Павле Гацов, даночен експерт: Даночната реформа требаше порано да се претстави, носи неизвесност за фирмите

Павле Гацов, финансиски консултант
Павле Гацов, финансиски консултант / Утрински брифинг

Главна алатка на праведноста е прогресијата, вели даночниот експерт Павле Гацов. Но сепак, забележува тој, важно за праведноста е и елиминирањето на сивата економија, што е потенцирано и во даночната реформа.

– Во однос на бизнисот, за поздравување е што се укина прогресивниот данок, таков како што беше предвиден во законот. И добро е што во оваа даночна реформа се имплементирани 60 до 70 проценти од забелешките на бизнис секторот. Но, она што е за замерка, е временската рамка за имплементирање на реформата, односно неизвесноста кај компаниите. За да си ги прават буџетите, компаниите ова требаше порано да го знаат, барем во септември – вели Гацов во изјава за „Слободен печат“.

Во однос на борбата против сивата економија, тој потенцира дека таа треба се базира главно на два столба – на дигитализацијата, и на речиси исфрлување на готовината од употреба.

– Не е праведно и некои да се во сивата економија. Долги години се зборува за борбата против сивата економија, но посакувани резултати се` уште нема – вели Гацов.

Гацов вели дека е за поздравување и решението за намалување и укинување на даночни ослободувања, затоа што така се проширува даночната основа и ефектот може да биде и поголем отколку што би се постигнал и со зголемување на данок.

– Со проширена даночна основа, се добиваат повеќе пари за истата стапка од 10 проценти – објаснува Гацов.

Колку за илустрација, на едно од претставувањата на даночната реформа, министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека веќе нема да има даночно ослободување за животно осигурување и за уплатена премија за доброволно здравствено осигурување, како и за приватно пензиско осигурување, затоа што овие ослободувања како мерки за стимулација веќе си ја постигнале целта.

Праведноста, според Гацов може да се огледа и во укинување на повластената даночна стапка од 5 проценти за некои производи кои повеќе се луксуз, отколку неопходен производ.

Тој вели дека очекува во наредниот период да се прецизира како би одело одночувањето на екстра профитот на компаниите, но потенцира дека доколку се однесува на 2022 година, тоа би значело ретргоградно применување на закон.

Според Гацов, во однос на прогресивното оданочување се пропушти шансата за една умерена прогресија на данокот, со што ќе се постигнеше добар ефект, место стапка од 10 проценти за едни, а за други 18 проценти, односно 80 проценти повеќе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот