунак и неговиот гаф да не се појави на 80-годишнината на Денот-Д во Франција за да даде интервју за Ај-ти-ви, рече дека „Сунак не ја чувствува земјата како своја“. За потоа на прашањето што мисли со тоа и дали тоа има врска со Сунак како дете на индиски имигранти… да каже дека Комонвелтот бил извор на многу квалитетни луѓе во земјата. Типичен Фараж – ќе навреди, ќе ја пушти мамката и потоа ќе се вади на нешто друго. Ама кај луѓето ќе го пушти и сомнежот за тоа колку Риши е „вистински патриот“. Кај некои луѓе, мерењето на патриотизам на ваков, главно наметнат начин, за жал, делува. Како инаку да се објасни растечката популарност на Фараж кај конзервативните гласачи, посебно оние на кои сегашниот конзервативизам им е недоволно десен и недоволно радикален, што и да значи тоа. Фараж, кој ја направи политичката кариера врз кокетирањето со ултрадесничарите, поранешниот лидер на УКИП (United Kingdom Independent party), кој е обожавател на Путин (макар што рече дека не би ја пуштил мајка му да пие чај со него) и кој е еден од главните иницијатори за Брегзит, изјави дека брегзитот бил промашена работа… ете тој Фараж сега ги мати политичките води во земјата и се надева на политички поени на сметка на Ториевците.
И ете го Фараж – „скапаното пени“ назад на политичката сцена во ЈуКеј, обидувајќи се по осми пат да влезе во парламентот, зашто седумпати пробуваше и беше неуспешен. Не го сакаат сите. До сега една девојка фрли смути врз него, друг го нападна со цемент (шолја за кафе/чај полна со цемент во прав). До крајот на кампањата ќе има најверојатно и други инциденти. Тука фрлањето смути, сок, или нешто друго за пиење не е реткост. Некои велат Фараж сам ги нарачува фрлачите и фрлачките, зашто инцидентите му носат зголемена медиумска покриеност. Сепак, враќањето во британската политика на овој политичар не е смешно. Нема ништо смешно. Не предизвикува насмевка. Ниту цинична. Кај некои само кревање веѓи и ширење очи во хорор. Зашто знаеме кој е и што е. Ама еве го пак.

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот