Проширувањето на ЕУ и политичкиот рулет на Макрон

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Проширувањето со членки во соседството на ЕУ повторно се врати на агендата по почетокот на руската инвазија на Украина, откако во претходните години беше ставено во мирување и поттурнато под тепих. Но, (западно)европскиот ентузијазам за отворање на вратите за влез на нови членки и понатаму е мошне слаб.

Можеби некои земји премногу брзо беа примени во членството на ЕУ, без претходни подетални подготовки и соодветно вреднување на постигнатите реформски резултати. Вакви размислувања и понатаму се присутни во дебатата околу забавените процеси на натамошното проширување на ЕУ. Тука обично се сугерираат дилеми, каков што беше случајот со зачленувањето по „скратена постапка“ на Бугарија и Романија, но и не само кога се тие во прашање.
И дваесет години по големиот проширувачки „Биг Бенг“, Источна Европа и понатаму е во инфериорна положба во однос на западноевропската доминантна моќ. Нова голема експанзија на ЕУ тешко може да се очекува во догледно време. Особено не ако се остане на сегашните инсистирања на моќните западни членки дека земјите кандидатки мора претходно да ги исполнат сите строго поставени критериуми, според кои детално ќе се оценуваат реформските дострели. Прашање е, всушност, колку воопшто е можно да се очекува исполнување на таквите амбициозни барања и предуслови, без притоа малку да не се подзатворат очите пред некои хронични „пропусти и недоследности“. Во земјите кандидатки од Западен Балкан европскиот камшик удира многу посилно, отколку што го правеше тоа врз грбот на нивните соседи.
Факт е дека проширувањето со членки во соседството на ЕУ повторно се врати на агендата по почетокот на руската инвазија на Украина, откако во претходните години беше ставено во мирување и поттурнато под тепих. (Западно)европскиот ентузијазам за отворање на вратите за влез на нови членки и понатаму е мошне слаб. Но (како што деновиве во своја колумна нагласи поранешниот шведски премиер и шеф на дипломатијата, Карл Билд, еден од несомнените европски авторитети во оваа област), „сега, всушност постои широко сознание дека ако не ја отвориме вратата за Украина, никогаш нема да можеме да изградиме стабилен мир во Источна Европа“.
И, иако веројатно веќе звучи здодевно, да ја вратиме повторно приказната за (не)исполнувањето на строгите и јасно дефинирани Копенхашки критериуми за прием во членство. Украина е земја на чија територија се води жестока војна, во која на сите нивоа постојат сериозни проблеми со корупцијата, со нефункционалната администрација, земја со исклучително важен, но, според строгите ЕУ стандарди, нереформиран земјоделски сектор. Сепак, од разни страни доаѓаат силни заложби да ѝ се овозможи на Украина, без одложување, почеток на проговорите за членство.
Карл Билд, поаѓајќи веројатно од неговата „доследност“ во претходните проценки за „европските перспективи“ на земјите од Источна Европа, е дури „убеден дека Украина, и покрај многуте пречки што треба да се надминат, по пет години би можела да стои на работ на полноправното ЕУ членство, кога повторно ќе се одржат избори за Европскиот парламент“. Како и многумина други западни експерти, Билд не заборава во тој контекст да ги спомене и кандидатките од Западен Балкан, но само онака попатно, колку да не се заборават и нивните стремежи, иако малите балкански аспиранти, како на пример, Македонија и Црна Гора, значително побрзо и побезболно би можеле да бидат апсорбирани во ЕУ, отколку големата, разурната Украина.
Сепак, тоа што нескриено се очекува по неодамнешните европски избори, е набрзо да започнат формални преговори за членство токму со Украина. Чекањето на Западен Балкан и понатаму останува неизвесно. Без оглед што претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, во повеќе наврати пледираше дека е од голема важност да се внесат во членството земјите од непосредното соседство на ЕУ на Балканот, не ќе може да се заобиколи големиот отпор што кон таквите заложби го покажуваат некои западни членки, на пример Холандија, како и делови од Европскиот парламент, посебно оние во кои се вклучени екстремно десничарските групи.
Во кампањата пред неодамнешните избори во ЕУ, една од најголемите шведски парламентарни партии, екстремно десничарските Шведски демократи, повторно ја споменуваа „големата размена“ на луѓе и население, што наиде на одобрување и кај повеќе други екстремни групи. Лидерот на партијата Џими Акесон изрази поддршка за споменатиот термин во дебатен напис, а реториката ја заостри и нивниот топ кандидат за европратеник, кој изрази уверување дека треба да се зборува јасно и отворено околу ова прашање, бидејќи цели подрачја во големите шведски градови се „изложени на дешведизација“.
Терминот „голема размена“, кој се користи во функција на теорија на завера меѓу т.н. кругови на белата моќ, е создаден од францускиот писател Рено Ками. Согласно оваа расистичка теорија на Ками, која потсетува на тврдењата на лидерот на Шведските демократи, се пропагира дека политичките моќници активно го заменуваат француското и други европски општества со многу имигранти, а што се опишува како колонизација на Европа од страна на Африканците и исламизација со Арапите, при што масовната миграција ја следат демографски раст и пад на наталитетот на белите Европејци. Градејќи го митот околу систематска голема размена, Рено Ками предлага „ремиграција“, односно враќање на неевропејците, што во пракса значи етничко чистење.
Добро познато е дека проширувањето на ЕУ најмногу наидува на отпор во редовите на европските екстремно десничарски партии. Но во исто време успехот на екстремно националистичкиот бран што ја заплисна Европа на изборите во ЕУ, доживеа големо и сосема неочекувано изненадување во форма на експресна реакција на францускиот претседател Емануел Макрон, кој по поразот на европските избори од Националниот собир на Марин Ле Пен, најави предвремени избори во Франција. Мошне храбар, но, како што многумина побрзаа да кажат, и мошне ризичен потег. Бидејќи, ако Макрон не успее, цела Европа ќе ја плати цената.
Макрон можеби ги потценува своите противници, но во политичкиот рулет што го заврте, надевајќи се дека добивката ќе падне на негова сметка, се надева и верува дека мнозинството француски избирачи и понатаму не сакаат да дозволат екстремно десничарска партија да управува со Франција. Ризична стратегија која не ветува посебно голем оптимизам. Ако партијата на Ле Пен успее да ја освои власта и да формира влада во Франција, тоа би влијаело на Европа повеќе од кој било успех на какви било избори во ЕУ.
Иако Националниот собир во изминатите години правеше напори да го исчисти отворениот расизам од својот багаж, екстремниот национализам е и понатаму белег на нивното политичко дејствување. Партијата на Ле Пен се залага за затворање на границите на земјата, сака да воведе посебен третман со дискриминација на луѓето кои не се француски државјани, да ги отежне механизмите на европската соработка и да го запре натамошното зголемување на бројката на членки на ЕУ.
За поддржувачите и приврзаниците на напорите за забрзување на внатрешните реформи во Унијата и подготовките за следниот бран на проширувањето на ЕУ, тоа само би значело почеток на нова неизвесност во која би завлегле европските интеграции.
И, се разбира, нови, дежаву разочарувања.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот