Перспективата: град на несреќни луѓе

Фото: Архива

Градот, како да има задача да произведува несреќни луѓе. Несреќата и тагата, кои и досега, во различен вид, ги среќававме насекаде околу нас, во наредниот период, се чини, сè повеќе ќе се разлеат по улиците и сокаците, по куќите и становите, на овој наш темен и тмурен град. Несреќното чувство, она обично секојдневно несреќно чувство што ги следи мнозинството луѓе во овој наш град се должи на погрешниот поглед врз светот и животот, на уништувањето и протерувањето на чесните и трудољубивите, на градењето погрешен, суеверно-религиозен и малограѓански морал, кој води кон директно, систематско и темелно уништување на разумот и природните потреби и страсти од кои, всушност, зависи целата среќа.

Нарцисоидните градски политичари, во тесна соработка со полуписмените локални тајкуни и простите религиозни фанатици, облечени во црно, сè повеќе ќе произведуваат малограѓанска класа, составена од глупаци, насилници и пуритански моралисти, односно од луѓе што ќе имаат крајно вулгарно-материјалистичка неолиберална филозофија, која, впрочем, е најсоодветна за нивната мајмунолика природа. Кај овие орангутани во човечки облик, атавистичкиот инстинкт е, и ќе биде, поголем и поважен од умот и разумот, но за да биде несреќата уште поголема, дел од нив, пред сè, политичари и крупни буржуи, ќе бидат промовирани во парадигма за успех и слава.

Затоа, во нашиот медиокритетски град малограѓаните ќе се натпреваруваат во некаква нивна илузорна „борба за успех“, која подразбира „да се има повеќе од соседот, колегата, сограѓанинот…“ и „да се уништи подобриот, поубавиот, поспособниот, поработливиот, почесниот…“ Впрочем, како што самобендисаните и прости политичари, деновиве тоа и го прават. Таквите, си мислат и ќе си мислат, дека профитот, алкохолот и сексот се портите кои водат до царството на неизмерното задоволството и на ненадминливата радост. Не знаат дека овој нивен „радикален хедонизам“, умниот Ерих Фром одамна го разнебитил како вистински извор на среќа, а уште помалку слушнале за оној голем англиски писател Александер Поуп, кој уште во осумнаесеттиот век, забележал дека „забавата е среќа само за оние кои не знаат да мислат“. Имено, сосема е очигледно, дека и богатите, многу често, се несреќни, а најчесто тоа доаѓа од нивната алчност, од нивните очекувања парите и имотот да им донесат уште повеќе пари и имот и да им ја купат среќата, за да може да ги надминат оние околу себе во распуштеноста и вештачкиот козметички сјај. Така, и во иднина може да се очекува дека под влијание на грандоманската алчност на ситната и крупната градска буржоазија и суетната завист на неспособните политичари и малограѓани, несреќата ќе биде претворена во неизбежна придружничка на градскиот живот.

Во нашиот град, разликата меѓу поимот цивилизација и секојдневната стварност, сè повеќе ќе станува евидентна, а успех е, и ќе биде, да се остане свој, достоинствен и морално чист и, истовремено, доволно разумен и смирен за да не се наседне на ниедна лага, на ниедно озборување, на ниедна измама и подметнување, од завидливите малограѓани, суетните и искомплексирани буржуи и криминогените политичари. Таквиот „успех“ ќе биде сосема доволен за секој градски чесен и скромен политичар, интелектуалец или човек да се чувствува задоволно и среќно и да биде секогаш почитуван од своите сограѓани. Впрочем, одамна е утврдено дека honesten fama est alterum patrimonium (добриот глас е втора татковина). А, се чини дека оние што владеат, никако не можат да научат дека нивното време ќе може да се смета за успешно и ќе се памети како такво само ако успеале да ги поддржат чесните неимари во разните области од градскиот живот, ако направат мнозинството нивни сограѓани да се чувствуваат добро и среќно и, ако поради тоа, направат „добар глас“ за себе и своите семејни наследници.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот