Лавот рикна: мјауууу!

Марин Гавриловски

Владеењето на ВМРО-ДПМНЕ уште пред да се формира владата почна неславно, каде, кога и како ќе заврши – ќе видиме. По сè изгледа тоа многу малку ќе зависи од нив, а многу повеќе од другите.

Како меур од сапуница пукна изјавата на Христијан Мицкоски за национално единство дадена на еден од предизборните митинзи, во моментот кога раководството на ВМРО-ДПМНЕ дојде на гости кај раководството на Вреди уште додека Државната изборна комисија ги немаше објавено конечните резултати од овогодишните парламентарни избори, за заедно да го договараат новото парламентарно мнозинство. Знаете, во занесот на предизборната кампања политичарите како да се маѓепсани, како да се наоѓаат во транс, во некој само ним познат нереален свет и како да ги гледаат работите со розови очила, ветувајќи му на гладниот плебс (гладен првенствено во духовна, но по статистичките податоци за нашава држава и во буквална смисла) она што сака да го чуе и види. Па верувам дека вмровското гласачко тело со воодушевување ги слушаше восклиците на лидерот за национално единство, забегувајќи во мислите во сосема друга крајност од онаа што ја оставија социјалдемократите во заминување – целокупното функционирање на државава да зависи од еден центар на моќ со адреса во с. Мала Речица.
Но, воодушевувањето спласна во моментот кога стројниците од ДПМНЕ наместо за Куманово заминаа да преговараат во Чаир, оставајќи го Максим Димитриевски малку збунет, бидејќи една од опциите за формирање на парламентарно мнозинство одеше во насока на тоа ВМРО прво да коалицира со ЗНАМ и да обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот, па потоа да им се обрати на Вреди за создавање на уште поголемо, до двотретинско мнозинство. Ваквиот план изгледаше логичен кога е во прашање светогледот на ВМРО-ДПМНЕ, па нели последните букви од кратенката на оваа партија се: МАКЕДОНСКО НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО, а градите на раководството се воспалено црвени од удирање и повикување дека само тие биле борците за македонштината.
Но, изгледа оние другите, лукративните и приземни причини се поважни од идеологијата и верувањето во националното единство. Изборите поминаа, магијата исчезна, розовите очила се симнаа и сега рационално и со калкулатор в рака треба да се пристапи кон создавање нова владејачка структура, која ќе може да менаџира пред сè со буџетските средства, а потоа и со сè друго.
А кога е во прашање парламентарното мнозинство, особено она двотретинското (за чие добивање во минатото „маестралната способност за преговарање“ на Заев високо ја постави летвичката) сите средства се дозволени, па Мицкоски проголта уште едно свое ветување дадено во занесот на предизборието, а тоа е дека нема преговори со ДУИ и дека тие заминуваат во опозиција, а како што изјавуваа и некои припадници на новото владејачко мнозинство, демек и во Идризово, па седна со нив на иста маса да ги моли за двотретинско мнозинство потребно за „рационализацијата“ на државните органи со која се зголеми (наместо да се намали) бројот на министерства во владата.
Тоа ме потсети на едно минато време кога ВМРО како владејачка партија со својот пропаганден потенцијал (целосна контрола врз медиумите), многу често, лековерните вмровчиња ги пренесуваше жедни преку вода по пат на медиумски манипулации на послушните новинари кои за времето на груевизмот станаа милионери и тоа во евра, пласирајќи ги оние вести оркестрирани од белата палата. Па, така, сега нереформираната ВМРО-ДПМНЕ зголемувањето на бројот на министерства го подведе под поимот „рационализација“ (оксиморон), уште еднаш потсетувајќи нè дека речиси ништо не се променило во оваа партија од пред десет години. Тие повторно се обидуваат да ни ја продадат тезата дека црното е бело и обратно. Жално е што сè уште огромна група граѓани веруваат во овие идиотски наративи. Но, волкот и неговата ќуд се тема за посебна колумна.
Сега да се вратиме на „забранетата“ љубов од интерес помеѓу новата власт и новата (барем официјално) опозиција. ДУИ великодушно ја подаде својата рака за соработка и позитивно одговори на барањето на Мицкоски за двотретинска поддршка на зголемувањето на бројот на министри, се разбира од ракавот вадејќи го своето барање, по принципот „брат за брат, сирење за пари“, па во добропознатиот уценувачки манир побара од Мицкоски формирање парламентарна комисија која ќе ја следи правичната застапеност на Албанците во органите на државната управа на чело со пратеник што ќе го одбере ДУИ. И ова е, меѓу другото, потег од корпусот лаги наречени „рационализација“. Понекогаш ќе се посомневам во значењето на зборовите што ги употребувам.
Ако по утрото денот се познава, тешко нам со оваа двоглава власт. Од една страна, ДПМНЕ и Вреди како официјална власт, а од другата страна ДУИ како официјална опозиција, но власт во сенка, секогаш кооперативна кон предлозите на власта во ситуација кога од нив може да извлече нешто во своја полза. Нема да ме изненади ако во блиска иднина реториката на власта во која се споменуваше Идризово пополека се ублажи, можеби со споменување на затворот во Струга, позната излетничка дестинација на нашите ВИП-осуденици.
Она што ВМРО во преговарачкиот процес за формирање на новото владино мнозинство го изедначува со СДСМ (која меѓу другото ги изгуби изборите и поради сервилниот однос кон ДУИ) е фактот што еден од принципите за преговарање наводно бил: кои директорски места ги имала ДУИ, истите да ги има и Вреди. По мое мислење овој принцип е опасен и води кон уште поголема деградација на државните институции. По којзнае кој пат треба да се повтори дека државните институции ќе бидат онолку успешни и ќе претставуваат вистински сервис за граѓаните (тоа е нивната основна функција) доколку со нив раководат лица способни и компетентни во својата професионална област, а не лица кои дошле на раководните функции единствено поради фактот што му припаѓаат на одреден етникум. Многубројните примери, од кои последен е оној со техничката директорка на Клиниката за токсикологија доволно говорат за потребата директорските места да не се даваат по национален клуч, туку по принципот на стручност и компетентност.
Доколку се точни списоците што се лиферуваат во јавноста, директори од Вреди може да очекуваме и во Филхармонијата и во Музејот на современа уметност. Дали интенцијата на Вреди е да завладее со сите државни институции од онаа страна на Вардар или пак е ова само случајна коинциденција?
Во секој случај, владеењето на ВМРО-ДПМНЕ уште пред да се формира владата почна неславно, каде, кога и како ќе заврши – ќе видиме. По сè изгледа тоа многу малку ќе зависи од нив, а многу повеќе од другите. Кога е во прашање реализацијата на меѓународно прифатените обврски на државава, свој удел во тоа колку и како ВМРО ќе остане на власт ќе имаат нашите меѓународни сојузници, а внатре во државава, коалицијата Вреди, која по преговарачките капацитети покажа дека не е за потценување и дека нема да биде само гласачка машинерија на послушните албански вазали на Мицкоски туку напротив, силен, ако не и одлучувачки столб на новата владина коалиција, се разбира со своја агенда и свои интереси.
Што се однесува до гласачите на ВМРО-ДПМНЕ кои веќе во себе почнуваат да го акумулираат своето незадоволство, останува да ја повториме онаа шега од пред десетина години, според која си биле еден орел и еден лав и лавот оди кон орелот и му вика: мјаууу. Не е смешно, нели?

(Авторот е адвокат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот