Пендаровски: Европа не ни треба само за пазарот, туку и поради функционалноста на институциите

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Евроатлантските аспирации не предизвикуваат поделби, туку се фактор за кохезија, за единство на нашето општество, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешното предавање на реномираниот Универзитет „Ла Сапиенца”, кое го одржа во рамки на неговата дводневна посета на Република Италија.

Пред студентите и професорите од Универзитетот, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, се осврна на три теми, Преспанскиот договор, Европската унија и аспирациите на Северна Македонија кон Унијата и предизвиците со коишто се соочува регионот на Западен Балкан.

Претседателот Пендаровски истакна дека договорот со Грција има историска важност за Македонија, но и дека е подеднакво важен и за Грција. Преспанскиот договор, подвлече тој, го гарантира идентитетот на граѓаните, го признава македонскиот јазик и им дава право на сите, без разлика каде живеат да се изјаснуваат како Македонци.

Благодарение на Преспанскиот договор, според Пендаровски, Северна Македонија за неколку месеци ќе стане полноправна членка на НАТО. Во однос на целосната имплементација на Преспанскиот договор, којашто зависи од отворањето на поглавјата со Европската Унија, претседателот изрази уверување дека во иднина никој нема да го опструира процесот, имајќи предвид дека договорот ги штити националните интереси на Северна Македонија.

– Европа не ни треба само за пазарот, Европа ни треба поради културните, социолошките, економските стандарди, поради функционалност на институциите. Дополнителен мотив за нас е фактот дека 85 отсто од граѓаните на Северна Македонија, од сите етнички заедници, го поддржуваат нашето членство во Европската унија – рече претседателот Пендаровски, осврнувајќи се на последната одлука на Унијата да не одреди датум за почеток на преговорите со нашата земја.

Во оваа насока, шефот на државата рече дека никој во Северна Македонија не е против менување на методологијата, ниту против можноста за реверзибилност на процесот, доколку некоја земја има назадување во текот на преговорите. Но, нагласи тој, неприфатливо е Македонија да се ословува како да е сосед на Унијата.

Најавувајќи ја средбата со претседателот на Франција, Емануел Макрон на 12-ти овој месец, претседателот Пендаровски ја поздрави и иницијативата на Република Италија на редовниот состанок на Советот за општи работи, што ќе се одржи на 19-ти овој месец, на агендата да се вметне прашањето за  Македонија и Албанија.

Во своето предавање, претседателот Пендаровски се осврна и на состојбите коишто се актуелни во регионот, ставајќи акцент на дијалогот Белград – Приштина. Тој подвлече дека ако не се најде решение прифатливо за двете страни, тогаш проблемот може да се прелее и во Македонија. А во случај да дојде до промена на границите, претседателот Пендаровски побара меѓународна гаранција дека нашата земја во никој случај нема да биде оштетена.

Пендаровски се сретна со ректорот на Универзитетот, проф. Еугенио Гаудио, со деканот на Факултетот за политички науки, социологија и комуникации, проф. Тито Марчи, како и со истакнати професори од Универзитетот. На средбата, меѓу другото, беше истакнато дека е потпишан протокол за соработка меѓу Правните факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” и Универзитетот „Ла Сапиенца” во Рим.

Универзитетот „Ла Сапиенца” е најголем во Европа, со повеќе од 113 илјади студенти од целиот свет, а на него секоја година се дообразуваат 100-тина студенти од Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот